1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Билет во еден правец од Москва до Белград

Идро Сефери | Ридигер Росиг
12 август 2022

Десетици илјади Руси се доселија во Србија по почетокот на Путиновата војна против Украина – отворија преку 1000 фирми, се жалат на доставувачите на храна во Белград и главно се аполитични. Но не сите.

https://p.dw.com/p/4FRYm
Serbien Belgrad GRIP sundLab
Фотографија: Idro Seferi/DW

Социјалниот центар „Кров“ се наоѓа во мало поткровје во центарот на Белград. Главната просторија, обложена со дрво, потсетува на западногерманските подруми за забава од 1970-те години. Овде обично се состануваат активисти од алтернативните културни иницијативи на српската престолнина.

Кога ги посетивме, затекнавме триесетина млади жени и мажи како седат на столови за расклопување пред импровизирана бина: се зборува на руски. Кој сака, добива микрофон и може да пее.

„Од Москва стигнав во април и тоа со билет во еден правец за мене, моите соработници и мојата мачка“, вели за Дојче веле Иља Пинскер, кој ја организира средбата „Отворен микрофон“.

Заедно со актерите, Иља го води студиото кое произведува аудио содржини, од музика до реклами.

„Од нападот врз Украина на 24 февруари, ситуацијата во Русија стануваше сѐ понеподнослива. Едноставно моравме да заминеме“.

Иља, пријателите и колегите ги поддржале Украинците преку Телеграм и други месинџер сервиси од седиштето на неговата фирма во Москва – веднаш по инвазијата. 

„На пример, еден од нас преку чет на една млада девојка ѝ покажа како да вози за да може да го извлече своето семејство од воената зона. Нејзината мајка имаше напад на паника и не можеше да вози.“

Таквите активности во Русија се сметаат за предавство, а на предавниците им се заканува затворска казна од повеќе години. Без оглед на тоа, за Иља не доаѓало предвид да седи со скрстени раце и да не преземе ништо против војната во Украина.

Serbien Belgrad Ilja Piksner
Иља Пинскер ја организира средбата „Отворен микрофон“Фотографија: Idro Seferi/DW

„Овој судир многу ме погодува. Многу мои колеги и пријатели се од Украина, таму се нивните роднини, некои дури имаат украински пасоши. Морам некако да им помогнам на тие луѓе“, објаснува тој. Но по само неколку недели, му станало јасно дека таквите активности во Русија се премногу ризични.

„Со секој ден растеше стравот дека еднаш ќе ти чукнат на врата. Уште од анексијата на Крим во 2014 година, режимот стануваше сѐ поагресивен. Секако, сега, кога Путин води војна, е уште полошо.“

Преку 1000 нови руски фирми

Но, зошто токму во Србија? Владата во Белград  додуша ја осуди агресорската војна на Русија, но  не ги поддржува санкциите против режимот во Москва.  Поради сродноста на јазиците и православието, голем дел од населението се чувствува поврзан со Русија, а не е само екстремната десница таа која отворено ја поддржува војната на Путин.

Србија привлекува сѐ повеќе Руси

И покрај тоа, се проценува дека од крајот на февруари  во Србија се доселени 30.000 до 50.000 руски државјани.  Официјални податоци нема, но едно е сигурно: од почетокот на војната против Украина, десетици илјади Руси отвориле банкарска сметка во српски банки. А во Стопанската комора на Србија се регистрирани преку 1000 фирми, главно во ИТ-секторот, чии сопственици имаат руски пасоши.

Русите можат да влезат во Србија без виза

„Ја одбрав Србија зашто таа е една од ретките земји во која може да се влезе без виза со руски пасош“, објаснува Катја Казина (34) од Москва и продолжува:

„Но, ако тоа го оставиме настрана, секако е прилично настрано што јас, како противник на Путин, завршив токму во земја во која многу луѓе  го поддржуваат режимот во Русија.  Сепак, тоа можам да го поднесам, зашто знам дека не е ништо во споредба со тешкотиите низ кои мора да поминат луѓето кои бегаат од борбите во Украина.“

Во Русија Катја работела во феминистичка издавачка куќа. Со години редовно  протестирала против Путиновиот режим.  Во Белград им се придружила на „Жените во црно“, невладина организација која уште од 1990-те години протестираше против војните во Југославија, а од крајот на февруари протестира против агресорската војна на Русија против Украина. И приврзениците на Путин во Србија редовно демонстрираат – за војната на Москва и победа на Русија.  

Serbien Belgrad | Katya Khazina - Kriegsgegnerin und Aktivistin aus Moskau nach Belgard gezogen
Катја Казина во Белград им се придружила на „Жените во црно“Фотографија: Idro Seferi/DW

Тотално незнаење за Русија“

„Односот на Србите кон Русија е чуден“, вели Катја. Ретко некој учи руски, ретко некој некогаш бил во Русија. Љубовта на многу Срби кон Русија е заснована главно на „незнаење за животот во Русија – да не споменувам незнаење за  размерите на репресиите,  бруталноста на рускиот режим во Украина, како и кон сопствените граѓани, или за тоа колку пропагандата има земено замав.“

Таа вели дека „Србите не знаат какви предрасуди имаат многу Руси кон нив – на пример дека работниците кои доставуваат храна се многу бавни и дека животниот стандард им е многу низок.“

Катја нема некое добро мислење за многу свои сонародници во Белград.

„Од десетици илјади Руси во Белград, само 50 до 100 редовно доаѓаат на нашите протести. Мнозинство од Русите дојдоа во Србија зашто Спотифај и Нетфликс веќе не функционираат во Русија. Меѓу нив има многу, многу аполитични луѓе“, вели Катја за Дојче веле. 

Serbien Demo der Putin-Unterstützer in Belgrad
Демонстрација на поддржувачите на Путин во Белград во март 2022Фотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Не ги сакаат сите Срби Русите

Фејсбук групата „Руси, Украинци, Белоруси и Срби заедно против војната“ има само 3.624 члена. „Но, тоа не значи многу“, објаснува администраторот на таа група, Петер Никитин.

„Мнозинство во нашата група се Срби или доаѓаат од други земји во регионот на Западен Балкан.“ Основна цел на присуство на Фејсбук е информирање на српската јавност за активностите против војната во Украина во која се вклучени Руси. Никитин тоа го нарекува „контрапропаганда“.

На српската јавност ѝ се многу потребни информации за Русите и Русија, зашто покрај распространетата русофилија, во Белград брзо наидувате на луѓе кои имаат огромна аверзија кон сѐ што доаѓа од бившиот Советски Сојуз.

Келнер во ресторанот „Мала Славија“ на пример „ги мрази подеднакво и Русите и Украинците“: „Тие немаат манири и мислат дека затоа што имаат пари, можат сѐ да си дозволат“, објаснува тој. Тој не може да верува дека во Србија има и луѓе од постосветските држави за кои тоа не важи.

На многу Срби им пречи и тоа што дојденците од Русија го оптоваруваат пазарот со недвижности. Тој во Србија е релативно мал, зашто голем дел од граѓаните становите во кои живеат ги имаат откупено по крајот на „социјализмот“. И пред почетокот на војната во Украина, во српската престолнина имаше малку пристапни станови.

„Дали Русите го окупираат Белград?“, се запраша таблоидот „Блиц“ во април 2022 година. „Русите купуваат станови и викендички и не се грижат за цената“, се наведува во текстот во „Блиц“. Агентите за недвижности велат дека станарините во српската престолнина сега се двојно повисоки откако пред нападот на Русија врз Украина.