1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Oсудa на израелските акции

1 јуни 2010

Советот за безбедност на ОН синоќа ја осуди акцијата на израелските командоси врз хуманитарниот конвој. СБ побара спроведување на непристрасна истрага за случувањата и ослободување на сите заложници кои беа приведени.

https://p.dw.com/p/NeXH
Израелската акција предизвика протести ширум светотФотографија: AP

Итна, праведна и транспарентна истрага, согласно меѓународните критериуми, бара Советот за безбедност на ОН за израелската акција, во која загинаа најмалку девет луѓе. На барање на Турција и Либан, Советот синоќа (31.05.2010) заседаваше речиси 12 часа, а одлуката била донесена едногласно од сите 15 земји-членки, иако резолуцијата не е обврзувачка.

Во декларацијата, чија содржина ја соопшти претседавачот со Советот, мексиканскиот амбасадор Клод Хелер, се бара Израел веднаш да ги ослободи цивилите и бродовите и да спроведе комплетна истрага за настаните. Се осудува и „чинот“ во кој загинаа најмалку десет луѓе, а повеќемина беа повредени, но одбегнато е директното споменување на Израел.

„Ова е црн ден во историјата на човештвото. Разликата меѓу терористите и државата е избришана“, изјави турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу. Турција беше жестока во осудата на насилствата. Освен обвинувањата на сметка на Израел дека промовира државен тероризам, Давутоглу отиде и чекор понатаму:

+++ACHTUNG SCHLECHTE QUALITÄT+++ Überfall Israel Gaza Boot Schiff
Снимка од нападот врз турскиот брод „Мармара“Фотографија: AP

„Акцијата има исто значење како и пиратеријата, станува збор за убиство изведено од страна на државата. Оттука, Израел ја загуби привилегијата да биде признат како дел од меѓународната заедница“, дополни турскиот дипломат.

Амбасадорите побараа и крај на тригодишната израелска блокада на појасот Газа.

„Масакрот ќе беше спречен доколу Израел на време ја прекинеше контрапродуктивната и неприфатлива блокада на појасот Газа“, оцени заменикот генерален секретар на ОН за политички прашања, Оскар Фернандез Таранко.

Хуманитарните конвои беа лажни, тврди Израел

Заменикот-израелски амбасадор Даниел Кармон ги отфрли ваквите обвинувања:

„Секојдневно, во појасот Газа се увезуваат најразлични продукти. Таму нема никаква хуманитарна криза“, тврдеше Кармон, според кого целата хуманитарна мисија всушност била една лажна парада.

„Иронично, овие луѓе беа преправени во хуманитарни работници, со цел да шират пораки на омраза. Израелските војници, несомнено делуваа во самоодбрана“, рече Кармон.

UN Sicherheitsrat Israel Gaza Flash-Galerie
Фотографија: AP

Поумерен во оценките беше американскиот амбасадор, Алехандро Вулф. Тој побара сеопфатна истрага од Израел, но го критикуваше и напредувањето на хуманитарниот конвој.

„Постојат механизми и начини како да се пренесат намирници во Газа. Тој пат води преку израелските пристаништа и патишта. Директниот начин не е ни соодветен, ниту одговорен, и секако, под овие услови не е ниту ефективен“, изјави Вулф.

Инаку, израелските власти утрово ослободија 48 активисти, а ги задржаа останатите 480 кои беа уапсени по вчерашната акција. Потврдено е дека меѓу приведените биле и тројцата македонски државјани. Се очекува тие да бидат депортирани во Турција.

Автор: Лена Бодевајн / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска