1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од „консензуален“ до „бадентеров“ претседател

БГ
22 февруари 2024

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во обраќање до јавноста ја актуелизираше идејата за „консензуален претседател“ на државата. Овојпат Ахмети предлага шефот на државата да се бира во Собранието.

https://p.dw.com/p/4ckYy
Али Ахмети ДУИ Македонија
Али Ахмети, претседател на ДУИФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пред речиси точно десет години, во февруари 2014 година лидерот на ДУИ Али Ахмети излезе со идејата за „консензуален претседател“. Како и денес, и тогаш беше тоа период на прагот на изборите.
„На земјата и треба кандидат што би бил прифатлив за сите и еднаш засекогаш да го затвориме тоа поглавје во кое некоја од страните го доведува во прашање изборот на претседателот“, ќе изјави Ахмети по средбата со европратеникот Ричард Хауит.

Идејата, како што образложи Ахмети тогаш, беше двете партии „кои ја имаат легитимноста кај двете најголеми заедници во земјата, а тоа е ДУИ кај Албанците и ВМРО-ДПМНЕ кај Македонците, да седнат и да постигнат консензуален договор". Тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ го одби предлогот, а ДУИ тивко го бојкотираше нивниот кандидат Ѓорге Иванов водејќи кампања „Не за едностран претседател“.

Пет години подоцна, она што го одби ВМРО-ДПМНЕ, го прифати СДСМ. Двете партии се сложија околу Стево Пендаровски и заедничкиот кандидат беше избран за претседател на државата, иако во месеците претходно ДУИ флертуваше со идејата за претседател Албанец.

По министер и премиер, Албанец-претседател 

Две години подоцна, нова кампања- овојпат за локалните избори, и ново ветување од Али Ахмети. Овојпат од Чаир, лидерот на ДУИ на гласачите им најави претседател Албанец по заминувањето на Стево Пендаровски.

„По министер за одбрана Албанец, по министер за надворешни работи Албанец, по претседател на Собрание Албанец, на следните парламентарни избори последните 100 дена влегуваме со премиер Албанец. Наредно е претседател на држава да биде Албанец“, порача Ахмети во октомври 2021 година. 

Во четвртокот, на 22 февруари 2024 година, Али Ахмети ја соопшти најавуваната „голема вест“. Во „сендвич“ меѓу кандидатурата на Бујар Османи за претседател, и опасноста од Русија која „тропа на вратата“, Ахмети го смести и барањето за избор на претседател на државата во Собранието со бадентерово мнозинство. Дополнително, тој побара и воведување на функцијата заменик-претседател. 

Арбен Таравари
И Арбен Таравари бара избор на претседател на државата во СобраниетоФотографија: DW/P. Stojanovski

Овие уставни измени би оделе во пакет со вклучувањето на Бугарите и другите заедници во Уставот, по изборите. Доколку тоа не се случи, ветува Ахмети, ДУИ е подготвена да оди и во опозиција.
„Пред Вас, давам одлучен завет дека ние нема да бидеме дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот и ќе одиме во опозиција за да се бориме и да ги победиме егзистенцијалните закани за нашата земја", порача Ахмети. 

Претходно и Арбен Таравари, претседателскиот кандидат на опозициските партии на етничките Албанци излезе со слично барање. Како што најави на вонредна прес-конференција, Таравари ќе ја гради својата претседателска платформа на три столба при отворањето на Уставот:  внесување на Бугарите и другите малцинства во Уставот;  отстранување на 20 проценти што го дефинираат албанскиот јазик; и изборот на претседател на државата во Собранието. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема