1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Адвокатката Петра Хајнике од Минхен

1 декември 2010

Нејзино најважно помошно средство е диктафонот. На него Петра Хајнке диктира на тешко разбирлив германски за правници. Но, зад овие зборови се кријат конкретни судбини.

https://p.dw.com/p/QALl

Петра Хајнике седи во нејзината сончева канцеларија, оддалечена само неколку минути од плоштадот Карлсплац во Минхен. Тоа е една од најдобрите локации во градот. Во раката држи диктафон, со кој снима реченици кои звучат вака: „... Се навраќам на нашиот разговор, советувањето од минатата недела, и во тој контекст Ви го испраќам приложеното резиме од протоколот.“

Тоа звучи сувопарно, но за 50-годишната жена со куса темноруса коса и сини очи значи шаренолик живот. Имено, зад стручниот германски јазик за правници се кријат човечки судбини на работници во фабрика, медицински сестри, пекари, менаџери...

Љубов кон логиката

Дискрецијата е највисокот императив за адвокатите. Затоа таа не смее да зборува за нејзините случаи. Така, Петра Хајнике порадо зборува за тоа што ја фасцинира во нејзината професија: „Кога купувам весник во трафика, не размислувам каков е навистина производствениот процес на весникот. Сепак, кога застапувате вработени во некоја новинска куќа, или оние кои го печатат весникот, тогаш вашата претстава за нивниот свет добива нови акценти.“

Gesichter Deutschlands Porträt PeHeP2
Најголемо задоволство и‘ е анализирање ситуацииФотографија: gerry-schlaeger.de, München

Петра Хајнике го препознала нејзиниот интерес за логично размислување уште во училиштето и се одлучила за правните студии: „Тоа ми причинува најголемо задоволство, анализирањето на ситуации.“ Случајноста предодредила нејзиниот работодавач да биде специјализиран за туристичко право. Повеќе од 20 години таа води процеси за туристички агенции, ги пишува таканаречените општи деловни прописи и ги проверува текстовите во каталозите со понуди за патувања.

Адвокатка со срце

Туризмот не е нејзината единствена специјалност. Петра Хајнике се‘ повеќе се занимава со работното право. Предизвикот се состои во тоа, „...сериозно да му пристапите на секој човек и да не кажете - да, тоа е 50-от случај на отказ кој го застапувам годинава, туку - тоа е првиот отказ кој го добил овој човек во неговиот живот.“

Какво е чувството во таквите случаи, Петра Хајнике знае од сопствено искуство. И таа еднаш ја изгубила работата. Потоа „одбрала нова насока“, што звучи подобро, и отворила сопствена канцеларија заедно со уште една колешка. Сега таа самата е шеф и има свои вработени, кои многу ја ценат. „Таа е многу љубезна, многу ангажирана и цврста жена“, вели младиот адвокат. Секретарката на тоа додава: „Во поглед на стручноста, таа е многу компетентна жена, а инаку и многу другарски настроена. Строга, но правична“.

Книги, Бах и ќилибарни чаши

Од пред некое време нејзиниот тим има нов член. „Здраво Оскар!“, довикува Петра кога влегува во канцеларијата. Оскар е кафеаво куче мелез, кој една од вработените го носи со себе на работа. Тоа Петра Хајнеке ја прави среќна. Таа е голем љубител на кучиња, но дома нема милениче: „На кучето во мојот дом не би му било добро, оти водам многу непостојан живот“. Работата на адвокатката тешко може да се планира, вели 50-годишната Петра, која во истовреме има и доброволни ангажмани.

PeHe* Gesichter Deutschlands Porträt
Дневната соба е полна со чаши со жолта ќилибарна бојаФотографија: DW

На приватен план Петра Хајнике е разведена, нема деца и живее сама во нејзиниот трособен стан. Таму веднаш се забележува нејзината голема страст, оти дневната соба е полна со чаши со жолта ќилибарна боја. „Примероци, кои морав да ги купам“, вели таа.

Дома се одмара од нејзината стресна професија најрадо со чај и музика. Актуелни се и нејзините фаворити - концерти од Бах и јужноамерикански џез. Во секој случај за релаксирање чита и книга, која може да биде крими, класик, како и некоја биографија. Книгата во нејзиниот регал која има највпечатливо место од сите се вика: „Јустиција е жена“.

Автор: Роман Гончаренко / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска