1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Mеѓу тврдоглавоста и парите

22 јуни 2009

Младиот германски возач Себастијан Фетел ја постигна втората победа во сезоната во автомобилизам формула еден и го направи светското првенство поинтересно.

https://p.dw.com/p/IWLt
Себастијан ФетелФотографија: picture-alliance/ dpa

На трката за Големата награда на Велика Британија во Силверстоун Фетел имаше пол-позиција на стартот, и челното место не го испушти во текот на целата трка. Така изостана очекуваното славје на домаќините, оти водечкиот во светското првенство, британскиот возач Џејсон Батон, стигна дури шести на целта. Тимот на „Ред бул“ доминираше и со второто место на Марк Вебер постигна втора двојна победа годинава. По осум одржани трки, од вкупно 17, Батон води со 64 бодови, пред Рубенс Барикело, колега од тимот Браун ЏиПи, со 41 и Фетел со 39. Во конкуренција на тимови „Браун ЏиПи“ има 105 бодови, „Ред бул“ 74,5, „Тојота“ 34,5.

Formel 1 - Jenson Button
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Спорот со ФИА е „Гордиев јазол“?

Првенството, всушност, е во длабока сенка на спорот со Светската автомобилска федерација - ФИА, по нејзиното решение во наредната сезона да го ограничи буџетот на тимовите на по 43 милиони евра. Осум, од вкупно 10 тимови, најавија дека за наредната сезона подготвуваат свое сопствено натпреварување. Германскиот возач Нико Розберг има разбирање за позицијата на тимовите:

„За едно огромно претпријатие, како што е тимот на Ферари во формула еден, со илјада или повеќе вработени, е тешко за шест месеци да премине од буџет од 350 на само 40-ина милиони“.

Вознемиреност поради конфликтот

Од ФИА најавија тужба против екипите што сакаат да се отцепат. Дефинитивниот список на тимови - учесници во наредното светското првенство е одложен на неодредено време. Возачот на БМВ-Заубер, Ник Хајдфелд, е вознемирен поради конфликтот:

Formel 1 - Sebastian Vettel
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Ситуацијата е тешка и не е едноставно да се најде решение. Мислам дека ни засегнатите не знаат како ќе заврши спорот“.

На формула еден и’ се заканува опасност да остане без Ферари, Браун Џи-Пи, Мекларен Мерцедес, Ред бул рејсинг тим, БМВ-Заубер или Рено. На располагање би биле само Вилијамс и Форс Индија, како и новопријавените Кампос, Менор и Ју-еС-еФ.

Автор: ЗЈ/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска