„Плоштадот“ ја освои Златната палма во Кан
29 мај 2017Во Кан до последен момент немаше јасен фаворит. На крајот славеше шведскиот режисер Рубен Остлунд. „О, боже мој, боже мој“, повторуваше изненадено филмаџијата откако беше соопштено дека неговиот филм „Плоштад“ е добитник на Златната палма.
Неговиот филм е сатирична комедија за уметничкиот свет и ги потенцира лицемерието и општествените тензии. Во него е раскажана приказната на музејски куратор чиј живот излегува од контрола во моментот кога ќе го загуби својот мобилен телефон. Остлунд во филмот третира прашања за моралот, мажественоста и нетолерантноста во граѓанското општество. Со својата сатира тој успеа да се пробие во конкуренција на 18 други филмови. Ова е прва Златна палма за еден шведски филм.
Гран при на жирито, која е и втора по значење награда на Канскиот фестивал, доби драмата „120 отчукувања во минута“ на Робин Кампијо. Францускиот сценарист и монтажер, роден во Мароко, ја раскажува приказната за ширењето на сидата. Наградата на жирито ја доби Русинот Андреј Звјагинцев за семејната драма „Без љубов“.
Германската холивудска актерка Дијане Кругер е прогласена за најдобра актерка за улогата во филмот на Фатих Акин „Од никаде“. Во овој трилер Кругер игра Германка која ги загубила сопругот Курд и синот во бомбашки напад извршен од неонацисти. За Кругер, која работи главно во Холивуд, ова е прва германска улога. Таа, видливо трогната, наградата им ја посвети на жртвите од терористичкиот напад во Манчестер и на нивните роднини. Кругер за агенцијата АФП изјави дека сосема се соживеала со филмот. „Филмот речиси ме уби. По него не работев, не читав веќе сценарија. Филмот ми го промени животот.“
Во машка конкуренција за најдобар актер е прогласен Хоакин Феникс за улогата во филмот „Никогаш навистина не бевте овде“. Филмот раскажува за воен ветеран кој сака да ослободи девојче од канџите на трговци со деца. Режисерката на филмот Лин Ремси, заедно со Јоргос Лантимос и Ефтимис Филипу освои награда и за најдбро сценарио за трилерот „Убивањето на светиот елен“.
Наградата за најдобра режија отиде во рацете на Софија Копола за филмот „Измамени“.