Tивко труење со арсен во Унгарија | Европа | DW | 28.05.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Tивко труење со арсен во Унгарија

Во некои области во Унгарија во водата за пиење има повеќекратни зголемени количества отров-арсен. Брисел и‘ се закани на Унгарија со санкции, зашто веќе 10 години ја предупредува поради лошиот квалитет на водата.

Николет Пуриче живее во малиот град Елек во источна Унгарија. Таа до неодамна воопшто не знаеше дека водата за пиење значително ги надминува граничните вредности за арсен. Со секој литар вода таа пие 15 микрограми отров. „Воопшто не знаевме дека во водата за пиење има арсен. Мислам дека мнозинството се‘ уште не го знае тоа, а досега ништо не е преземено. Ние едноставно не сме информирани“.

Тоа што сега доаѓа до придвижување во врска со проблемот, Николет треба да и‘ заблагодари на ЕУ. Брисел и‘ се закани на Унгарија со санкции, зашто веќе 10 години ја предупредува поради лошиот квалитет на водата во регионот. Во една фабричка хала сега набрзина, со помош на армијата, се вградуваат филтри, заради згрижување барем на најтешко погодените села.

Атила Молнар, раководител во Министерството за одбрана објаснува: „Сега ситуацијата ја имаме под контрола. Владата не‘ овласти за производство на овој контејнер. На располагање ни ставија 19 милиони евра. Ние до средината на годината ќе поставиме 200 вакви контејнери во погодените места“.

Долгорочно, филтрирањето на водата треба да отпадне, ако заедниците избушат подлабоки бунари. Но, за тоа најчесто недостигаат пари.

Назад во Елек. Целиот град се надева тоа конечно да се случи. И градоначалникот веќе чека на ветената постројка за филтрирање. Таа треба да биде поставена во дворот на локалниот психијатриски завод.

Станарите и кантината на клиниката тогаш конечно ќе бидат снабдени со чиста вода. Барем додека да се најде долгорочно решение.

Ласло Плухар, градоначалник на Елек: „Ние сме во близина на романската граница. Водата таму е чиста и во последните пет години со романските соседи развивме проект за вода за пиење. Потребен е уште потписот на двете влади. Но, веќе една година ништо не се случува“.

Службата за водостопанство во Министерството за внатрешни работи на ова гледа поинаку и ја отфрла критиката.

Бела Молнар од Министерство за внатрешни работи: „Последните две социјалистички влади не најдоа никакво решение и ги оставија на цедило локалните самоуправи. Освен тоа, притисокот од ЕУ за непосредно подобрување на состојбата не‘ чини дополнителни пари. Што се однесува на заедничкиот унгарско-романски проект, ние сме отворени, но романската страна не ги потпиша потребните дозволи“.

Постојаното одложување на проблемот во целиот регион педијатарот Ласло Сабо не може да го разбере. Последиците на водата која содржи арсен не треба да се потценат.

Ласло Сабо, детски лекар, предупредува: „Најпогодени се малите деца и бремените жени. Арсенот може да предизвика абортус, како и рак на кожата. Статистички гледано, не можеме да констатираме во колкава мерка овие болести се проширени во погодените региони. Се работи за многу сиромашни подрачја, каде вакви болести можат да имаат повеќе причини“.

За да се реши проблемот со арсен, потребни се милијарди евра. Унгарија, со помошта на ЕУ, треба самата да обезбеди само една третина од сумата. Во Будимпешта велат, тоа може да се случи за две години.