1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде „заглавија“ парите за германската војска?

Бенџамин Најт
6 март 2023

Пред една година германскиот канцелар Олаф Шолц вети дека ќе го модернизира Бундесверот со помош на голем еднократен фонд. Критичарите сега забележуваат дека од тогаш се нема многу променето.

https://p.dw.com/p/4OAIz
Германскиот канцелар Олаф Шолц на тенк „Гепард“
Германскиот канцелар Олаф Шолц на тенк „Гепард“Фотографија: Marcus Brandt/dpa/picture alliance

Пред само една година канцеларот Олаф Шолц одржа говор пред германскиот парламент кој веројатно ќе го обележи неговиот мандат, а во тој момент на функцијата беше одвај два месеца. Говорот за „временската пресвртница“, одговор на руската инвазија во Украина, беше заснован на одлуката дека германската војска ќе добие специјален еднократен фонд од сто милијарди евра за да се модернизира. 

На 3. јуни, опозицијата од десниот центар во Бундестагот ги здружи силите со владејачките партии за да го сменат Уставот и за да се дозволи дополнителното задолжување - преседан во историјата на Сојузната Република. 

Оттогаш, коалицијата на Шолц од левиот центар постојано е мета на конзервативната опозиција и други кои забележуваат дека Бундесверот не профитирал од таквата постапка. „Војската има страшни дефицити, а пресвртот не ни започнал”, вели за весникот „Аугсбургер алгемајне” Родерих Кизеветер, портпарол за надворешна политика на Христијанско-демократската унија. „Војската изгуби една година и сега е посоголена отколку што беше на почетокот на 2022 година”. 

Како одговор на тоа, Мари Агнес Штрак Цимерман, претседателка на Комисијата за одбрана во Бундестагот и член на Либералите, кои се дел од владината коалиција, за радиото Дојчландфунк посочи дека во 16 години во кои ЦДУ имаше министер за одбрана во кабинетот на Меркел, „воопшто ништо” не било стореноза да се модернизира армијата. Таа наведе кои, според неа, се заслугите на владата од изминатата година: нарачки на Ф-35 воени авиони и тешки транспортни хеликоптери од САД, како и нов дигитален драјв за модернизирање на силите. Од Министерството за одбрана велат дека 30 милијарди евра од расположливите 100 веќе се испланирани за големи набавки. Има и критики од европските сојузници и во рамки на Германија, дека толку големи нарачки се направени во САД, иако реално најголемиот дел од специјалниот фонд ќе остане во Германија, која исто така има силна воена индустрија. 

Штрак Цимерман вели дека100 милијарди евра не може така лесно да се потрошатза само една година. За да се произведе нова опрема е потребно време. Првите Ф-35 на пример се очекуваат во 2026 година и првично ќе останат во САД додека траат обуките на пилотите од Бундесверот, а останатите 27 треба да бидат испорачани во 2029 година. Некои набавки, како новата дигитална опрема, ќе бидат достапни во поскоро време, додека за друга ќе се чека повеќе. 

Бундесвер карневал Диселдорф Германија
Парите за Бундесверот - тема на карневалот во ДиселдорфФотографија: Uwe Kraft/imago

Купче пари што се топи

Времето притиска. Економијата ги јаде 100-те милијарди евра. Според Рафаел Лос, специјалист од Европскиот совет за меѓународни релации, првичната проценка била дека околу 8 милијарди евра од фондот ќе одат на камати. Поради растечките камати проценката сега е дека дури 13 милијарди ќе бидат потрошени за таа цел, со што реално за трошење ќе останат само уште 87 милијарди евра.

Покрај тоа, тука е и инфлацијата, курсот долар-евро и ДДВ, што значи дека кога сите дополнителни трошоци ќе се покријат, само околу 50-70 милијарди евра ќе останат за трошење на фактичката опрема. „Колку подолго парите лежат, толку повеќе фактори како инфлација и камати го јадат купчето”, вели Лос за ДВ. Лос донекаде се согласува дека владата можела да дејствува побрзо. „На некој начин минатата е изгубена година за Бундесверот”, рече тој. „Но, новиот министер Борис Писториус се чини дека притиска да се придвижат многу нешта и да се забрзаат, како на пример замената на тенковите Леопард.”

Борис Писториус ја презеде функцијата пред околу еден месец, откако неговата претходничка, Кристине Ламбрехт, исто така од Социјалдемократите, се повлече поради бран незадоволство од страна на војската со начинот на кој го води ресорот. Новиот министер бара повеќе пари. Неделава сугерираше дека специјалниот фонд не е доволен за да ги покрие воените потреби и побара буџетот за неговото министерство да биде зголемен за дополнителни 10 милијарди евра годишно. Некои негови колеги, меѓу кои и сопартијката Заскија Ескен, беа помалку одушевени од идејата.

Нова хармонија

Евидентното брзање на Писториус е пресврт за германската војска која со години страдала од неефикасност во набавките. Минатата година на тоа се жалеше и Ханс Кристоф Ацподиен, претседателот на Германската асоцијација за безбедност и одбрана, БДСВ, во чии членови се вбројуваат сите најголеми снабдувачи на Германија со тешка воена опрема, вклучително и Краус - Мафај Вегман, кои се производители на тенковите „Леопард 2”.

Ацподиен аргументира дека бирократијата за воените набавки страда од „перфекционизам“ во регулативата, која често значи дека војската не го добива тоа што ѝ е потребно, при што го цитира примерот со германските тенковски единици кои не ги користат истите радио уреди како нивните меѓународни партнери, иако конкретно биле побарани. 

„Мора сепак да се оддаде признание на процесот за набавки заради фактот дека во декември 2022 беше донесена одлука за набавка токму на таа опрема, дури и со германска компанија, што ние секако го поздравуваме”, вели тој за ДВ. 

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус
Германскиот министер за одбрана Борис ПисториусФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Ова се нови тонови од Ацподиен, кој до декември минатата година влегуваше во јавни дебати со високи претставници на владата кои тврдеа дека воената индустрија треба да работи понапорно за да го зголеми производниот капацитет. Сега двете страни се чини се на иста бранова должина. „Убедени сме дека нарачките кои беа закочени во бирократските процеси сега ќе почнат да се реализираат на соодветно ниво“, рече тој. 

Екосистемот за набавки

И покрај тоа, Рафаел Лос вели дека комплексноста на процесот на јавни набавки ќе остане проблем што спречува брзи реакции. „Се работи за комплексен екосистем меѓу парламентот како носач на буџетот, Министерството за одбрана, агенциите за набавки и вооружените сили”. 

По Студената војна, вели тој, Бундесверот западна во модус во кој брзината не била приоритет. „Имаше енормна аверзија спрема ризикот нешто да се погреши и можеби да се потроши нешто повеќе за да се протне побрзо низ 'пајплајнот за набавки'”, рече тој. 

Лос смета дека и регионалните интереси на членови на Бундестагот често играат улога во тоа како се носат одлуки за набавки – па така баварските политичари притискаат тендерите да ги добијат компании за авијација со седиште во Баварија, на пример. „Тоа доведува до таму буџетските процеси да се помалку ориентирани кон воените потреби”, вели Лос. „Претпоставувам дека во САД тие би го нарекле ова  ‘земи-врати’ политика, политика на заемни интереси”.

Со други зборови, прочуениот „временски пресврт” на Шолц вклучува и пресврт во Бундесверот, културата во војската и нејзината бирократија. Дури и цела една година не е доволна за такво нешто.