1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Како ќе владее Путин со Русија по изборите?

Михаил Бушујев
19 март 2024

Сите знаеја дека изборите во Русија се „завршена работа“ и дека Владимир Путин ќе остане претседател. Ќе има ли сепак промени во земјата?

https://p.dw.com/p/4dstq
Кремљ Москва Русија
Како ќе владее во иднина Путин во РусијаФотографија: AFP/Getty Images/M. Antonov

На руските претседателски избори, како и на „рекордно добрите резултати“ и  прогласувањето на Владимир Путин за претседател,  во светот, а делумно и во самата Русија, однапред се гледаше како на чиста формалност. Како ќе се развива ситуацијата во земјата по изборите?

Стабилизација на режимот на Путин

„Прогласените 87 проценти освоени гласови му даваат  потврда на режимот  и на  сѐ поавторитарниот курс на Путин.  Резултатите на изборите во Русија меѓутоа не ја одразуваат волјата на избирачите, туку војлата на режимот“, оценува Регина Хелер од Институтот за истражување на мирот и безбедносни политики на Универзитетот во Хамбург. Тоа е, вели таа, еден вид „лиценца за режимот, за политиката на Путин и неговите постапки кон Украина."

Ханс-Хенинг Шредер:
Ханс-Хенинг Шредер: Путин покажува зголемена активност во јавноста

Експертот за Источна Европа, Ханс-Хенинг Шредер смета дека режимот на Путин успеа да се стабилизира на власт, откако лани западна во криза поради бунтот на групата Вагнер и нејзиниот водач, олигархот Евгениј Пригожин, кој подоцна загина во авионска несреќа. Кремљ на тие настани одговори со зголемена активност на Путин во јавноста, што требаше да испрати порака дека тој „ја држи ситуацијата под контрола“.

Германските експерти укажуваат дека режимот и натаму опстанува благодарение на фактори како стабилна економска ситуација и успех во ублажување на негативните последици од западните санкции. Кон тоа, истакнуваат, треба да се додаде и масовната репресија против пртивниците на руската војна против Украина.  Сето тоа му овозможува на Путин да продолжи со воениот курс, тој и натаму ќе води војна со несмалена жестина, дури можеби и повеќе ќе ја ескалира“, вели Регина Хелер.

Зголемување на даноците за финансирање на војната?

Експертите очекуваат зголемување на даноците во Русија, со оглед на тоа што и самиот Путин, уште пред изборите, во говорот пред рускиот парламент ја повика владата да го реформира даночното законодавство. Војната има своја цена – така гледа на тоа Ханс-Хенинг Шредер.

Герхард Мангот
Герхард Мангот: На Русија ѝ требаат пари за војнатаФотографија: Celia di Pauli

„На владата ѝ требаат пари, повеќе приходи, а тоа може да се постигне само со зголемени даноци. А приходите од нив би требало секако главно да одат за војната“, вели Герхард Мангот, професор по политички науки на Универзитетот Инсбрук, кој се специјализирал за меѓународна политика и безбедност во постсоцијалистичкиот простор. 

Натамошна мобилизација во Русија?

Во меѓувреме во Русија во пошироките кругови на населението се зборува за нова мобилизација. Многумина тоа го сметаат за веројатно, зашто Путин не ја ублажува воената реторика, вели Регина Хелер. „Гледаме дека  западната поддршка на Украина  не е толку силна како што би требало да биде“, вели експертката од Хамбург и укажува на тоа дека за Кремљ тоа би можело да значи дека сега е поволен момент за обид за промена на рамнотежата на силите во корист на Русија.

Од друга страна, вели Хелер, мобилизацијата би можела да биде и опасна, зашто кај руското население владее голем замор од војната. Затоа Герхард Мангот, повикувајќи се на резултати на истражувањето на јавното мислење, смета дека е помалку веројатно оти повторно ќе биде спроведена масовна мобилизација.

Одлуката за тоа дали во скора иднина ќе има мобилизација или не, зависи од тоа што планираат Русите следните месеци во Украина, вели Ханс-Хенинг Шредер. „Ако сакаат да започнат офанзива и навистина да ја поразат Украина, за тоа им треба зголемување на нивните воени сили, и тоа не само за воено да победат, туку и за да ја држат Украина под контрола.“

  Регина Хелер
Регина Хелер: Путин ќе ја води војната со несмалена жестинаФотографија: DW

Сепак, Шредер додава: „Мој впечаток е дека целта, барем до изборите во САД, е да се одржи предност и генерално да се стекне впечаток во земјата и странство дека Русија е на пат кон победа. Ако Бајден изгуби, а Трамп биде избран за претседател на САД, ситуацијата во голема мера ќе се промени и  за Украина би била многу полоша.  Тогаш мобилизација во Русија веројатно не би била потребна“, вели Шредер.

Реструктуирање на врвот?

Експертите во секој случај не очекуваат значајни промени во самото руско раководство. „Моментално не гледам големи слабости“, вели Шредер. Премиерот Михаил Мишустин, сметаат во Кремљ, добро ја врши својата работа. Централната банка и финансиските стручњаци ја стабилизираа ситуацијата во Русија по очигледно потценетите реакции на ЕУ и САД на нападот на Украина. И инфлацијата е под контрола, а функционира и стратегијата за преориентација на целокупната економија од Европа кон Азија. „Затоа Путин и не гледа причини за промени“, вели Шредер.

Регина Хелер потстетува дека Путин во својот говор за состојбата на нацијата изјави дека на Русија ѝ е потребна нова елита, лојална на војната. Според нејзино мислење, тоа би можело да се однесува на „црвените принцови“, како што вели германската експертка. Таа тој израз го користи за да ги опише децата на соработниците на Путин, оние кои Путин ги познава одамна и кои целосно му се верни. Хелер смета дека веројатно ќе дојде до промени во рамките на владејачката руска елита и тоа со долгорочни последици – а сето со цел да се подготви контролиран пренос на власта и моќта по Путин. Така би се обезбедил континуитет на неговиот систем.