1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Oд Македонија незаконски се одлеале 4,6 милијарди долари

Според истражувањето на американски институт, од Балканот во изминатите десетина година незаконски се одлеале околу 110 милијарди долари

Наташа Срдоч, претседателка и соосновачка на Институтот Адријатик за јавна политика кој го спроведе истражувањето за Гласот на Америка на македонски јазик говори за проблемот со корупцијата, криминалот и даночното затајување во изминатите 10 години.

„111,6 милијари долари се одлеани од Балканот, од земјите на поранешна Југославија,  Романија, Бугарија во периодот меѓу 2001-2010-та. Преку облици на криминал, корупција и даночно затајување, мито, има илегално одлевање на пари во различни банки. Бројките се шокантни.  Тоа значи, помалку пари за образование, здравствена заштита, инфраструктура, пензии.  Инвеститорите со чесни намери го одбегнуваат регионот, знаејќи дека нема владеење на правото, независност на судството и заштита на сопственичките права“, објаснува Срдоч.

Според проценките на организацијата, од Македонија во истиот период се одлеале 4,6 милијарди долари.

„Македонија загуби 4,6 милијарди долари во периодот меѓу 2001-2010 преку криминал, корупција и даночно затајување од политичари, владини официјални лица. Тоа е голема бројка.  Се работи за 44 проценти од бруто домашниот производ во 2011-та“, вели Срдоч.

Во регионални рамки, најмногу пари се одлеале од Србија, над 51 милијарди долари, додека во однос на процентот од бруто домашниот производ на врвот е Црна Гора со 138 проценти. Срдоч смета дека единствен начин да се запре ваквиот тренд е да се подобри состојбата со владеењето на правото, независното судство и заштитата на сопственичките права.  „Треба да се конфискува илегалното богатство на владините официјални лица и политичари од 1991-ва во сите земји од регионот.  Меѓународни судии и обвинители може да им помогнат на чесните колеги од тамошни земји.  Тоа ќе биде поттик да се појави нова генерација судии која ќе гледа на правосудството како на чесна професија, а така на неа не се гледа во моментот“, предлага Срдоч.