1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аларм за чад пред уривањето на авионот

ЕМФ /афп/ард21 мај 2016

Додека трае потрагата по црните кутии на авионот на Еџипт Ер, доаѓа информацијата за проблеми во леталото непосредно пред уривањето. Потврдено е дека од авионот стигнале сигнали за чад во кабината.

https://p.dw.com/p/1IsCk
Фотографија: picture-alliance/Russian Look/V. Vorono

Француските власти за истражување на авионски несреќи (БЕА) ги потврдија информациите во медиумите за аларм поради чад во авионот, кој се урна додека леташе од Париз за Каиро. Непосредно пред да биде прекинато пренесувањето на информации од леталото, авионот преку системот за комуникации Акарс испратил автоматска информација „која укажува на чад во кабината“, изјави портпарол на БЕА денеска за агенцијата АФП. Меѓутоа, како што се нагласува, од ова сѐ уште не може да се извлекуваат заклучоци за причината за несреќата.

Претходно, „Волстрит Журнал“ и Си-Ен-Ен јавија дека пред да се урне авионот автоматски се вклучиле алармите за чад. Тоа се случило во 02:26 часот, по што авионот со 66 патнции и членови на екипажот исчезнал од радарите. Сигналите јавуваат за чад во предниот дел на леталото, пред сѐ во тоалетот во тој дел од авионот и во просторија за апарати која се наоѓа под кокпитот, а во која се сместени важни апарати од електрониката во кокпитот, јави „Волстрит Журнал“, повикувајќи се на извори од истрагата. Освен тоа, сигналите предупредиле и дека системот за контрола на летот не функционира како што треба.

DW online Flugroute EgyptAir Karte eng
Рутата на летање на авионот

Конкретни информации за причините за несреќата би требало да дадат црните кутии од авионот, по кои сѐ уште се трага. Екипите кои учествуваат во потрагата сега се концентрирани на подрачје со радиус од околу 74 километри околу местото каде што се претпоставува дека се урнал авионот, јужно од островот Крит, изјави шефот на Еџипт Ер, Сафват Мослем. Ако е неопходно, подрачјето на потрагата ќе биде проширено, нагласи тој.

Ägypten Egypt Air Suche
Се трага по црните кутииФотографија: picture-alliance/dpa/H. Rimmer/BRITISH MINISTRY OF DEFENCE

Еден сателит откри два километри долга трага, најверојатно од нафта, на 40 километри југоисточно од позицијата на која последен пат е лоциран авионот А320. Меѓутоа, од каде потекнува дамката не е јасно.

Вчера беа откриени првите остатоци од авионот. Спасувачките екипи од Средоземното Море извадија делови од тела, багаж и седишта од авионот. Според експертот на египетската Воена академија, Хишам ал-Халаби, морето во тој дел е многу длабоко.