1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

CeBIT бара нови клиенти

Најголемиот саем на компјутерска техника во светот, CeBIT, од денеска па до 6 март повторно ги отвора вратите. Овојпат организаторите очекуваат 4.157 претпријатија од 68 земји - најмалку од 1990.

default

Плакатот CeBIT 2010

Во 2000 година во халите на Саемот во Хановер се слеваа и по 800.000 посетители во деновите кога се одржуваше саемот CeBIT. Минатата година бројката опадна дури на половина. На сите им е јасно дека поранешниот култ на саемот на компјутерска техника е згаснат. Причини за таквиот развој има повеќе. Една од нив е фактот што компјутерската техника во меѓувреме порасна до таа мера, што сега одделните сегменти одржуваат посебни саеми. Така браншата на производители на мобилни телефони се собира секоја пролет во Барселона, производителите на персонални компјутери и на електронски производи за забава во Лас Вегас, или пак на Меѓународниот саем за телекомуникација во Берлин итн.

Сепак најважен саем!?

Сепак, CeBIT останува најголем саем на браншата за информатичка и комуникациска техника, оценува претседателот на Управниот одбор на концернот Германски саеми ДОО,

Dr Wolfram von Fritsch

Претседателот на концернот Германски Саеми, Волфрам фон Фрич

Волфрам фон Фрич. „Верувам дека важноста на CeBIT денес е дури уште поголема од порано, кога овде се туркаа по 800.000 посетители. CeBIT е и понатаму најголемиот саем за оваа бранша, каде производителите можат да комуницираат меѓу себе и да склучуваат зделки. На овој план значењето на овој саем е дури зголемено.“

Намалувањето на вкупниот број посетители се должи и на промената во ориентацијата на организаторите, кои заклучија дека огромниот број посетители го попречува дијалогот меѓу фирмите и ја оддалечува стручната публика. Затоа во изминатите години во центарот на вниманието на организаторите се најдоа токму фирмите и експертите.

Нов профил на корисници

Но, сега очигледно раководството на саемот дојде до заклучок дека мора повторно да се сврти поинтензивно кон индивидуалните муштерии на оваа бранша: „Заклучивме дека во информатичката бранша дојде до промена на улогите. Нема повеќе класично раздвојување на експерти и конзументи, туку сега сме соочени со нов феномен што го нарекуваме ’прозумент’, имено корисник кој активно ја менува техничката направа што ја користи. Затоа границите се топат и на годинешниот CeBIT очекуваме да дојдат повторно сите“, појаснува Волфрам фон Фрич.

DW-RADIO Gesräch mit Achim Berg

Шефот на концернот Мајкрософт за Германија, Ахим Берг

Ахим Берг, шефот за Германија на светскиот концерн Мајкрософт, смета дека ваквата промена е исправна, бидејќи и според него доаѓа на секаде до стопување на деловното и приватното користење на компјутерската техника. Како пример тој ги наведува „смарт-телефоните“, кои како мобилни телефони овозможуваат сурфање по интернет и кога сме во движење. Со неговиот став се сложува и Јирген Кури од стручното списание за компјутери „Ц’Т“: „Најважните теми CeBIT се поврзани со мобилното користење на интернетот. Од друга страна се забележува трендот на префрлање на програми и бази на податоци на корисниците од нивните компјутери во интернет мрежата, што ги растоварува индивидуалните компјутери.“

Нови гости - Гугл и Амазон

Како подлога за оптимизам во поглед на успехот на годинешниот CeBIT организаторите укажуваат и на фактот дека овојпат во Хановер има и 300 фирми, кои доаѓаат за првпат. Меѓу нив има и такви глобални играчи како што е интернет-концернот Гугл или пак најголемото претпријатие за тргување преку интернет Амазон. Дека тие имаат што да бараат годинава во Хановер, покажува и главната тежишна тема на саемската манифестација: „Поврзани светови“. Како пример за тоа во Халата број 9 може да се види стан од 400 квадратни метри, во кој меѓусебно се поврзани домашните апарати од кујната, каде компјутерска програма се грижи за урамнотежена исхрана на жителите, преку фитнес-асистентот кој препорачува какви вежби и колку често треба да се прават за телото да остане здраво, па се’ до асистентот за штедливо и со тоа еколошко користење на греењето и осветлувањето.

Автор: Ролф Венкел/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска