1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фатално наследство на Џонсон: Британскиот пациент

Габи Бизингер | БГ /АРД
6 септември 2022

Рекордна инфлација, болно здравство и многу штрајкови - идната британска премиерка Лиз Трас од својот претходник Џонсон наследува голем број „градилишта“. Она што веќе сега е јасно е дека сето тоа ќе чини скапо.

https://p.dw.com/p/4GSzz
Инфлацијата во Велика Британија во јули изнесуваше 10,1%
Инфлацијата во Велика Британија во јули изнесуваше 10,1%Фотографија: Tom Nicholson/REUTERS

Велика Британија има највисока инфлација меѓу земјите од Групата 7. Во јули таа изнесуваше 10,1 отсто - највисока вредност во последните 40 години, со прогноза во насока на 20%. Поради порастот на цените, лабуристичката опозиција зборува за национална вонредна состојба. Гувернерот на Банката на Англија, Ендру Бејли, предупредува дека земјата може да западне во најдолгата рецесија од глобалната финансиска криза досега.

Новата влада ќе мора храбро да вбризга многу пари, или, во спротивно, може да биде загрозен општествениот мир. Паметните совети за домаќинките од премиерот во заминување Борис Џонсон дека може да се инвестираат 20 фунти во нов чајник кој побрзо се загрева, со што би се заштедиле 10 фунти годишно од трошоците за енергија, на социјалните мрежи беа оценети како потврда за тоа колку малку владата досега ја има сфатено сериозноста на ситуацијата.

„Едноставно прескапо“

Неодамнешното истражување покажува дека големиот пораст на цените на гасот и електричната енергија веќе ги има донесено речиси половина од луѓето во Велика Британија до нивните финансиски граници. 45 отсто од анкетираните изјавиле дека веќе не можат да го платат лимитот на цената на енергијата од околу 4100 евра годишно за просечно домаќинство, што стапува во сила во октомври. Речиси 20 проценти од испитаниците велат дека веќе сега прескокнуваат оброци.

Експертот за заштита на потрошувачите Мартин Луис за Би-Би-Си истакна дека ограничувањето на цената за трошоците за енергија, што ќе се применува од октомври, изнесува 37 отсто од државната пензија, а во случајот на корисниците на социјална помош тоа е уште поголем дел од парите кои им стојат на располагање. Претерана тревога? Луис го отфрла обвинувањето: „Велам: Ова е катастрофа, едноставно затоа што е катастрофа. Едноставно прескапо.“

Протести во Лондон против зголемување на цените на енергијата и барања за помош во кризата (архивска фотографија)
Протести во Лондон против зголемување на цените на енергијата и барања за помош во кризата (архивска фотографија)Фотографија: picture alliance/ZUMAPRESS.com/Vuk Valcic

Есен на штрајкови

Синдикатите се жалат дека растот на платите каска зад растот на инфлацијата и цените. Велика Британија влегува во есен на штрајкови.  Работничките борби тлеат со месеци во различни индустриски гранки.

„Соодветна плата, сега“, е она што го бараат штрајкувачите на најголемото прекуморско пристаниште во Феликстоу, а тоа го бараат и собирачите на отпад во Единбург, каде за време на познатиот културен фестивал во август, помеѓу купиштата ѓубре низ градот, трчаа стаорци. Постојано има штрајкови во поштата, а земјата е парализирана со денови поради штрајковите во железницата.

Идната британска премиерка Лиз Трас од својот претходник Џонсон наследува голем број „градилишта“
Идната британска премиерка Лиз Трас од својот претходник Џонсон наследува голем број „градилишта“Фотографија: John Sibley/REUTERS

Погоден е и правниот систем

Неделава штрајкуваат и јавните бранители во судот. Според нивното здружение, особено почетниците по долго образование заработуваат толку малку, што од тоа тешко можат да живеат. Илјадници судски постапки поради тоа веројатно дополнително ќе бидат одложени. Уште во април, бројот на заостанати правни предмети изнесуваше околу 60.000.

Во меѓувреме, во тек се или претстојат изјаснувања за штрајкови на вработените со здравството, наставниците, владините службеници и возачите на автобуси.

Болно здравство

Посебна болна точка е здравствената служба НХС. Министерот за здравство Стив Баркли неодамна, во текот на едно интервју на улица, беше нападнат вербално од случајна минувачка поради тоа што амбулантните возила често морале да чекаат со часови за да ги транспортираат болните во преполните клиник: „Луѓе умираа, а вие ништо не направивте!“, рече жената.

Опасни одлагања и доцнења има не само во итни случаи. На национално ниво, речиси седум милиони луѓе чекаат таканаречени „неитни“ третмани, како што се операции на колк, но се одлагаат и терапии за рак. Покрај тоа, во клиниките недостигаат 100.000 негуватели и повеќе од 4.000 општи лекари - меѓу другото како резултат на Брегзит.

Посебна болна точка е здравствената служба НХС
Посебна болна точка е здравствената служба НХСФотографија: Daniel Leal-Olivias/AFP

Долга листа

Ова се само неколку од домашните политички градилишта кои ја чекаатновата влада. Итно потребни инфраструктурни мерки во земја која за време на топлотниот бран во јули влегуваше по повеќе денови во фаза на „топење“, инвестиции во зелени енергии, борба против недостигот од станови и зголемениот криминал, одговор на зголемениот број бегалци на Ламанш, подобрување на образовните можности и усогласување на условите за живеење во поединечните делови на земјата - ова се само неколку од другите задачи кои се на списокот на владата.

Во однос на надворешната политика, Велика Британија е еден од најголемите поддржувачи на Украина, со сѐ повеќе пари и оружје, и тоа мора да се финансира. А што се однесува до спорот со Европската унија поради нерешените прашања за Брегзит-проблеми околу протоколот за Северна Ирска, владата мора брзо да донесе одлука дали моменталната ситуација е поволна да се ризикува трговска војна со ЕУ.