1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиФранција

Макрон зацртува сопствен курс во војната околу Газа

Бернд Ригерт
5 декември 2023

Емануел Макрон ја напушта заедничката европска линија која не предвидува прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.Тој ги доведува во прашање воените цели на Израел. Зошто го прави тоа?

https://p.dw.com/p/4ZmpR
Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел МакронФотографија: Tomas Stevens/abaca/picture alliance

Целта на францускиот претседател Емануел Макрон е постигнување нов прекин на огнот меѓу терористичката организација Хамас и израелската војска, што потоа би требало да доведе до долготрајно примирје. Ваква изјава Макрон даде на викендот, за време на кратката посета на Светската климатска конференција во Дубаи, КОП28. Францускиот претседател објасни дека во текот на посетата на Катар сакал да постигне интензивирање на напорите за прекин на огнот.

Неговите предлози меѓутоа не оставија голем впечаток. Хамас продолжува да истрелува ракети кон Израел, а  израелската војска го прошири своето напредување  кон позициите на Хамас долж целиот Појас Газа.  Хамас и натаму држи заложници,  а според податоци на ОН, ситуацијата на цивилното население во Газа е катастрофална.

Макрон се сомнева во можноста за уништување на Хамас

Емануел Макрон исто така прв пат јавно ги доведе во прашање воените цели на Израел. „Што значи целосно уништување на Хамас и дали некој верува дека е тоа можно? А и ако е можно, војната може да трае десет години“, изјави тој во Дубаи.

Од Ерусалим веднаш стигна индиректен одговор. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека продолжувањето на копнената офанзива во Газа е единствениот начин за „целосен пораз“ на Хамас. „Ќе продолжиме да ги остваруваме нашите воени цели“, рече Нетанјаху за израелската телевизија.

Макрон во Дубаи побара од израелското раководство „да биде попрецизно во своите намери и крајната цел кон која стреми.“

Советникот за безбедност на израелскиот премиер на викендот нејасно зборуваше за „безбедносни зони“ кои би требало да бидат воспоставени на територијата на Појасот Газа на границата со Израел, што би требало да ги спречи терористите повторно да ја преминат.

Израелската армија напредува во копнената офанзива во Појасот Газа
Израелската армија напредува во копнената офанзива во Појасот ГазаФотографија: IDF/Xinhua/picture alliance

Не постојат планови за целосна окупација на Појасот Газа и негово управување од страна на Израел. Нејасно е кој ќе ја преземе таа задача по завршувањето на војната. Терористичкото раководство на Хамас јасно кажа дека војната ќе се води до крај, додека не се договори прекин на огнот. До тогаш не доаѓа предвид ослободување на заложниците.

Свртување од патот на Европската унија

Францускиот претседател со своите коментари отстапува од официјалниот заеднички став на ЕУ, усогласен на последниот самит на крајот на октомври. Шефовите на држави и влади тогаш повикаа на „кратки паузи“ во борбата заради ослободување на заложниците и обезбедување хуманитарна помош за населението. Немаше збор за примирје, поради желбата да не се врши притисок врз Израел.

Покрај Франција, повеќе разбирање за загриженоста на Палестинците покажуваат и Шпанија и Белгија, повеќе од Германија на пример, која јасно ги поддржува акциите на Израел. На следниот самит на ЕУ идната недела повторно ќе се разговара за заеднички став на Унијата за блискоисточниот конфликт.

Германскиот канцелар Олаф Шолц  воопшто не се согласува со Макрон, уште на 12 ноември во една дебата во Хајлброн изјави: „Морам да кажам дека не е исправно барањето на некои за итен прекин на огнот или долга пауза, што во суштина е иста работа.“ А потоа, исто така мислејќи на Франција, Шолц истакна дека прекин на огнот на крајот на краиштата значи „дека Израел треба да дозволи Хамас да се опорави и повторно да купи нови ракети кои ќе ги испалува. Тоа е неприфатливо.“

Еквидистанца?

Се чини дека Емануел Макрон моментално се обидува да одржи подеднаква дистанца и од Израел и од Палестинците и дека Франција повторно ја позиционира некаде во средината, слично како што направи францускиот претседател Шарл де Гол по Шестдневната војна во 1967 година. Израел тогаш ги победи Египет, Јордан и Сирија и презеде контрола над Западниот Брег, Источен Ерусалим, Појасот Газа, Голанската Висорамнина и Синај.

Францускиот претседател Емануел Макрон и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Францускиот претседател Емануел Макрон и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим во октомври годинаваФотографија: CHRISTOPHE ENA/AFP

Непосредно по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, францускиот претседател се солидаризираше со Израел, без „но“ и „ако“. Патем, и Франција во последните години неколку пати беше жртва на исламистички напади. Масакрот врз невини посетители на музичкиот фестивал кој го извршија терористите на Хамас многумина Французи ги потстети на терористичкиот напад на концертот во салата Батаклан во Париз во 2015 година. Макрон отпатува во Израел, иако како последен претставник од големите европски демократии, и таму зборуваше за меѓународна коалиција против теророт.

Но, откако израелската војска почна масовно да го бомбардира Појасот Газа и откако загинуваат сѐ поголем број палестински цивили, ставот на Макрон се смени. Во необично остро интервју за Би-Би-Си на 10 ноември  францускиот претседател го обвини Израел за бомбардирање цивили,  за што нема ни оправдување, ни легитимитет.

Израелската влада реагираше огорчено, по што Макрон ретерираше истакнувајќи дека неговите изјави во интервјуто се погрешно сфатени. И не го повика Израел на едностран прекин на огнот. Потоа следеше телефонски разговор со израелскиот претседател Јицак Херцог со цел да се надмине спорот.

Емануел Макрон сака да спречи ширење на блискоисточниот конфликт во француското општество. Тој тоа го најави во ТВ обраќање. Во таа земја живее многу голема еврејска и уште поголема муслиманска заедница. Исламистички мотивираниот смртоносен напад врз минувачи во Париз на 2 декември беше втор од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел, опасноста која ја споменува Макрон е реална.

Напред – назад

Францускиот весник „Фигаро“ ја споредува надворешнополитичката активност на Макрон со виор. Неговото однесување потсетува на диво скокање напред-назад, брзо се менува, нестабилно е и затоа збунувачко, оценува весникот. Извежбаниот рецепт на Макрон, велат посматрачите, е многу да зборува, притоа да се каже нешто изненадувачко, да се даваат некои необични сугестии.

Тоа понекогаш функционираше во европската и во внатрешната политика, но не мора нужно да функционира и во надворешната, вели Ањес Левалоа, потпретседателка на парискиот Истражувачки институт за Медитеран и Блиски Исток.„Сѐ зависи од пораката која францускиот преседател сака да ја испрати, но мислам дека постои конфузија во пораките кои ги праќа“, рече таа за радио Франсинфо на крајот на октомври. Со други зборови, не е јасно каков е неговиот став.

Макрон не е сам

Макрон овој викенд доби поддршка од САД во залагањето за прекин на огнот и поштеда на цивилното население. Потпретседателката на САД Кама Харис исто така на Климатската конференција во Дубаи изјави дека се убиени премногу невини Палестинци. „Искрено, нивото на страдања, фотографиите и видео снимките кои доаѓаат од Газа, тоа е едноставно поразувачки“, изјави Харис.

А американскиот министер за одбрана Лојд Остин на еден настан во Калифорнија порача дека Израел има морална обврска за заштита на цивилното население. Неговото искуство во војната против Исламска држава во Ирак му покажало, како што рече, дека населението мора да биде заштитено, дури и во урбана војна. „Во спротивно, ако ги натерате во прегратките на непријателот, можете да постигнете тактичка победа, но ќе претрпите стратешки пораз.“ 

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија