1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бојкот на СП: „Катар е капката која ја прели чашата“

19 ноември 2022

Бројни кафулиња во Германија нема да ги пренесуваат натпреварите од фудбалското првенство во Катар. Репортерот на ДВ посети едно од овие култни места.

https://p.dw.com/p/4Jfk1
Кафеаната „Лота“ во Келн, Мундијал, Катар
Кафеаната „Лота“ во Келн - бојкот на преносите од СП во КатарФотографија: Oliver Pieper/DW

Во Германија нема ни трага од типичната атмосфера пред еден Мундијал. Поголем дел од луѓето дури тврдат дека нема да ги гледаат натпреварите. Кон бојкотот се приклучуваат и голем број кафулиња кои вообичаено имаат телевизори и пренос на фудбалски натпревари. Репортерот на ДВ посети едно од култните места во Келн.

Култната келнска кафана „Лота“ речиси веќе три децении е чувар на убави сеќавања поврзани со незаборавни фудбалски моменти. Кога победува фудбалскиот клуб Келн, тука се случува ерупција на возбуда и славење. Луѓе кои не се познаваат меѓусебе се гушкаат од радост, додека на шанкот се точи познатото келнско пиво во тенки чаши.

„Лота“ беше преполна и онаа вечер кога Марио Геце го даде легендарниот гол во продолжението на финалниот натпревар против Аргентина. Така Германија го освои Мундијалот во 2014 година и овде сите се сеќаваат на тој момент во кој се случи ерупција од радост.

Оттука воопшто не е шега тоа што ко-сопственикот на кафеаната, Петер Цимерман, кој дваесет години нема пропуштено ниту еден натпревар на ФК Келн на стадион, реши дека телевизорите нема да бидат вклучени додека трае Светското првенство во Катар и во кафеаната нема да се гледаат натпреварите.

„Сакаме да ставиме до знаење дека не се согласуваме со овој до срж корумпиран систем на ФИФА, каде всушност се работи само за пари, а никого не го интересираат човековите права и фудбалската култура. Катар е круна на таквата пракса – угнетување на жените,  дискриминација на хомосексуалци, катастрофални услови за работа,“  вели Цимерман.

Дитрих Шулце – Мармелинг, автор на бројни книги за фудбалот
Дитрих Шулце – Мармелинг, автор на бројни книги за фудбалот Фотографија: privat

Мнозинството Германци ќе го игнорираат Катар?

Додека ќе се игра во Катар, во „Лота“ ќе има квизови, турнири во пикадо и фудбалчиња, и ќе се играат турнири во фудбал на Плејстејшн. Ќе има и дебата за ФИФА, Катар и бојкотот.

Оваа идеа на келнската каефана стана вирална на социјалните мрежи, па дури и јапонска телевизиска екипа дојде да ја сними дружината кај „Лота“.

„Како што се приближува Светското првенство, ни стануваше сè појасно дека Катар е капката која ја прелеа чашата и дека не можеме да го поддржиме тоа,“ вели Цимерман. Тие уште во април објавија дека ќе го бојкотираат првенството. „Реакциите беа веднаш позитивни и со воодушевување, иако тогаш се уште бевме малцинство."

Според една скорешна анкета сега таков став има мнозинството. Дури 56% од Германците изјавиле дека нема да гледаат ни минута од фудбалот од Катар, 15% ќе гледаат помалку од досега, 18% ќе гледаат исто како до сега, а само два проценти ќе гледаат повеќе од досега. Од оние кои нема да гледаат, половината како причина наведуваат дека не се интересираат за фудбал, а другата половина вели дека тоа ќе го прави од протест.

Во Германија нема ни трага од еуфорија која би била вообичаена пред еден Мундијал. Нема автомобили со знаменца, а речиси никој не го собира официјалниот Панини албум со сликички. Можеби е поради студеното време, но двата најголеми синџири за спортска опрема велат дека продале само половина од бројот на дресови споредено со пред четири години.

Навивачите го прифатија протестот

Во „Лота“ дури ги исфрлија од понуда сите марки на пиво кои на етикетата го имаат додадено пехарот од Светското првенство. Додуша, во „Лота“ добиваат и по некој критички коментари по мејл или на Инстаграм - ги нарекуваат лицемери кои не сакаат да гледаат фудбал од Катар, но дека радо би се грееле на енергенси од таа земја.

Но Цимерман воопшто не жали за одлуката. „Секако дека Светско првенство секогаш носи добар дополнителен приход, пред се кога игра Германија. Но, имаме и редовни гости, а се надевам дека нашата алтернативна програма ќе привлече и други луѓе. Тие велат дека го сакаат фудбалот, но дека ова со Катар отиде предалеку."

Во вторник (22 ноември) во „Лота“ ќе дојде и Дитрих Шулце – Мармелинг. Авторот на бројни книги за фудбалот веројатно ретко оди во овој келнски паб, бидејќи тој е страстен навивач на Дортмунд, но ќе учествува во дебатите во „Лота“. Шулце – Мармелинг е пионер на оваа акција, бидејќи уште пред две години повика на бојкот и напиша книга за контроверзниот избор на Катар да го организира Светското првенство.

„Ме изненади до која мерка протестите сами од себе пораснаа во изминативе недели. Особено протестите на навивачите во последните три кола од Бундеслигата,“ вели Шулце – Мармелинг за ДВ.

„Мислам дека со години се таложеше ова и Катар за многумина беше уште полош избор од Русија. За Русија можеше да кажете дека е барем голема земја со некаква фудбалска традиција. Но, Катар со своите 350.000 граѓани е апсурд,“ додава Шулце – Мармелинг.

Акција на кафеаната „Лота“ за бојкот на Мундијалот во Катар
Акција на кафеаната „Лота“ за бојкот на Мундијалот во КатарФотографија: Oliver Pieper/DW

Германија - светски шампион во морализирање?

Неговата идеја е никој од навивачите да не патува во Катар, ниту да купува производ со логото на Светското првенство. Тој се надева дека на организаторите повеќе нема да им биде привлечно да организираат вакви „перверзни“ првенства и „ понатамошно да го уништуваат фудбалот“. Дали Шулце – Мармелинг има разбирање за оние кои ќе навиваат покрај ТВ екраните?

„Јас не осудувам никого, дури имам и разбирање. Дали сите што сега велат дека нема да гледаат ќе издржат до крај и во случај ако Германија игра добро? Важно е само да не се изгуби критичкиот поглед на турнирот“, вели тој. „Потребна ни е дискусија за тоа каде да ја насочиме иднината на фудбалот.

Во Германија протести од навивачите не се невообичаени – против расизмот, хомофобијата или влијанието на инвеститорите врз фудбалот. И во оваа ситуација бојкотот е најгласен во Германија, додека во поголемиот дел од земјите чии репрезентации играат во Катар ова воопшто не е тема. Некои дури со потсмев велат дека  Германија е светски шампион во морализирање.

„Ако темата за човековите права има посебен одек во Германија, тогаш можеме да бидеме горди на тоа“, вели Шулце-Мармелинг. На обвинувањата дека бојкотот е важен само во „германскиот меур“, вели дека нивната акција е забележана во целиот свет и дека често добива барања од други земји, на пример од Англија. Од него, вели, бараат совет како да го направат нивниот бојкот успешен.