1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Mеѓународната заедница е виновна за Косово

Денеска (17.02) се одбележуваат четири години од прогласувањето независноста на Косово. Односите меѓу Србите и Албанците се’ уште се многу критични, а тоа го покажува и последниот референдум на косовските Срби.

Меѓународната заедница има удел во целата мизерија, смета европратеничката Дорис Пак. Според нејзе, причината за тоа е неуспехот на меѓународната заедница да го однесе Косово до независност уште во 1999-та година.

А, на референдумот 99,7 проценти од 35.000 Срби што гласаа рекоа дека не сакаат да бидат управувани од институциите во Приштина. Затоа, Дојче веле ја праша шефицата на делегацијата на Европскиот парламент за односи со земјите од Југоисточна Европа - што ќе им донесе гласањето на Србите?

„Апсолутно ништо. Тоа беше јасно од самиот почеток. Дури ниту политичарите во Белград не го сакаа референдумот, затоа што знаеја дека не води кон ништо. Но, тоа беше желба на Србите северно од Ибар. Значи, тие ја одбиваат државата Косово и тоа е во согласност со ставот на Белград, кој исто така нема намера да го признае Косово“, вели европратеничката Дорис Пак.

Kosovo Serben halten Referendum ab in Kosovska Mitrovica

Референдумот нема да им донесе ништо на Србите, вели Дорис Пак

Референдумот - чепкање во раната

И по четири години од прогласувањето на независноста на Косово, нема приближување во односите меѓу закараните соседи. Дали косовските Срби со референдумот само ставија прст во раната?

„Да, тие тоа го направија уште минатата година со страшните блокади и напади на војниците од КФОР. Значи, предолго чекавме. Всушност, за оваа ситуација, за сите проблеми е виновна и меѓнародната заедница, која на Косово не му даде независност непосредно по интервенцијата и нападот на НАТО во 1999-та година. Долго траеше додека Косовците тоа сами не го направија“, вели Дорис Пак.

Таа додава и дека „не треба да се заборави ниту наследството на Милошевиќ, бидејќи негова е вината што Албанците на Косово, односно цело Косово, повеќе од 20 години настојуваат да бидат независни“.

„Милошевиќ беше веќе мртов кога Косово прогласи независност и Србите не разбираат зошто, наводно, се казнети – зошто им е одземен дел од земјата? Но, тоа беше само последица на режимот на апартхејд што Милошевиќ го воспостави на Косово во 90-тите години“, смета европратеничката Дорис Пак.

Дијалогот Белград - Приштина е мртво слово на хартија

Kosovo Stadt Prizren

Косово ја одбележува четвртата годишнина од независноста

Прашана што донесе дијалогот меѓу Белград и Приштина, Дорис Пак одговара: „До сега ништо. Се’ остана мртво слово на хартија. Ништо не се спроведува на дело“.

Се чини дека е потребно да се врши притисок врз двете страни. На пример, германската канцеларка Ангела Меркел за време на посетата на Белград во август минатата година недвосмислено изјави дека нема пристап за Србија во ЕУ без решавање на конфликтот со Косово.

„Да, тоа е средство на притисок. Ако Белград, ако Србите сакаат во ЕУ, тогаш тие мораат, не сакам да кажам утре дека мораат да го признаат Косово, но во најмала рака мораат да овозможат заеднички живот во регионот. Ние не сакаме да работиме со никого што е така непријателски настроен кон соседите. Јас не велам дека сега мораме да ги примораме да го признаат Косово, но ако за некоја година сакаат да пристапат на ЕУ, признавањето на Косово мора да претходи. Тоа Ангела Меркел јасно го дефинираше и никој не може на тоа поинаку да гледа“, порачува пратеничката во Европскиот парламент Дорис Пак.

Автор: Нана Бринк / Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска