1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанската влада планира укинување на општина Пустец

БГ/макфакс10 јануари 2014

Медиумите на Македонците во Албанија откриле дека се подготвува укинување на општината Пустец, населена мнозински со нивни сонародници. На планот се спротивставува и опозицијата во земјата.

https://p.dw.com/p/1AoUi
Фотографија: DW

Со новиот Закон за територијална поделба што се подготвува и кој треба да стапи на сила за локалните избори во 2015 година, албанската влада ќе ја укине општина Пустец, којашто речиси целосно е населена со Македонци, што е предвидено во нацрт-верзијата на новиот закон за територијална поделба

Според верзијата до којашто дојде весникот на Македонците во Албанија - Македониум, со овој закон кој го подготвува работната група на албанската влада предводена од Бленди Чучи, државен министер за локална самоуправа, се предвидува општина Пустец во областа на Мала Преспа да се припои кон неколку албански општини.

Новата општина ќе се вика Полени (Појан) ќе опфаќа три околни општини и неколку села и ќе има население од 41.396 илјади жители.

Припојувањето на општина Пустец со албанските општини не е во интерес на Македонците во општина Пустец, бидејќи во новата општина Македонците би немале никакво влијание и она од што најмногу се стравува е дека новата општина која ќе биде раководена од градоначалник Албанец и советот на општината сочинет од Албанци, ќе го раздадат општинското земјиште кое се наоѓа на брегот на Преспанското езеро.

Оваа нова општина, исто така, не би била функционална за Македонците во општина Пустец, затоа што за секаква услуга би требало да патуваат 40-ина километри до седиштето на новата општина.

Предлог-верзијата на новиот закон не е објавена во јавноста и процесот на консултација покренат од владата на Еди Рама го бојкотираше опозицијата и организациите на општините предводени од опозицијата, кои бараат друг пристап за ова реформа. Фердинанд Пони, одговорен за локалната самоуправа во владата на поранешниот премиер Сали Бериша, во четвртокот изјави дека оваа реформа не може да тргне од владата, туку во парламентот, со една натпартиска комисија, истакнувајќи дека Демократската партија одбива да работи врз основа на драфт-верзија подготвена од владата.

За гласање на овој закон потребни се 84 пратеници, а владата на Еди Рама заедно со коалицискиот партнер Илир Мета, имаат 85 пратеници.