Oстри мерки за лажните азиланти | Македонија | DW | 13.05.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Oстри мерки за лажните азиланти

По најавите од ЕУ дека е можно времено враќање на визниот режим за македонските граѓани поради напливот лажни азиланти, властите во Скопје најавија законски промени, со кои нелегалната миграција ќе биде остро казнувана.

default

За една недела во Скопје ќе биде вратена нова група од триесетина азиланти, што преку македонските квази-туристички агенции заминале кон Запад, со билет во еден правец. Меѓу нив повеќето ќе бидат од Србија и од Косово, но со оглед на обврските од договорите за реадмисија, тие азиланти се враќаат во земјата од која тргнале во некоја од европските дестинации на Шенген зоната. Досега од Белгија, Германија, Данска и Шведска, во групи од 10-50, се репатрирани главно Роми, Албанци, поретко Македонци или Срби. Најмалку илјада лица, кои не успеале да се изборат за статус на бегалец или политичка жртва.

Властите во Скопје загрижени од најавите на ЕУ

На централната улица низ познатата скопска населба Шуто Оризари, главно населена со сиромашни ромски семејства, е сместена неугледна дрвено-метална трафика од 20 метри квадратни, која е излепена со понуди за шопинг тури кон Белгија или Германија, за само 130 евра, но во еден правец. Секоја сабота во 2 часот по полноќ, тргнува автобус од кои, по правлило, 70 насто од патниците, остануваат во потрага по социјално згрижување.

Заканите од Брисел за привремено блокирање на визната либерализација ги загрижи македонските власти.

„Не верувам дека може да се дојде до губење на визната либерализација, затоа што како држава се` она што го направивме, особено во областите што ги покрива МВР при процесот на добивање на визна либерализација, беше направено со многу напори и преку исполнување на конкретни критериуми. Сите активности тогаш добија највисоки оценки од претставниците на Европската комисија. Меѓутоа, постојат поединци кои сакаат да ја загрозат таа придобивка на македонските граѓани и ние ќе направиме се` за тој процес да биде запрен и тие да бидат соодветно санкционирани“, изјави денеска Васко Наумовски, вицепремиер за евроинтеграции.

Ново кривично дело за организаторите на нелегалната миграција

По одржаната средба на Комитетот за следење на визната либералзиација, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска најави одземање на пасошите од граѓаните кои бараат азилантски статус во ЕУ, а посебна истрага ќе се води кон туристичките агенции-организатори на новиот иселенички бран.

„Се договоривме да побараме и податоци од земјите каде што има најголем број на азиланти, но и од комесарот кој ја покрива областа за внатрешни работи и миграции, за лицата кои побарале азил, за да разгледаме соодветна можност во евентуална постапка да примениме и дополнителни санкции за тие лица, бидејќи очигледно е дека тие направиле злоупотреба, иако таа злоупотреба се случила во друга земја и несомнено за тоа треба да одговараат. Разгледуваме можност и за воведување на ново кривично дело, за оние кои организираат нелегална миграција, како и за индивидуални санкции за неуспешните баратели за азил“, изјави Гордана Јанкулоска.

„Разгледуваме воведување на ново кривично дело со што ќе се санкционираат сите кои доведуваат во заблуда лица кои понатаму ја злоупотребуваат визната либерализација“, рече Јанкуловска.

Властите во Скопје стравуваат од можен наплив на илегалци од арапскиот свет, пред се` преку Грција, но ќе се зголемат контролите и на границите од Косово, од каде, се` поретко, но се` уште има случаи на емигрирање во ЕУ преку Скопје, Тетово и Куманово. Во тој град опадна интересот кај Албанците и азилантската треска сега е концентрирана кај ромската етничка група.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Трајче Тосев