1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија сака побрза депортација на бегалците

НД/ дв
13 октомври 2016

Австрискиот министер за внатрешни работи Волфганг Соботка ја повика ЕУ да вложи повеќе напори да ги спречи бегалците да влезат во Унијата.

https://p.dw.com/p/2RAne
Deutschland Flüchtlinge in Passau
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

Во денешното интервју за германскиот дневен весник „Ди Велт“, австрискиот министер за внатрешни работи Волфганг Соботка ја повика Европската унија да ги зголеми напорите за да ги спречи бегалците да стигнат до Унијата. Соботка, од десничарската, Австриска народна партија, исто така ги повика членките на ЕУ да ја забрзаат депортацијата на луѓето чии барања за азил се одбиени.

„Проширувањето на Фронтекс е прв чекор во вистинската насока, но треба да следат повеќе чекори со цел да се овозможи да се заштитат надворешните граници на ЕУ“, изјави Соботка за „Ди Велт“, осврнувајќи се на патролите на ЕУ во Средоземното море. „Имаме парадоксална ситуација, бидејќи луѓето кои не ги исполнуваат условите за азил, не можат да бидат депортирани назад во земјите од каде што доаѓаат“, изјави тој.

Deutschland Berlin Österreich Treffen Innenminister Wolfgang Sobotka
Волфганг Соботка бара забрзано протерување на одбиените баратели на азилФотографија: picture alliance/dpa/R. Hirschberger

Австрија претходно се најде на мета на критика по заканата дека ќе суспендира дел од Шенген-обврските и дека повторно ќе воведе гранични проверки на границата со Италија. Иако Германија ја критикуваше ваквата намера, пред една година проверки беа воведени токму на границата со Австрија.

Полна агенда

Интервјуто на Соботка е објавено во пресрет на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ кој треба да се одржи денеска во Луксембург. За германскиот весник, Соботка изјави дека луѓето нема да престанат да доаѓаат доколку Европската унија продолжува да им дозволува да се пријавуваат за азил откако ќе ги „спаси“ од бродовите во Средоземното море.

Министрите ќе дискутираат за планираните договори на ЕУ за задржување и депортирање со „трети земји“ или со земји кои не се членки на ЕУ и не се земји на потекло на бегалците, вклучувајќи и можни договори со владите во Африка. Исто така, тема на разговор може да биде и распределувањето во рамките на ЕУ на бегалците на кои веќе им е одобрен азил. Земјите кои одбиваат да преземат дел од бегалците може да се соочат со финансиски пенали.

Исто така, на агендата ќе се најде и Грција, земја која беше финансиски ослабена од страна на ЕУ и меѓународните кредитори и која е главна точка за влез во ЕУ за бегалците. Критичарите велат дека Грција има премалку прифатни центри за бегалци, каде што би можеле да бидат регистрирани и привремено сместени додека се донесе одлука дали ги исполнуваат условите за одобрување на азил.