1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

K 15: на Македонија и‘ треба чесен стечаен управник!

Цацко, Миле и Тошо на оригинален начин се исмеваат со несовршеноста на системот и со маните на современиот македонски човек ама се прилично сериозни кога зборуваат за Македонија во изминатите две децении и перспективите.

default

К 15-Васко Тодоров, Бубо Каров и Бранко Огњановски

К 15 е институција во Македонија. Авторите на оваа хумористична емисија со право се сметаат за хроничари на едно време, на првите две децении од македонската самостојност. К 15 е огледало на македонското општество. Нема човек во Македонија кој не ги знае Цацко, Миле и Тошо, а особено популарни се меѓу децата. Луѓето кои на оригинален начин се исмеваат со несовршеноста на системот и со маните на современиот македонски човек се прилично сериозни за време на разговорот со Дојче веле. Не кријат дека се разочарани од постигнувањата на земјата во изминатите дваесет години и неуверени во светлата перспектива на државата која годинава одбележува значаен јубилеј. Бубо Каров, Васко Тодоров и Бранко Огњановски се доживуваат себеси како југоносталгичари.

Цацко Конопишки вели: „Јас сум најголем југоносталгичар, со оглед на тоа дека сум најстар, најмногу паметам од бившата „Југа“, а не сум од оние кои се научени да плукаат по сопствената историја. И тој период не само што го признавам, туку и многу го почитувам“.

Ги бришеме последните сто, се враќаме две илјади години

Бранко, попознат како Миле Паника се обиде со шега да го сокрие песимизмот.

„Добро што Бубо зема прв збор, затоа што кога праша кој од вас е најголем југоносталгичар, сакав да ти речам-од каде знаеш дека имав југо? Дали сум носталгичен по југо? Јас пред југото имав лада, се шегувам. Јас сум во најмала рака збунет. Јас чуствувам како некој да сака да ми наметне нешто друго, правиме линкови, се враќаме назад 2 100 години а ги бришеме последните 100 години. Јас сум роден во Југославија, за ѕвездата од Вергина прв пат слушнав во 1996 година“, вели Бранко Огњановски.

Васко Тодоров објаснува:

„Нашиот бизнис произлезе од тоа што се растури Југославија. Ако останеше старата држава, не верувам дека ќе постоеше К 15. Се урна стариот систем, дојдоа луѓе, ни рекоа-дечки, дипломите веќе не важат, во период на транзиција се случуваат работите наопаку и дното излегува на површина“.

Кои се придобивките на осамостојувањето?

По ваквите категорично лоши оценки за македонската транзиција се наметнува прашањето, кои се придобивките од осамостојувањето на државата?

„Јас мислам дека нема. Придобивките се визен режим, блокада, чекање, кражби на сите страни. Ова е далеку од демократија“, вели Тошо. Бубо се надоврзува:

„Ова звучи малку апсурдно, но мене од таа поранешна Југославија во споредба со денешна Македонија, најмногу ми недостига демократијата. Ова што нам ни се пласира како демократија нема ни ’д’ од демократија“, вели Бубо Каров, а Васко го надополнува:

„Овде ако не си член на некој политички клан имаш проблем. Овде слободен стрелец има проблем“.

Инспирација колку сакаш

Транзицијата трае предолго, се води лоша политика, се влечат чудни потези, сметаат најпознатите хумористи во Македонија. Но тоа е добро за нивниот бизнис, имаат инспирација во изобилство.

Komiker aus Mazedonien

Тошо, Цацко и Миле

„Ние имаме проблем да направиме пародија на некои глупости што ни се случуваат во државата, значи не знаеме како да го направиме нештото поглупаво отколку што тоа навистина е“, вели Васко Тодоров.

Секој од нив на посебен начин ја сака Македонија, но сите различно го доживуваат патриотизмот.

„Јас ќе ја пејам химната, ама на крај ќе изгубиме со 11 спрема 0“, вели Цацко.

К 15 е огледало на македонското општество

Тоа што голем број скечеви на К 15 од пред десет години се актуелни и денес, покажува дека Македонија не оди напред. Ако две децении тапкаме во место каква е иднината на Македонија? Има ли земјата човечки потенцијал, државнички капацитет да опстои, да ги оствари зацртаните цели?

„Капацитети има ама се погрешно распоредени. Тоа е проблемот кај нас и тоа продолжува со години. Така што ако вака продолжи јас не сум некој голем оптимист“, вели Васко Тодоров.

„Подобро и да имаме вакви 20 години, еве ние да бидеме жртви, ама се надевам дека барем ќе опстоиме. Ова е крајно време да се фати вистинскиот правец, како ова треба да функционира“, вели Бранко Огњановски. Бубо Каров заклучува:

„Ние на шала кажуваме дека еден поуспешен директор на стоковна куќа во Шангај може да ја раководи нашата држава, да не‘ стави во ред. Нас ни треба еден стечаен управник, чесен, кој за половина година ќе ги постави работите и ние после треба да бидеме само дисциплинирани“.

Хуморот е најбезболен начин да и‘ се погледне на вистината в очи. Авторите на емисија која постои 17 години се надеваат дека во иднина ќе имаат се‘ помалку инспирација. Посакуваат Македонија да стане здодевно место за живеење за да можат без грижа на совест да ја испратат во К 15 заслужена пензија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска