За почеток еден пролог околу она што постојано го зборува американската амбасадорка Анџела Агелер - за владеењето на правото. И, ако може, да разбереме колку се далеку овие два света - американскиот и македонскиот.
Вчера, петок, се одржа драматично рочиште во Вашингтон, кое би можело да го постави тонот на претстојното судење на поранешниот претседател Доналд Трамп, за неговите обиди да го смени резултатот од изборите во 2020 година и неговиот пораз со измама да го претвори во победа.
Окружната судијка Тања Чаткан рече дека планира да постави сериозни ограничувања за тоа како се постапува со чувствителните докази во овој случај. „Г. Трамп, како и секој Американец, има право на слобода на говор со Првиот амандман, но тоа право не е апсолутно. Во кривично дело како што е ова, слободата на говорот на обвинетиот подлежи на правилата“.
Таа, исто така, рече дека колку повеќе засегнатата страна дава „запалливи“ изјави кои би можеле да фрлат дамка на поротата, „толку ќе биде поголема итноста брзо да продолжиме со судењето“, за да се обезбеди правично судење.
Тања Чаткан и претходно имаше пресуда против Трамп во посебен случај од 6 јануари. Во ноември 2021 година, таа го одби неговото барање да го блокира објавувањето на документите во Комитетот на Претставничкиот дом на САД за 6 јануари. Трамп тврдеше дека за тоа има извршна привилегија.
Таа ги отфрли неговите аргументи и напиша дека Трамп не може да тврди оти неговата привилегија „постои вечно“.
Во незаборавна реченица од нејзината пресуда, Чаткан напиша: „Претседателите не се кралеви, а тужителот не е претседател“.
Чаткан, назначена од Барак Обама, е еден од најострите казнувачи на бунтовниците кои упаднаа во Капитолот на САД во напад поттикнат од неоснованите тврдења на Трамп за украдени избори. Чаткан досега осуди најмалку 38 лица обвинети за злосторства поврзани со немирите во Капитол. Сите добија затворски казни. Во повеќето случаи таа ги исполнуваше препораките на обвинителите. Во четири од тие случаи, обвинителите воопшто не бараа затворска казна. Таа е една од дваесетината судии во Вашингтон кои колективно осудија речиси 600 обвинети за нивните улоги во бунтот на 6 јануари.
Во истиот тој драматичен ден, петокот, министерот за правда, Мерик Гарланд, ненадејно објави дека го назначил американскиот обвинител во Делавер, Дејвид Вајс, за специјален советник во истрагата за Хантер Бајден, синот на претседателот Џо Бајден. Вајс и досега ја надгледуваше истрагата за финансиските и деловните зделки на Хантер Бајден. Гарланд рече дека Вајс претходно оваа недела му кажал оти неговата истрага „дошла до фаза во која тој треба да ја продолжи својата работа како специјален советник и тој побарал да биде назначен на таа функција“.
Специјалните советници именувани од министерот за правда имаат многу поголема моќ. Дејвид Вајс од 2018 година го истражува можното кршење на законите за финансии и оружје на Хантер Бајден. Дејвид Вајс беше именуван на позицијата обвинител од Доналд Трамп.
Ова не се зборови за обука на нашите министри или обвинители, туку повеќе правно кроки за подобро разбирање на она што го кажува амбасадорката Агелер.
Илинден и историјата
А сега за Илинден и историјата.
Лани во јули, по предлогот на француското претседателство со ЕУ за одблокирање на преговорите со Македонија, Димитар Бечев, познат бугарски политиколог и предавач на Оксфорд, во текст за „Политико“ даде едно многу вредно објаснување за историјата.
„Кога Американците велат дека нешто е историја, тие мислат дека прашањето за кое станува збор повеќе не е важно. За Европејците, тоа е токму спротивното. Ако е историја, тогаш навистина е важно. И во оваа смисла, Бугарија и Македонија се вистински европски земји“, напиша Бечев.
Образложувајќи ја ситуацијата Бечев напиша: „Францускиот компромис може добро да функционира. Ако го направи тоа, Македонија со задоцнување ќе започне преговори за членство, бидејќи Европската комисија ја оцени како соодветна уште во 2009 година... А на Бугарија ѝ нуди формула како да се избегне формално признавање на постоењето на посебен македонски јазик“.
Потоа: „Многумина во Скопје ќе тврдат, како што се прави веќе некое време, дека нема смисла за приклучување кон ЕУ, ако цената е признавањето оти етничките Македонци некогаш биле – и, имплицитно, сè уште се – Бугари. А во Бугарија, ќе треба време да се издува патриотскиот жар ослободен од ветото. Политичарите ќе бидат во искушение да го искористат, па дури и може да бидат во искушение да применат уште едно вето понатаму. Сè уште не сме излезени од шумата“.
Навистина не сме излезени од шумата, како што убаво вели Бечев.
Бугарската јавност оваа недела преку текст беше „потсетена“ за настаните во минатото на ова:
„На 9 август 1946 година се случи едно од најзлокобните предавства на БКП кон бугарската нација и држава. На пленум на ЦК на БРП (к) истата година беше усвоена резолуција за доделување културна автономија на Пиринскиот крај. Македонизацијата во Пиринска Македонија е процес во кој властите во Бугарија и Југославија водат политика на вештачко создавање заедница во Пиринска Македонија, со изразена лажна македонска национална самосвест и посебна етничка припадност.
Според историските податоци, Македонците се бугарска етнографска група со свој регионален идентитет. На пописите пред 1945 година кај нас, односно пред да дојдат комунистите на власт немаше регистрирани етнички Македонци. Но, според пописите од 1946 и 1956 година, излегува дека во нашата земја веќе живеат 160.541 и 178.862 етнички Македонци. Оваа статистика е резултат на процесот на македонизација во Пиринско, кој се одвиваше помеѓу 1944 и 1958 година, како општествено-политички експеримент за промена на националната самосвест на населението од бугарска во македонска и како чекор кон создавање на Обединета Македонија во рамките на Југославија.“
Што би можело да се каже околу ова? Дека со генетски инжинеринг една година по Втората светска војна 160.541 лица во Пиринска Македонија се изјасниле самите себеси како Македонци? Па тоа е толку невозможно, што и најжестоките пропагандисти (историчари или политичари) не би можеле да го направат во толку кус период.
Македонските историчари и учителите кои беа испратени од Македонија во пиринските градови да ги учат тамошните деца на штотуку кодифицираниот македонски јазик зборуваат за нешто сосема друго – за ослободување од стегите и државниот притисок и луѓето слободно да кажат она што се. Учителите раскажуваа за своевидна егзалтација на тамошното население.
Може ли да се принуди бугарската историографија и политика да го смени наративот кој се етаблира во 1960-тите и е речиси невозможно да се промени? Јасно е дека – не. Може ли македонската држава и нејзините граѓани да живеат и напредуваат кон благосостојба без да си постават врвна цел – да го сменат бугарскиот наратив? Секако дека – да.
Четири говори
Четири говори на 2 август добро ги покажуваат тие два различни света, македонскиот и бугарскиот.
Македонскиот претседател, Стево Пендаровски, во обраќањето пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце на почетокот го кажа ова:
„Денес, на ден Илинден, недалеку од овде, во манастирот „Св. Прохор Пчински“, ќе положиме цвеќе пред спомен-плочата посветена на првото државотворно заседание на АСНОМ. Историските извори сведочат дека во свечено украсената манастирска просторија, пред многубројните делегати биле истакнати портретите на Тито, Сталин, Рузвелт, Черчил и на Гоце Делчев. На една од паролите во салата било запишано: ‘Слава на Гоце Делчев, првоборецот на македонската народна ослободителна борба’. Отворајќи го заседанието, стариот илинденец Панко Брашнаров во својот говор спомна само една личност, а тоа е Гоце Делчев. И Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ зборува за борбата ‘запоена со духот на Делчев’ и завршува со повикот: ‘Дигнете го уште повисоко знамето на Делчев! Гответе се за последните удари на фашистичкиот окупатор! Гответе се за ослободуение на Македонија!’
Делчев ги обедини двата врвни идеали на секоја млада генерација, а тоа се политичката слобода и социјалната правда. Делчев вистински му припаѓа на оној народ кој ќе го оствари неговиот завет, а неговиот завет бил слободна македонска држава. Затоа, тој и беше симболичен сведок на државотворниот АСНОМ.“
Речиси истовремено во Скопје пред споменикот на скопското Кале „Сила, слава и победа“, посветен на слободата, премиерот Димитар Ковачевски, меѓу другото, го кажа и ова:
„Заложбите за автономна држава, што започнаа со создавањето на Крушевската Република, ги реализираа хероите во Народно-ослободителната борба. Со Илинденското востание во 1903-та година е кренат гласот за слобода и правдини. Но, со НОБ и Првото заседание на АСНОМ во 1944-та, македонскиот народ ја извојува својата национална слобода и создава сопствена држава, со службен македонски јазик. Длабоките демократски принципи врз кои се засноваше Крушевската Република изразени во Крушевскиот манифест, кој јасно прокламира социјална, национална и верска еднаквост, не случајно денес се темелите на современа Република Северна Македонија. Крушевската Република траеше само 10 дена, но била, е, и ќе биде симбол на државотворните стремежи на македонскиот народ и на македонската државност“.
Од другата страна на границата, во Софија, исто така ја славеа 120-годишнината од Илинденското востание. Или како што бугарската историографија го нарекува Илинденско-Преображенско востание поради тоа што на 19 август, на Преображение, се крена бунт против Отоманската империја и во Едренско, од тракиските Бугари.
Прославата во Софија беше специфична, ноќе пред споменикот на незнајниот јунак, со наредена гарда од сите родови на бугарската армија и целиот бугарски политички естаблишмент. Зборуваа претседателот Румен Радев и премиерот Николај Денков.
Румен Радев во своето обраќање ги кажа и овие зборови:
„120 години нè делат од кобното лето 1903 година, кога Бугарите од Македонија и Одринска Тракија својата борба за независност и еднаквост ја издигнаа во невиденo херојство и незаборавна историска епопеја. Илинденско-Преображенското востание стана најмасовниот израз на волјата за слобода на нашиот народ. Тоа се пренесе далеку во времето бидејќи неговите резултати ги надминаа неговите непосредни политички и воени цели надвор од границите на епохата. Стана жив симбол на бугарскиот дух и засекогаш ќе остане вечно знаме на борбата за правда, права и човечко достоинство.
Него го подготвија следбениците на Левски, Ботев и Раковски, кои продолжија да ги бранат идеалите на бугарското националноослободително движење во поробените земји. Востанието со месеци опстојуваше со воените вештини на голем број бугарски офицери и со братска поддршка на бројни доброволци од слободна Бугарија. Денес ние, потомците на илинденците од двете страни на границата, го носиме нашиот неисполнет долг кон дејците на востанието. Затоа, гарантирањето на уставната рамноправност на Бугарите во РСМ и зачувувањето на нашето културно и историско наследство во овие земји ќе ги исполни заветите на илинденците од 1903 година за еднаквост и правда“.
А премиерот Николај Денков го кажа и ова во својот говор:
„2 август е симбол, на овој датум пред 120 години Бугарите во Македонија и Одринска Тракија докажаа дека идејата за демократска република, во која Бугарите, Турците, Евреите ќе бидат еднакви во секој поглед, не висеше заедно на бесилка со Левски. Илинденско-Преображенското востание е настан со особено висока историска вредност за современиот бугарски народ, бидејќи поривот на востаниците за слобода не бил себично националистички. Идеолошкото знаме на оваа слобода е целосната политичка автономија на Македонија и на Одринско со еднакви права, еднакви должности, еднакви одговорности и еднакви можности за развој на сите заедници без разлика на етничката припадност и вера. Не случајно Бугарите беа движечка сила во најмасовното востание против Отоманската империја во овие земји.
Нашиот народ во Македонија и Одринско ја плаќа цената на својот стремеж за слобода со илјадници човечки жртви и со многубројни материјални и морални пустошења. Над 30.000 бегалци бараат засолниште во својата татковина. Денеска ние, нивните наследници, сме повикани да ги браниме овие вредности и да им ги пренесеме на нашите деца кои ќе ги носат во иднината“.
Стравот го замени херојството
Како овие четворица политичари во ист ден да зборуваа за сосема различни настани, за сосема различни учесници во прочуеното на Балканот востание. Бугарските историчари и политичари тврдат дека Илинденско-Преображенското востание е генетски поврзано со бугарската национална преродба. За Македонците тоа е крвавото и храбро јадро кое го трасираше патот кон независна држава, изборена со толку многу жртви и страдања на чело со партизаните, а не комитите.
Што треба да се направи сега? Да се сечат вени по секој ваков говор на Радев или некој друг? И да се умре според славниот слоган „Слобода или смрт“.? Дали поради вакви обраќања на Радев или некој друг ние треба нив да ги промовираме во главни актери на македонската политика за сопствени краткорочни политички поени со долгорочни последици, наместо да мислиме на нашата иднина?
Не е прашањето дали ние треба да чекаме да се промени наративот во Бугарија околу Македонија и Македонците граден и доградуван 140 години. Тој нема да се промени ни во наредните 140 години. И нека си остане таков таму, тоа е нивната приказна. Но таа приказна не треба ние самите да ја закачиме врз нашето општествено ткиво како краста и да се обѕрнуваме исплашено од сенките отаде Осоговската Планина. Ако првите 200-300 партизани во 1941 година го имаа овој страв на денешните политичари од опозицијата (а и на некои прикриени во власта), тие никогаш немаше да излезат во планините и да почнат борба против бугарските окупаторски сили, кои броеја илјадници и илјадници. За најпосле својата борба да ја крунисаат со сопствена држава. Тогаш на цена беше херојството. Сега се промовира стравот под наметката на јунаштвото.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.