1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЛитератураЧешка

Франц Кафка – „пишувањето како форма на молитва“

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
18 септември 2023

Пишувањето како форма на молитва е условено од „себезаборавот“ на тој што пишува, при што записот е неизговорената молитва. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4WS7p
Франц Кафка
Франц Кафка Фотографија: picture alliance/CPA Media

На препрочитување на делата на Франц Кафка се враќам секогаш одново уште од младоста. Периодично, небаре во ритуал, понекогаш со паузи од неколку години. Секогаш одново се навраќам на неговите „Дневници 1910-1923“. Често за да ги пронајдам местата кои сум ги заборавила, но, за среќа, сум ги потцртала при последното читање. Сигурно сите кои го сакаат Кафка практикуваат вакви ритуали на постојано враќање во неговиот свет на пишувањето. За тоа се најполезни токму „Дневниците“, во кои тој многу прецизно ги запишува своите сознанија и доживувања при пишувањето.

Кафка ги опишува и миговите на очај, кои ги знае секој писател, кога пишувањето никако не поаѓа од рака. Познато е дека пишувал само навечер, сѐ до доцна во ноќта. Тоа значи, до два часот по полноќ. А кога потоа легнувал да спие, ноќта се преобразувала во борба за сон, затоа што сите сетила биле толку надразнети од пишувањето, што останувал во полусон (без да заспие вистински) сѐ до мугрите. И таа состојба ја знаат многу писатели кои имаат ист пишувачки ритам до доцна во ноќта. Франц Кафка пишувал во ритам кој бил брановиден. Кога му поаѓало од рака, пишувал како во транс. По таквите плодни периоди следеле често периоди на „творечка суша“. Во дневниците тој често ги опишува болните блокади во записот.

За Франц Кафка пишувањето има егзистенцијално значење. На едно место забележува дека „не би можел да излезе со себе на крај, без пишувањето”. Како исповедање на верата звучи неговата изјава, за која сведочи пријателот Макс Брод, според која „самозаборавот е првиот услов за писателствувањето“. Уште појасно Кафка го формулира своето творечко кредо во белешката од 1920-та во која говори за „пишувањето како форма на молитва“. Ова сознание на Кафка, љубителот на неговите дела сигурно го насетувал сето време. Не само во неговите дневнички записи, каде што тој ги бележи „маките на писателствувањето“. Токму затоа во мојот прв роман, „Снегот во Казабланка“, Франц Кафка е клучен лик во приказната на Дина Аспрова, младата писателка, која ги искусува танталовите маки на почетничкото пишување. За неа тој е Франтишек од Прага, маченикот на ноќното писателско еремитство, од кого таа учи. Франц Кафка, имено, кристално јасно ја доживувал приказната што ја запишувал само во целосниот спокој на ноќта. Онака како што монасите бдеат во ноќта во умносрдечна молитва, така Кафка бдеел пишувајќи во ноќта, во апсолутна тишина. Познато е дека дење не милувал да пишува, затоа што му пречела дневната врева. Паул Целан, еден друг прочуен еврејски поет, кон мислата на Кафка за „пишувањето како форма на молитва“, подоцна забележува дека не може да се пишува со рацете положени една врз друга во молитва. Зашто, според него, човек или се моли или пишува. Меѓутоа, Кафка мисли на една форма на молитва во која писателот со сето свое битие стапува во дијалог со Бога. Впрочем, и во еврејската и во христијанската теологија молитвата е дијалог на душата со Бога. Кафка сведочи дека тој учествува преку пишувањето во тој творечки дијалог со сето свое битие. Од тоа станува јасно што тој мисли со „себезаборав“ како најважен услов за писателствувањето. Пишувањето како форма на молитва е условено од „себезаборавот“ на тој што пишува, при што записот е неизговорената молитва.

Кица Колбе
Кица КолбеФотографија: Privat

Неверојатниот свет на Кафка

Пишувањето на Кафка му помага да се одбрани од „нападите“ на призраците на ноќта. Ваквото доживување на пишувањето кај Кафка е мистично искуство. Тој, впрочем, е длабоко вкоренет во еврејската теологија, во духот на Стариот завет. Неговото творештво е исполнето со силината на сликите кај пророкот Еремија, но уште повеќе со длабокиот копнеж по дијалог со Бога на страдалникот Јов. Всушност, пишувањето за Кафка е идентично со телесно страдање. За тоа сведочи едно место во „Дневниците“: „Неверојатниот свет што го имам во главата. Само, како да се ослободам и да го ослободам и него, без притоа да се раскинам? И илјадапати поарно да се раскинам, отколку да го задржам и да го закопам во мене. Затоа сум тука, тоа е сосем јасно.” Тој неверојатен свет во себе писателот може да го „ослободи”, да го изнесе од ноќта на светлината на денот, само низ „маките” на пишувањето. Затоа тоа е форма на молитва кон Бога, за да може писателот да го издржи и преживее создавањето на приказната. Пишувањето во ноќта, за Кафка е бдеење, молитва и откровение.

Притоа, неговиот „дневен свет”, здодевната работа во осигурителната агенција, му ја одзема телесната сила, која му треба за да пишува. Засолништето од бесмисленоста на работното секојдневие кај Кафка станува осамата во ноќта. Тој самиот живее во модусот на осаменоста, зашто за себе вели дека нема поосамен човек во Прага од Франц Кафка. По работниот ден во агенцијата, тој попладнето спиел, а во раната вечер почнувал да пишува. Притоа маките на пишувањето во ноќта тој ги споредува со маките при породувањето. Така, 1913-та запишува во дневниците зошто ги прави прецизните исправки во ракописот на расказот „Суд”: „Тоа е неопходно, затоа што расказот, во вистинската смисла на зборот, излезе од мене покриен со слуз и нечистотија, како при вистинско породување, и само јас ја имам раката која може да продре во телото, а притоа имам и желба да го сторам тоа.”

За овој расказ запишува во дневниците дека го напишал во ноќта од 22-ри кон 23-ти септември, пишувајќи непрекинато од десет часот вечерта до шест часот изутрината. Нозете, кои му се укочиле од долгото седење, потоа со мака ги извлекол од под масата. Во исто време истакнува колкав бил напорот, но и радоста, од тоа што гледал „како расказот се развива пред него”. Расказот се раѓал пред него (или низ него! ) небаре се движел напред низ некоја голема вода. „Неколкупати во таа ноќ ја носев мојата телесна тежина врз грбот”, запишува Кафка. Сѐ друго што се случувало со него во текот на обликувањето на приказната е силен оган, во кој ликовите се губат и воскреснуваат. Кафка ја чувствува приказната што ја запишува во ноќта со сето тело и со сета душа. Неговото тело станува мембрана низ која трепери нечујно секој збор. „Само така може да се пишува, само во еден таков сооднос, со такво потполно отворање на телото и душата”, заклучува генијалниот Франц Кафка.

П.С. Се разбира, колумнава ја пишував во ноќта спроти овој понеделник, од еден час по полноќ до четири часот во мугрите. Само во тихоста на ноќта може да се пишува за мојот Франтишек од Прага, маченикот на писателствувањето!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема