1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Tаен документ: „Хелмут Кол сакал да исели половина од Турците“

С.Недевски/дв/шпигел2 август 2013

Во 80-те години германскиот канцелар Хелмут Кол очигледно сакал да испрати назад во татковината половина од Турците што живееле во Германија, произлегува од еден досега таен документ, што го објави „Шпигел онлајн“.

https://p.dw.com/p/19Icj
Фотографија: picture-alliance/AP

Во 1982 година, само неколку недели по изборот за германски сојузен канцелар Хелмут Кол во разговор во Бон, со тогашната британска премиерка Маргарет Тачер и рекол дека во наредните четири години е неопходно „бројот на Турци кои живеат во Германија да биде намален за 50 проценти- но оти тоа се' уште не може јавно да го каже“. Онлајн изданието на германскиот неделник „Шпигел“ ги цитира зборовите на Кол од документи од британскиот Национален архив.

Специјални обуки за оние кои ќе останат

Актите со име PREM 19/1036 со записи од средбата меѓу Кол и Тачер во Бон по истекот на 30-годишниот рок не потпаѓаат повеќе под уредбата за тајност и можеле да бидат видени од страна на новинарите на „Шпигел онлајн“.

Во разговорот, како што е наведено во актите, политичарот на Христијанско демократска унија рекол дека е невозможно Турците во актуелниот број да бидат асимилирани. Секој втор Турчин затоа морало да си оди. За оние кои ќе смееле да останат, Кол предвидувал специјални обуки, меѓу другото да мораат да го научат германскиот јазик.

Margaret Thatcher und Helmut Kohl
Хелмут Кол и Маргарет ТачерФотографија: Keystone/Getty Images

Во разговорите, според напишаното во актите, учествувале само Кол, неговиот советник Хорст Телтчик, Маргарет Тачер и нејзиниот приватен секретар А.Ј. Колс, кој всушност водел записник за средбата и ги составил документите. Разговорот меѓу германскиот канцелар и британската премиерка, според наведеното во документите, бил оддржан на 28 октомври 1982 година. Тогаш Кол бил неполни четири недели на канцеларската функција.

За Кол, Турците биле посебен случај

„Германија нема никаков проблем со Португалците, Италијанците, па дури ни со Југоисточните Азијци, зашто овие заедници добро се интегрираат. Но Турците доаѓаат од една сосема поинаква култура“ , го цитира записничарот Колс, германскиот канцелар. Како примери за „судирот на две различни култури“ , Кол ги посочил принудните бракови и работата на црно кај Турците. „Германија има интегрирано 11 милиони Германци од источноевропските земји. Но овие луѓе се Европејци и затоа не претставуваат никаков проблем“, истакнал германскиот канцелар додавајќи дека има намера да ги капитализира издатоците за социјално осигурување на турските работници и да им даде отпремнина на оние што ќе си заминат од Германија.

Хелмут Кол беше германски канцелар од 1982 до 1998 година. Во текот на неговиот мандат тој честопати истакнуваше дека Германија не е доселеничка земја. Во 1982 година во Германија жвееја околу 1,5 милиони Турци. Денеска во земјата живеат речиси двојно повеќе граѓани со турско потекло односно околу 3 милиони. Повеќе од половината од нив поседуваат германско државјанство.