1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Oткако Албанија кажа „не“, САД бараат нова земја

САД се обидуваат да ја минимизираат одлуката на Албанија да не дозволи уништување на сириското хемиско оружје на нејзина територија. САД и Русија имаат и други земји во игра. Во Албанија пак, се бара оставка од Еди Рама.

Портпаролката на американскиот Стејт департмент Џен Псаки, по соопштената одлука на Албанија од страна на премиерот Еди Рама, изјави дека неколку други земји сериозно ја разгледуваат можноста на своја територија да одобрат уништување на сириското хемиско оружје. Таа не откри за кои земји станува збор, но кажа дека експерти од САД очекуваат да бидат испочитувани временските рокови за уништување на ова оружје, и покрај одбивањето од Албанија. Анонимен извор, кој бил вклучен во разговорите, информираше дека Вашингтон типувал на Албанија како земја во која ќе се уништат стотиците илјади тони опасни оружја.

„Ние го цениме тоа што Албанија сериозно разгледуваше да дозволи уништување на хемиското оружје. Меѓународната заедница продолжува да дискутира за најефективните и најекспедитивните начини за елиминирање на сириската програма за хемиско оружје на најбезбеден можен начин“, рече портпаролката Псаки.

Sali Berisha

Сали Бериша бара оставка од Еди Рама

Според претходно постигнатиот договор со сирискиот претседател Башар ал-Асад, хемиското оружје треба да биде уништено до 31 март следната година, а останатите хемиски материјали ќе бидат уништени до 30 јуни догодина.

Организацијата за забрана на хемиското оружје во петокот (15.11.2013) го одобри планот за уништување на оружјето надвор од Сирија.

„Во моментов не можам да посочам земја, но очигледно е дека има опции и има начини на кои ова ќе биде постигнато, вели претставникот на оваа организација Малик Елахи во нејзиното седиште во Хаг. Тој додаде дека „ова е суверена одлука на Албанија“.

По силниот притисок на домашната јавност, албанската Влада се откажа од уништувањето на хемиското оружје од Сирија во Албанија. Албанскиот премиер Еди Рама вчеравечер ја информираше јавноста во земјата дека Албанија нема да се вклучи во процесот на уништувањето на сириското хемиско оружје.

Лидерот на албанската десница и експремиер на Албанија, Сали Бериша, само неколку минути по изјавата на Еди Рама побара негова оставка.

„Тој веднаш треба да поднесе оставка, бидејќи го излажа светот, сојузниците на Албанија и Албанците. Овие беа историски протести на младите пред кои падна лидерот на левицата и премиер Еди Рама“, рече Бериша.

Го повикувам Рама, пишува на Фејсбук Сали Бериша, да си замине бидејќи по сево ова што се случи, никој веќе не му верува.

Поврзана содржина