1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АИ за Македонија: Корупција во власта

Е.М. Фиданоска /amnesty.org24 февруари 2016

Објавувањето на аудио снимките не само што открија корупција во владата, туку покажаа и дека постоел широко распространет таен надзор, се вели во извештајот на Амнести Интернешнал за Македонија.

https://p.dw.com/p/1I0yw
Фотографија: DW/N. Jolkver

Извештајот на Амнести Интернешнал (АИ) за Македонија почнува со политичката криза во земјата и објавувањето на аудио снимките со разговори меѓу министри, членови на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ и други лица од јавниот живот.

Снимките објавени од лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев открија корупција во владата, злоупотреба на функциите, изборни измами и недоволно почитување на човековите права и на владеењето на правото, вклучувајќи и мешање во независноста на судството, се вели во извештајот. Натаму се вели дека Заев беше обвинет, заедно со други лица, за кривични дела, вклучувајќи и шпионажа. Владата тврди дека снимките се фабрикувани од страна на странски разузнавачки служби. Амнести Интернешнал дава и кус преглед на настаните во Македонија од пролетта, притоа наведувајќи ги протестите против власта, оставките на луѓе од владејачката гарнитура, Договорот од Пржино, враќањето на опозицијата во Парламентот, основањето на Специјалното обвинителство.

Што се однесува до слободата на изразување, АИ изнесува проценка дека над две илјади новинари биле под надзор на владата. Се оценува дека објавените снимки укажуваат на индиректно финансирање на провладини медиуми и политичко влијание врз изборот на новинари и содржината на вестите. Нападите врз независните новинари продолжиле, констатира АИ и ги наведува смртните закани кон Борјан Јовановски и ударот врз Саше Ивановски од страна на вицепремиерот. Се констатира и ослободувањето на Томислав Кежаровски од домашен притвор.

Во делот за прекумерна употреба на сила, Амнести наведува дека на 9 мај специјални полициски единици почнале вооружена операција во Куманово, со цел, како што се тврди, да се спречат напади врз државни и цивилни цели. Притоа, загинале 14 етнички Албанци и осум полицајци. Триесет етнички Албанци, вклучително и поранешни членови на Косовската ослободителна војска беа уапсени. Некои од нив тврдат дека биле тепани во притвор, се вели во извештајот на АИ и се додава дека Министерството за внатрешни работи ги игнорирало повиците за независна истрага.

Што се однесува до бегалците и барателите на азил во изминатата година, Амнести наведува дека низ земјата минале најмалку 600.000 мигранти и бегалци, главно од Сирија. Тие минале низ Македонија со цел да бараат азил во ЕУ. За периодот пред јуни 2015-та, се наведува дека бегалците биле рутински враќани или пропуштани да минуваат, при што дел од нив биле и лошо третирани од страна на граничната полиција. Бегалците биле и подложни на експлоатација од страна на шверцерите и цел на напади на вооружени банди, оценува АИ.

Организацијата за човекови права го наведува и податокот дека околу 10.210 македонски државјани, од кои поголемиот дел Роми, бегајќи од дискриминација и сиромаштија побарале азил во некоја од земјите на ЕУ, но само мал дел од нив успеале во тоа.

Во извештајот за состојбата во Македонија, Амнести во посебен дел се осврнува и на правата на ЛГБТИ-заедницата. Се потсетува дека во текот на Неделата на гордоста во јуни активисти протестирале против неуспехот на властите да ги истражат нападите врз припадници на ЛГБТИ-заедницата и врз нивната организација. Освен тоа, се наведува и дека во јануари Парламентот гласал за измени на Уставот, за бракот да се дефинира исклучиво како заедница меѓу маж и жена.