1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Онкологија покажа дека системот во Македонија е во колапс

3 септември 2023

Ако се точни и десет отсто од наводите за криминалот во клиниката за Онкологија каде што се води битка за живот и смрт, уште денес да прогласиме морален, политички и правен банкрот. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4Vu6r
Македонија Клиника
Медицински персонал од Клиниката за Онкологија наводно манипулирал со лековите што треба да им се даваат на пациентитеФотографија: Petr Stojanovski

Клиниката за онкологија, специјализирана здравствена установа за најтешките ретки болести, неколку години наназад ако не и цела деценија во своите редови имала медицински персонал кој манипулирал со лековите што треба да им се даваат на пациентите, ставајќи си ги скапоцените ампули од најновото фармацевтско достигнување в џеб наместо да им ги дава на болните. Лековите завршувале на црниот пазар, а несовесните медицински лица се богателе. 

Ова е накратко сторијата која ја дигна на нозе државата затоа што задира во најчувствителната тема - лекувањето на заболени од канцер. 

Ако се точни дури и само десет отсто од наводите за криминалот во клиниката каде што се води битка за живот и смрт, Македонија уште денес треба да прогласи морален, политички и правен банкрот.  

Јавноста со право е гневна и се прашува: Доколку тоа се случувало зад вратите на една врвна медицинска установа која треба да биде пример во работењето, тогаш што да очекуваме следно? Скришно вадење на органи на луѓето што доаѓаат да се лекуваат и нивно препродавање на црниот пазар? Тоа е уште поисплатлив бизнис, па ако работите отишле дотаму да се крадат лекови од болните од карцином, тогаш сме на чекор и до илегално вадење на органи. Тоа е познат криминал во сиромашни држави во кои има и случаи кога очајни луѓе се обидуваат да ја поправат својата економска ситуација продавајќи ги своите органи. 

Имаме право да помислиме и на такво црно сценарио затоа што државата на многу други примери покажа дека нема волја или не успева да се справи со криминални однесувања во државните институции. 

Дамка за целата фела 

Разбирливи се барањата што поскоро да се дознаат имињата на инволвираните во ова злосторство. Здравството со години е во надолен пад и според методите на лечење и според апаратурата што ја користи, а неретко експлодираат и случаи од кои може да се извлече заклучок и за нестручно лекување. Но поразително е што како што се виде во случајот со пожарот во модуларната болница во кој загинаа 14 луѓе, како и со лекувањето за време на ковид пандемијата, здравството служи за бизниси и богатење на сметка на здравствените осигуреници кои цел живот издвојуваат пари за да добиваат квалитетна здравствена услуга. 

Овој случај фрла дамка на целата лекарска и медицинска фела иако има многу професионалци кои пожртвувано се борат за животот на пациентите. Но разочараноста во јавноста е меѓу другото и затоа што се покажа дека системот за внатрешна контрола потфрлил целосно, а граѓанската и еснафската свест за пријавување на неправилности е рамна на нула. Прашањето што се наметнува е како манипулациите со лекарствата останале незабележани толку долго време и како е можно да дојде до затајување на системот за евиденција на влез и излез на лекови, вкрстување и компарирање на податоци? Или, можеби сите знаеле но сметале дека не е нивна работа да пријават како што е најчесто случај во нашата држава. Криењето на кривичните дела во Македонија станува безмалку социјална норма задушувајќи ги оној мал број совесни луѓе кои сакаат да реагираат. 

На Европа никој не мисли 

Како за земја која претендира за членство во ЕУ, Македонија покажува недозволена толеранција на организиран криминал и корупција. Затоа и напредуваме не кон повисоката цел туку кон дното. Пред некој ден пишувавме за тендерите за кои самите државни податоци сигнализираат за криминал од девастирачки размери - буквално и да не постои тендер што е спроведен неутрално и според закон. 

Да не зборуваме што години по ред учебниците не пристигнуваат на 1 септември во училиштата, за морето од магистерски и докторски научни звања добиени без реално знаење или за масовното менување на пасошите и личните карти за кои МВР нема развиено соодветни технички ресурси. 

Подобро да не зборуваме за ништо. Да молчиме и да мислиме зошто и како стигнавме до тука. 

Сето тоа покажува зошто на граѓаните не им е до Европа и покрај последната сигурна шанса да го фатат европскиот воз. Мачното секојдневие наспроти розевите балони што ги пушта Владата е една од причините зошто во јавноста се игнорираат повиците за промена на Уставот како услов да продолжиме кон Европа. Граѓаните секојдневно наидуваат на пречки во остварувањето на нивните елементарни граѓански права а државата ја нема никаде да ги заштити. Затоа што државата изгледа отиде по ѓаволите. 

Повеќе не палат ни паролите дека токму затоа ни требаат преговорите со ЕУ. Јасно е дека ни преговорите не можат лесно и брзо да го сменат нефункционалниот систем. Треба да го прифатиме фактот дека системот е разрушен, за да почнеме да го градиме одново. А тоа се чини никој не е спремен да го признае затоа што многу поединци се издигнаа над системот и го обликуваа за свои потреби. 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи