1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаГлобално

„Пост од мобилниот“

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
26 февруари 2024

Доколку, одвреме-навреме, свесно се „ограничуваме“ од прекумерната употреба на мобилниот, ќе имаме време да сознаеме дека и најубавите нешта стануваат здодевни кога се практикуваат без мерка. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4csSV
Експертите советуваат дека е добро одвреме-навреме и да се иусклучи мобилниот телефон и да се направи пауза во неговото користење
Експертите советуваат дека е добро одвреме-навреме и да се иусклучи мобилниот телефон и да се направи пауза во неговото користењеФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Сигурно секој просечен корисник на интернетот зборот „пост” во насловот, особено поставен во контекст со  мобилниот, веднаш ќе го  разбере како информација „постирана” во интернет. Можеби е логично во нашиот дигитализиран свет најнапред да помислиме на „постирање” на социјалните  мрежи, и да заборавиме дека зборот „пост”  има и друго значење. И јас самата не разбрав што сака да направи пријателката која неодамна ми рече дека сака да проба „пост од мобилниот”. Иако германскиот израз што го употреби  за „пост од мобилниот” ( Handy-Fasten)  беше недвосмислен, ми требаше време да сфатам дека таа има намера да се „откаже” некое време од мобилниот, слично на религиозниот пост. Брзо дознав дека англискиот израз за овој феномен е „digital detox", односно, „дигитална детоксикација“. Дури и германските здравствени  осигурителни заводи препорачуваат повремено „постење” од употребата на дигиталните апарати. Новинарите ги известуваат читателите за сопствените искуства во „постењето” од  мобилниоти нудат практични совети кога е најумесно да се испроба „постот” од сеприсутната мобилност. На пример, за време на ручекот и вечерата, на викендот или кога сме на одмор. Се препорачува да се изберат простории во кои мобилниот е „забранет”. На пример, спалната и детската соба.

Секако, овој тренд станува сѐ поактуелен кај корисниците кои критички го преиспитуваат својот однос кон модерната комуникација. Медицинските истражувања покажуваат дека преголемиот дигитален конзум на децата и младинците ја намалува нивната способност за концентрација.  Зависноста од дигиталните медиуми се зголеми особено во пандемијата, во едно време кога сите почнаа да се учат одредени активности, кои дотогаш не беа „дигитализирани“, да ги остваруваат во „онлајн модус“. Како „онлајн-наставата“, која се применуваше  во сите сфери на образованието. Тогаш родителите беа среќни што можеа да им помагаат на децата при „Homeschooling". „Facetime" телефонските разговори со внуците беа утехата за бабите и дедовците во пандемиската изолација, кога фамилијарниот живот привремено мируваше во директната комуникација. Притоа научниците укажуваат дека, и покрај полезната страна на дигиталната техника во пандемијата, во тој период дошло и до негативни последици, особено кај децата и младинците, од сеприсутноста на дигиталниот модус.

Онлајн-наставата беше секојдневие за време на пандемијата на коронавирусот
Онлајн-наставата беше секојдневие за време на пандемијата на коронавирусотФотографија: K. Schmitt/Fotostand/picture alliance

Доживување на секој миг 

Секој од нас е свесен дека употребата на дигиталната, мобилна комуникација како замена за некогашните аналогни телефони, во голема мера влијае на нашите навики и на нашето чувство за околниот свет.  Неодамна, додека седев во преполниот трамвај во Келн, во еден миг почнав внимателно да ги набљудувам сопатниците. Речиси сите млади и оние на средна возраст, седеа со наведнати глави, со поглед вперен во мобилниот во раката. Само неколку видливо постари луѓе гледаа, одвреме-навреме, низ прозорецот. Или љубопитно погледнуваа во оние што излегуваа и влегуваа во трамвајот, кога тие ќе минеа крај нивните седишта. Притоа модерната психологија нѐ учи, колку е значајно за менталното и телесното здравје да се доживува секој миг со голема внимателност. Да се биде, да се постои во мигот. Со спокоен поглед, насочен кон внатре, кон тоа што се случува во нас, или кон тоа што се случува во нашата околина. 

Беше сончев февруарски ден, во кој се насетуваше близината на пролетта. А додека ја следев играта на светлината и сенката врз фасадите на старите келнски куќи, ми стана јасна дека сѐ е писмо кое, доколку немаме време да го видиме и прочитаме, прави нашата слика за светот да станува сѐ посиромашна. Паметам, како деца со часови се џаревме во облаците. Сѐ дури не ни се  „завртеше умот“. Или долго го слушавме „говорот“ на ветрот во гранките на дрвјата. Тоа што на возрасните им се чини како „празно време“, децата го доживуваат како најактивно време,  преполно со впечатоци од малечките нешта. Денешната дигитална техника не им дозволува на децата да го откриваат светот на таков, речиси медитативен начин. А животот понекогаш ни ја покажува својата тајна токму низ мигновените доживувања. Но за да се случи тоа, ни треба спокој и слободен поглед. Така е кога, седејќи во трамвајот, од прозорецот ќе здогледате стар брачен пар, додека, држејќи се цврсто за рака, ја поминува широката крстосница. Тогаш ќе ја почувствувате  длабоката поврзаност на луѓето што го поминале сиот живот заедно. Или кога случајно ќе се загледате во нечиј двор, а во тој миг ќе ви се вкрсти погледот со оној или онаа што живее во таа куќа. И стои на прозорецот, во миг на спокој, со шолјата чај или кафе в рака. А вие ќе почувствувате дека и тој или таа, исто како вие, со љубопитни очи гледа во околината. И ве открива неочекувано вас, додека седите во трамвајот што брзо поминува пред неговата куќа. Понекогаш, тој или таа, но и вие самите, посакувате да му подарите на непознатиот или непознатата блага насмевка.Тие мигновени слики се таложат во нас и некогаш ни долетуваат во умот како шифри за радост во обичното секојдневие. 

Предностите на модерната дигитална техника 

Тоа не можеме да го доживееме доколку постојано се џариме во мобилниот. И го забораваме околниот свет! Анкетите укажуваат дека секој од нас погледнува во мобилниот, во просек,  200 пати. Додека ги гледав патниците, предадени на светот во своите мобилни, имав чувство дека секој од нас 1000 пати погледнува во мобилниот. Се вели дека мобилниот е првото нешто во кое погледнуваме при будење и последното пред заспивање. Порано, на „наткасните“ крај  креветот ни стоеше будилникот. Денес мобилните се нашите будилници. Со нив ги мериме чекорите, изминати во денот. Тие се и календар и бележник. Секако, дигиталната техника во голема мера го олесни нашето секојдневие. Во мобилниот се апликациите кои ни дозволуваат да разменуваме пораки со роднините и пријателите на другиот крај на светот. А на писмото од Австралија, мојата егејска баба чекаше некогаш подолго од еден месец! Сега на имеил-писмото му требаат секунди за да долета кај нас од другиот крај на светот. И, сепак, имеил-пораката ја нема аурата на писмото! Не можеме да ја допреме хартијата, небаре ја допираме раката на љубениот испраќач.

Дигиталната техника во голема мера го олесни нашето секојдневие
Дигиталната техника во голема мера го олесни нашето секојдневиеФотографија: Martin Schutt/dpa/picture alliance

Апликациите во мобилниот, ни дозволуваат преку интеренет да телефонираме еден цел час со роднините во друга земја. Тие што живеат далеку од својата фамилија, се сеќаваат колку високи биле нивните телефонски сметки кога имале чести меѓународни разговори преку старите телефони. Од друга страна, ја нема повеќе радоста при очекувањето да ви се јави роднината од странство. И, сепак, знам по себе, колку родители ќе се радуваа доколку порано можеа да ги видат своите деца додека разговараа со нив во друга земја или континент. Сиве овие нешта се, несомнено, големите предности на модерната дигитална техника. 

Некој ми рече деновиве дека модерната дигитална комуникација влијаела на нас да станеме агресивни. Затоа  пораките испратени преку WhatsApp воделе често до недоразбирања. Си помислив, тој заборавил една стара вистина. Дека секое техничко помагало е само средство за комуникација, а „духот” во кој се одвива комуникацијата зависи од корисниците. Инструментот, сам по себе, не ги прави агресивни. Сѐ зависи со која намера тие го ползуваат. Всушност, се работи за старата дискусија за техничкиот прогрес, во која уште на почетоците на таа дебата се истакнуваше дека и првите орудија кои ги произвел човекот може да се употребуваат во позитивен или да се злоупотребуваат во негативен контекст. Ножот може да сече леб, но и да убива. Но, не убива ножот сам по себе, туку злата намера на оној што го држи в рака. Секако, доколку, одвреме-навреме, свесно се „ограничуваме“ од прекумерната употреба на мобилниот, ќе имаме време да сознаеме дека и најубавите нешта стануваат здодевни кога се практикуваат без мерка.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.