1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Tell Mama“ се бори против исламофобијата

Во Велика Британија жртвите при анти-исламистички инциденти можат да се обратат на организацијата „Tell Mama“. Во остатокот од Европа борбата против исламофобијата е послабо изразена.

„Повеќепати бев нападната. Добив боксови, ме плукаа и туркаа“, вели една жена-жртва, која сака да остане анонимна. „Мене брутално ме удираа по глава, потоа намерно ме прегазија пред очите на мојот сопруг и мојот мал син. Притоа бев бремена во шести месец“. Жената со шамија своите искуства ги опишува во видеофилм за интернет страницата на организацијата „Tell Mama“. Оваа британска организација со впечатливо име „Раскажи ѝ на мајка ти“ регистрира непријателски напади кон исламот на улица или на интернет, кои жртвите самите ги јавуваат преку телефон, СМС или интеренет. „Mama“ е всушност кратенка од „Пријавница за анти-исламски напади“.

Fiyaz Mughal

Фијаз Мугал директор на „Tell Mama“

Оваа организација работи од 2012 година. Доброволци притоа разговараат со жртвите по принципот на пружање телефонска помош. Зад порталот стои една интеррелигиозна фондација. Директорот Фијаз Мугал дели дека „Tell Mama“ во последните 18 месеци регистрирала речиси 1.200 инциденти во Англија и Велс. „При нашите анализи сосема јасно гледаме дека бројот на инцидентите се зголемува, кога претходно се случува нешто, на национално или интернационално ниво“, вели Мугал за ДВ. Кога на пример на 22. мај годинава во Волвич беше брутално убиен еден британски војник од страна на двајца исламисти, бројот на непријателски напади врз муслиманите и напади врз џамии се зголеми за извесен период.

Исламофобски коментари на Фејсбук и Твитер

Поголемиот број инциденти меѓутоа не се случуваат повеќе на улиците, туку на интернет, вели Фијаз Мугал. На Фејсбук, на Твитер или преку другите социјални мрежи се напаѓаат или навредуваат жените со шамија или превез или мажите, кои може да се препознае дека се муслимани. „Веќе имаше и закани за убиство“, вели Мугал. „Онлајн активностите се огромни. Има насилство на улиците, но тоа не е одлучувачко“. Поважни биле активностите на интернет, каде многу организирано се шират антиисламски пароли. Најчесто тоа се десните радикали, расистите, луѓето кои го мразат исламот, но и оние кои едноставно не ги сакаат муслиманите. Во Велика Британија со непријателска кампања кон исламот предничи пред сѐ десно-екстремната политичка организација Англиска одбранбена лига (English Defence League).

Screenshot tellmamauk.org

Интернет страницата на „Tell Mama“

Исто така и во Франција зачестија нападите врз муслиманите, пишува Елса Реј од организацијата Паневропска програма против исламофобијата во Европа во онлајн службата EU-Observer. Во јуни една бремена муслиманка била измачувана од двајца мажи. Потоа имаше повеќедневни нереди на млади-муслимани. Елса Реј и нејзината организација ги обвинуваат француските и европските политичари, дека ги затворале очите пред анти-исламистичките предрасуди. Дебатата за забрана за целосно покривање во јавноста уште повеќе ги заостри тензиите, вели Марван Мухамед од францускиот колектив против исламофобија.

Нема точни податоци за Европа

Велика Британија и Франција се чини дека се земјите во Европа каде во моментов најмногу доаѓа до израз непријателството кон исламот. Точни бројки за Европската унија нема, потврди Катја Андруж од Европската агенција за основни права, институција на ЕУ во Виена. „Премалку земји членки воопшто водат евиденција за вакви деликти. Агенцијата за основни права на ЕУ веќе подолго време апелира до европските влади да водат ваква евиденција и да ја објавуваат“, вели портпаролката на ЕУ агенцијата за ДВ.

Само шест од 28 земји членки ги регистрираат делата во кои се изразува непријателство кон исламот. Некои во исти рамки ги ставаат овие дела со „изразувањето на омраза“ против Евреите, христијаните, хомосексуалците и малцинствата. „Во интерес на земјите членки е да се знае какви инциденти има против која група, за воопшто да можеме да се бориме против нешто“. Катја Андруж смета дека свеста за овој проблем сѐ повеќе се развива кај земјите членки.

Се бараат нови регистри во Германија

Во Германија инцидентите поврзани со исламофобија не се регистрираат одвоено и поради тоа не се пријавуваат во агенцијата на ЕУ.

Symbolbild Islamophobie in Deutschland

Демонстрации поротив џамии во Германија

Неодамна заменикот претседател на Сојузот на германски критминалистички службеници, Вилфрид Албисхаузен се заложи за специјален регистар за анти-исламски казнени дела. Како пример би можел да послужи односот кон антисемитските дела, кои се регистираат одделно, рече Албисхаузен за весникот „Велт“.

Директорот на организацијата „Tell Mama“ во Велика Британија Фијаз Мугал забележува дека десно-есктремните Британци повеќе не подбуцнуваат против Евреите, туку го имаат откриено исламот како нова непријателска слика. „Постои промена, тие се оттргнаа од една, но се насочија кон друга група, посебно на итнернет“, вели Мугал.

Во Холандија, Белгија и Германија постојат помали партии кои предупредуваат од „оттуѓување“ преку муслиманските доселеници. Масовниот убниец од Осло, Андрес Брејвик неговите дела ги поткрепи со исламофобски тези.

Казнено гонење на инциденти на интернет е тешко

Околу 60 проценти од жртвите воопшто не се пријавуваат ниту кај организациите за помош, ниту кај полицијата, проценува „Tell Mama“. До истиот заклучок дојде и Агенцијата за заштита на основните права на ЕУ: „Муслиманите кои беа анкетирани, големо мнозинство не пријавиле ништо. Тоа е проблем кој властите не го знаат, исто така не се наоѓаат никакви бројчани податоци“, вели Катја Андруш.

„Не дозволувајте да бидете поразени“ апелира анонимната муслиманка во видеото на „Tell Mama“. „Мене тоа ми се случи уште кога бев дете. И бидејќи не сакам да им се случи и на моите деца, го правам ова овде за нив“.

Откако ќе биде пријавен инцидент, без оглед дали во реалниот свет или на интернет, „Tell Mama“ податоците ѝ ги предава на полицијата. Во Велика Британија полицијата добро работи при расчистување на реални насилни дела, вели Фијаз Мугал од „Tell Mama“, но „казненото гонење на дела на интернет е минимално. Повеќето е само симболично и само тогаш кога некоја позната жртва ќе повика на јавен интерес“, вели тој. Тоа е погрешно. „Тоа се нормални корисници, а не познати фудбалски ѕвезди, на кои им е потребна помош, кога ќе бидат навредувани на Твитер“.