1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Грција: Идентитетска криза на левицата пред изборите

24 јуни 2023

Грчката левица е во криза. Додека опозициските партии се препукуваат меѓу себе, се зајакнува позицијата на конзервативната влада. Но, кој ќе ја контролира власта во иднина?

https://p.dw.com/p/4SsGJ
Изборни плакати во Грција спроти новите избори на 25.06.2023
Изборни плакати во Грција спроти новите избори на 25.06.2023Фотографија: Florian Schmitz/DW

Ништо не и оди навистина добро на левицата во Грција, деновиве. На парламентарните избори на 21 мај 2023 година, резултатите на левичарските партии беа далеку од она на што се надеваа по четиригодишното владеење на десничарско-конзервативната влада на Кирјакос Мицотакис. Додека шефот на Неа Димократија успеа да го подобри својот изборен резултат за околу еден процентен поен и да ја пробие границата од 40 проценти и покрај многуте скандали за време на неговиот мандат, лидерот на опозицијата Алексис Ципрас со неговата левичарска партија Сириза падна од 30 на 20 отсто освоени гласови во споредба со парламентарните избори во 2019 година. Неговиот поранешен сопартиец и сегашен противник Јанис Варуфакис, кој има девет места во грчкиот парламент од 2019 година, исто така, исто така доживеа изборен неуспех со неговата партија Мера25. Таа за малку ја промаши границата од три проценти во првиот круг од гласањето на 21 мај и не обезбеди пратенички места од парламентот.

19-годишната студентка по археологија Марија Дариотаки е разочарана од овој резултат. Таа седи на штандот за изборната кампања на Мера25 во Атина и се надева дека ќе ги убеди особено младите да излезат на гласање и да го дадат својот глас на претстојните нови изборина 25 јуни.

За неа една работа е важна пред се: левичарските гласачи да не гласаат за Алексис Ципрас и за неговата партија Сириза. За студентката, поранешниот премиер и надежта на левицата го загубил својот кредибилитет. „За време на кризата ни вети дека ќе излеземе од програмите за штедење. Но, откако народот гласаше за тоа во 2015 година и 61 насто гласаа против програмите за штедење, Сириза направи чекор наназад“, вели Дариотаки. 

Студентката Марија Дариотаки ја поддржува левичарската партија Мера25 на економскиот експерт Јанис Варуфакис
Студентката Марија Дариотаки ја поддржува левичарската партија Мера25 на економскиот експерт Јанис ВаруфакисФотографија: Florian Schmitz/DW

Според Марија, пред изборите во јануари 2015 година, Ципрас успеал да ги мобилизира луѓето кои биле разочарани од политиката, за потоа да ги измами како премиер. За неа е јасно дека неговата одлука во тоа време да ги поддржи програмите за штедење ја чинеше земјата шанса за нов почеток за левицата.

Нема изборна алијанса на левицата

Не само за Марија Дариотаки и многу левичарски гласачи во Грција, озлогласениот референдум од 5 јули 2015 година беше шок кој сè уште не е надминат. Тој доведе до раскол во Сириза. Истакнати личности, меѓу кои и тогашниот министер за финансии Јанис Варуфакис, поднесоа оставка од партиските функции. Сите обиди да се спаси Левиот сојуз како владејачка партија не успеаја. Во август 2015 година, Ципрас поднесе оставка на премиерската функција и беа одржани нови избори. Иако Сириза повторно победи и Ципрас беше премиер до јули 2019 година, јазот во левицата во Грција е присутен до денес.

Ова е една од причините зошто големата левичарска изборна алијанса за кој зборуваше Ципрас во годинешната предизборна кампања изгледаше едноставно неверодостојна. Никој од партиските лидери на другите левичарски партии не сигнализираше интерес за тоа. На Никос Андрулакис од социјалдемократскиот ПАСОК ќе му беше тешко да ги убеди своите гласачи за коалиција со Ципрас. И без тоа, поранешната сенародна партија не е добар глас во Грција. Многумина го поврзуваат ПАСОК со корупцијата и непотизмот од 1980-тите. Многу гласачи и членови на ПАСОК затоа преминаа во Сириза пред 2015 година. Згора на тоа, во минатата година, се покажа дека владата на премиерот Мицотакис со помош на тајната служба го шпионирала својот ривал Андрулакис. 

Шефот на Сириза, Алексис Ципрас полн со надеж по гласањето на 21 мај 2023 година
Шефот на Сириза, Алексис Ципрас полн со надеж по гласањето на 21 мај 2023 годинаФотографија: Michael Varaklas/AP/picture alliance

И Варуфакис, кој се претставува како вистинска левичарска алтернатива на Ципрас со Мера25, јасно го отфрли коалицирањето со Сириза. Во предизборниот говор тој рече: „Нема да работиме со Сириза. По што таа се разликува од Неа демократија?“.

Така како единствен можен изборен партнер на Ципрас остануба само ККЕ, Грчката комунистичка партија. Таа, меѓутоа во основа го исклучува формирањето на владини коалиции сè додека Грција официјално не се обврзе кон социјализмот.

Младите гласачи веќе се на сезонска работа

Резултатите од првите избори на 21 мај 2023 година покажуваат дека, и покрај сите разочарувања, поддршката за левичарските партии кај младите е релативно висока. На крајот од краиштата, 28 отсто од гласачите на возраст меѓу 17 и 24 години го дале својот глас за Сириза, која, меѓутоа, вкупно само 20 проценти од гласовите. Затоа, на Мицотакис му одговара тоа што многу гласачи од оваа возрасна група се веќе на сезонска работа и не можат да гласаат. Еден од нив е 22-годишниот Јанис Зисис. Живее, студира и работи во Солун, но потекнува од село северозападно од Атина. Многу млади луѓе се регистрирани кај нивните родители и би морале да си одат дома за да гласаат. Опцијата за гласање по пошта не постои во Грција.

Всушност, Зисис би сакал да гласа. Но, тој од работодавецот не добил слободен ден ниту за изборите на 21 мај, ниту за новите избори: „Не сум задоволен од Неа Демократија“, објаснува тој. „Ќе гласав за левицата, или за Сириза или за Мера25“.  Но, Зисис е критичен и кон Ципрас: „Кога разговарам за ситуацијата со моите пријатели, забележувам дека многумина од моите врсници се разочарани од него“. Тој критикува дека се уште недостига перспектива за младите.

22-годишниот Јанис Зисис би сакал со својот глас да поддржи левичарска партија. Како и многу млади Грци, тој работи на денот на изборите и не може да гласа
22-годишниот Јанис Зисис би сакал со својот глас да поддржи левичарска партија. Како и многу млади Грци, тој работи на денот на изборите и не може да гласаФотографија: Florian Schmitz/DW

Силна власт - слаба опозиција

Атинскиот политиколог Димитрис Христопулос смета дека Алексис Ципрас и исклучително ослабен во однос на неговата политичка иднина. Беше подобар премиер отколку лидер на опозицијата, смета Христопулос и додава: „Она што го видовме на 21 мај беше само симптом на подолга криза која трае веќе осум години“. По тешките години како премиер, Ципрас ја загуби ориентацијата: „Сметаше дека неговиот политички опстанок е поверојатен колку што е поблиску до конзервативните позиции“. Ова значеше дека традиционално силната левица во Грција повеќе не се чувствуваше застапувана од Ципрас.

Но, кризата на левицата би влијаела и на функцијата на опозицијата како суштински дел од демократскиот систем, предупредува Христопулос. Додека левичарските партии се губат во лични конфликти, силната влада на конзервативната Неа Демократија е во состојба речиси неконтролирано да управува со земјата. Затоа е потребна внимателност: „Можеби се движиме кон кон нов тип на систем во кој десницата ќе владее долго време и ќе ја води земјата кон веројатно авторитарен, квази-нелиберален систем“.

Тоа би значело дека контролата на владата од страна на парламентот, независните институции и медиумите би била исклучително слаба: „Грција на тој начин би го следела примерот на земјите од Централна Европа и Италија. Ова е многу веројатно сценарио“, изјави Христопулос за ДВ.

Во секој случај, Мицотакис смета на апсолутно мнозинство за неговата нова влада на изборите во недела (25.06.2023). Тој категорично исклучува коалиции. Доколку тоа не успее, Грците во август ќе мора по третпат да излезат на гласачките места, постојано најавуваше Мицотакис во медиумите.