1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Притисокот расте - обврска за работа за баратели на азил?

Сабине Кинкарц
7 март 2024

Ваучери наместо кеш, работа за 80 центи од час - многу политичари се надеваат дека Германија така ќе стане помалку атрактивна за азиланти.

https://p.dw.com/p/4dGJS
Баратели на азил метат во прифатилиште за бегалци во Зигмаринген
Баратели на азил метат во прифатилиште за бегалци во Зигмаринген, во покраината Баден-Виртемберг (архивска фотографија)Фотографија: Thomas Warnack/dpa/picture alliance

Некогаш властите работат многу брзо. Само што канцеларот и покраинските премиери минатиот ноември се договорија за картичката за баратели на азил, првата општина веќе ги воведе. Тоа беше округ во покраината Тирингија, кој со тоа воведе и серија рестрикции. Со припејд мастер картичката може да се купува само локално. Нема исплата на кеш пари, ниту трансфери во странство. Во меѓувреме уште повеќе градови и општини ја воведоа картичката која до крајот на 2024-та треба да ја има насекаде во државата.

Чистење како обврска

Тирингија е предводник и за друга мерка која се најде на насловните страници: во еден оркуг е воведена обврска за работа за барателите на азил кои се сместени во групните прифатилишта. Тие мора да го чистат прифатилиштето и просторот околу него. Ако се противат, им се кратат социјалните примања во износ до 180 евра месечно.

Генерално обврската за работа не е ништо ново, за тоа одамна има законска регулатива. Но, тоа не се однесува на регуларна работа со соодветно плаќање. Баратели на азил правно погледнато во првите три месеци немаат воопшто дозвола да работат. Потоа, регулативата е различна во зависност од тоа дали бегалците, на пример, живеат во прифатилишта или имаат малолетни деца. Дури по половина година се издава дозвола за работа.

Тоа не значи дека барателите на азил веднаш наоѓаат работа. Од осумте најважни земји на потекло, пред сѐ Сирија и Авганистан, во февруари 2024 година како работоспособни се пријавени околу 700 илјади лица. Но, од нив ниту половина не се во состојба да прифатат работна позиција. Останатите или одат на училиште, или се на обука, или се на курсеви за интеграција и јазик, или мора да се грижат за децата или болни членови на семејството. Дополнително, повеќе од две третини на луѓето кои бараат работа со државјанство на една од тие земји на потекло, бараат вработување само како помошник работник, а такви места во Германија нема многу.

седница на шефовите на влади на 16-те германски покраини
Шефовите на влади на 16-те германски покраини се согласија да воведат платежна картичка за барателите на азил низ целата земјаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Наместо плата, надомест за добиеното

Тоа што секогаш е можно за баратели на азил и важи и за оние кои биле одбиени за азил и би требало да ја напуштат земјата: може да бидат обврзани да работат до четири часа на ден општокорисна работа за 80 центи од час. Таквата регулатива, која досега ја користат многу мал дел од општините, според началникот на округ Кристијан Хергот од ЦДУ, има многу предности. Обврската за работа нуди вработување пред сѐ за оние кои сѐ уште не смеат регуларно да работат и служи луѓето да имаат „структура” во денот, вели тој. Со тоа што тој веќе не плаќа фирма за чистење, како што вели, придонесува и за поголема прифатеност на барателите на азил од страна на жителите во округот.

„Се работи за тоа на оние кои сето ова го плаќаат - имено даночните обврзници - да им се врати нешто со сопствен ангажман”, вели Хергот за весникот „Ди Велт”. Други можности за општокорисна работа се бараат, на пример, во здруженија.

Тирингија не предничи случајно

За иницијативата политичарот на ЦДУ има широка поддршка од населението - 82 проценти од граѓаните, покажа истражувањето на институтот Инса. Околу 77 проценти се изјасниле „за“ картичката за плаќање. Не е случајност што Тирингија е меѓу првите што ја воведоа картичката, како и работата за барателите на азил и што во двата случаи станува збор за политичари на ЦДУ. Во сојузната покраина во септември се гласа за нов состав на парламентот. Во анкетите деснопопулистичката АфД со десноекстремниот претседател Бјерн Хеке води со повеќе од 30 проценти. ЦДУ има 20 проценти и се надева дека ќе поврати дел од гласачите на АфД доколку се залага за построга политика спрема азилантите.

Повеќето бегалци сакаат во Германија

Тоа важи и за соседна Саксонија, каде исто така во септември има избори и води АфД. Таму премиерот Михаил Кречмер од ЦДУ бара доселувањето на бегалци во Германија да биде ограничено на 50 до 60 илјади луѓе годишно, што е значајна разлика во однос на досега застапуваната горна граница од 200 илјади од страна на сестринската партија ЦСУ од Баварија.

Актуелните цифри се многу повисоки од тоа, зашто повеќето бегалци кои доаѓаат во Европа ја имаат Германија за цел. Околу 330 илјади барања за азил се поднесени во 2023 година, односно 30 проценти од вкупниот број на барања во сите 27 членки на ЕУ.Таквиот тренд продолжи и во јануари и покрај отежнатите услови.

Недостиг од станови и згрижување на децата

Заострените гранични контроли не можеа да ги намалат бројките на мигрантите, ниту пак некаков резултат покажа договорот за реформа на правото за азил во ЕУ. Затоа ситуацијата во многу градови и општини е тензична. Барателите на азил по клуч се прво распределувани во сите 16 покраини во земјата и таму ги сместуваат во првични прифатилишта. Бидејќи постојано има нови бегалци, покраинските власти настојуваат да ги распределат веднаш до општините кои потоа се обврзани за сместувањето, згрижувањето и интеграцијата. Градовите и општините, со оглед на недостиг на станови, места во градинки и училишта, се одамна под притисок.

Горна граница правно неизводлива

Расположението е влошено и меѓу граѓаните. Подготвеноста да се прифатат бегалци е значително намалена, се вели во студија на фондацијата Бертелсман. Иако има „цврста култура на добредојде”, скепсата и грижата од негативни последици е значително зголемена.

Канцеларот Олаф Шолц исто така е на мислење дека бројот на бегалци е превисок и не може да остане така. Но, за горна граница каква што бара Унијата, тој не сака да чуе, меѓу другото и затоа што за такво нешто е потребна промена на Уставот.

Ерфурт демонстрации против десничарскиот екстремизам
АфД е во предност во анкетите, но и во Тирингија има демонстрации против десничарскиот екстремизам, како овде во главниот град на покраината ЕрфуртФотографија: Paul-Philipp Braun/epd-bild/picture alliance

Да се намали привлечноста на Германија

Многу политичари затоа размислуваат како Германија да ја направат помалку атрактивна во рамки на законските можности. Платежната картичка и дебатата за обврска за работење може да се сфати само така. Шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц, кој има амбиции за канцелар во 2025 година, за платежната картичка во февруари рече: „Таму каде што се воведува, бројот на баратели на азил преку ноќ се намалува зашто отпаѓа еден од клучните мотиви за престојот, имено примањето кеш пари.“

Брза постапка за азил и надвор од ЕУ?

Истражувачи на миграција со оглед на оскудните податоци се воздржани околу тоа дека такви заклучоци може да се влечат уште отсега. Но, со оглед на успехот на АфД и со поглед на покраинските избори, европските избори во јуни и бројни комунални избори, таквите задршки не наидуваат на слух. Во Министерството за внатрешни работи се разгледува можноста за водење на постапката за азил и надвор од ЕУ. Сите покраини побараа од владата да поднесе резултати за тоа прашање до јуни, кога се одржува следната средба меѓу премиерите и канцеларот.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ