1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин го кажа она што го мисли славистичкиот свет

29 мај 2017

Оценката на Путин дека словенската писменост дошла од македонска почва се потпира на резултатите до кои дошла науката во неговата земја. Затоа нападите од Бугарија имаат доза на невкус, вели Трајко Стаматоски

https://p.dw.com/p/2dj3D
Mazedonien, Trajko Stamatoski- Linguist
Фотографија: privat

Трајко Стаматоски (92) и припаѓа на плејадата големи македонски лингвисти, кој е современик и на кодификацијата на македонскиот литературен јазик и неговиот современ развој. Тој е еден од најпочитуваните слависти на Балканот. Стаматоски оценува дека нападите од политичките и научните структури во Бугарија врз рускиот претседател Владимир Путин по неговата изјава дека „писменоста дојде кај нас токму од македонската почва“ имаат „доза на невкус". Стаматоски нагласува дека Путин во својата изјава се потпрел на резултатите до кои дошла науката во Русија. Во целиот научен славистички свет јазикот на кој што Кирил и Методиј ги напишале и превеле делата се нарекува старословенски. Само во бугарската наука му се дава на тој јазик национална ознака.

Неочекуваната бура од реакции од Бугарија на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин за тоа од каде дошла словенската писменост, покажа колку бугарските политичари и научници се чувствителни на ова прашање. Тоа за голем дел од македонската јавност дојде како изненадување. Зошто Бугарите реагираат така – дали мислат дека имаат тапија на раѓањето на словенската писменост?

Познато е дека на малите народи, меѓу кои спаѓа и бугарскиот, присвојувањето им е во крвта. Тие сметаат дека со присвојувањето на некое делче од туѓа територија или историја ќе станат многу поголеми и побогати. Тоа е комплекс.

Изјавата на Путин е внимателна, во неа не се претендира на Македонци или македонска држава, а бугарските реакции се вметнуваат во актуелен политички контекст. Дали изјавата на Путин е во согласност со она што го тврди руската славистичка наука?

Нападите по Путина по неговата изјава дека словенската писменост и кај нив дошла од Македонија, најблаго кажано, имаат доза на невкус. Путин е државник на најголемата словенска земја. Тој лично не мора да ги знае подробностите од секое актуелно прашање. Но, тој секако има опкружување од добро верзирани во секаква проблематика. Едноставно, тој се потпира на резултатите до кои дошла науката во неговата земја.

Wladimir Putin
Нападите по Путина имаат доза на невкус, вели СтаматоскиФотографија: picture alliance/dpa/T. Brakemeier

Може ли да се тврди дека Бугарите им ја дале на Словените писменоста и азбуката во времето кога нациите и не биле формирани. Што велат историјата и славистиката?

Кирил и Методиј и самите напишале дека ги превеле своите дела на јазик словенски. Затоа во научниот свет нивниот јазик се нарекува старословенски. Само во бугарската наука му се дава на тој јазик национална ознака, со што фактички се врши недозволиво негово преименување. Зарем ние не би можеле да го прифатиме ваквиот начин на означување, особено ако се знае дека е тоа јазикот на Словените од солунско. Ова во науката е расчистено прашање уште во времето кога Македонците немаа свој книжевен и државен центар, кој би можел соодветно да се постави и да реагира. Така постапуваат големите познавачи на старословенската проблематика Кујвакин, Јагиќ и мнозина други, а пак францускиот славист Андре Вајан ги употребува термините старобугарски и старомакедонски само за да ја означи разликата во спомениците настанати во двата книжевни центра – Преславскиот и Охридскиот, односно преславската и охридската книжевна школа. Каков култ на Климента и Наума, највредните ученици на светите браќа, се одржуваат во Охридско и во Македонија до денешен ден е многу добро познато.  

Словенските земји 24 мај го слават како Ден на словенската писменост, само Бугарија го слави како Ден на бугарското образование, култура и словенската азбука. Дали и со тоа Бугарија сака да направи одредено присвојување на сесловенските просветители?

За жал во бугарската средина се уште се живее со илузиите од 19 век. Не се примаат новите реалности. Иако најнапаѓаната личност од таа средина, како централна фигура на македонската современа наука за јазикот, Блаже Конески, изрази надеж, како вистински демократ, дека и на овие балкански простори ќе дојде време кога ќе завладее поинаков дух во поимањето на работите. Но, се покажува и со најновата атака, дека политика што се градела и чувствата што снабдувале со децении и децении генерации и генерации, тешко се напуштаат.

Оваа бугарска реакција и гнев кон Путин не потсети на едни времиња кога Бугарија го негираше и македонскиот народ и македонскиот јазик. Вие сте биле дел од многу дебати и полемики со бугарските научници околу оваа тема. Изгледа дека бугарската наука и политика не може да избега од предрасудите спрема Македонија. Зошто е тоа така, зошто таму има своевидна опсесија спрема македонската историја, култура и јазик?

Сум учествувал безмалку на сите меѓународни славистички конгреси по Втората светска војна на кои доаѓаа стотици слависти од целиот свет, меѓу кои и на два одржани во Софија, во 1963 и 1988. И на сите нив, дел од бугарските слависти настапуваа со напади подготвени од дома, по рефератите на македонските слависти, што засегаа во деликатна национална проблематика. Потпомогнати и со доведени навивачи, создаваа непријатна атмосфера. На конгресот во Прага 1968 година дури им беше упатена закана од претседателството на конгресот дека ќе бидат отстранети од собирот ако продолжат со навреди по националните чувства на одредени учесници. Не беа ни малку почувствителни кон македонските учесници ниту на конгресите на кои тие беа домаќини, на кои елементарниот организациски ред бараше почит кон гостите. Нека се сетат постарите бугарски слависти како поминаа на завршната сесија на конгресот одржан во Софија во 1988 година. Каков аплауз доби македонскиот претставник при побивањето на нападите. Македонската страна природно ја имаше поткрепата од објективниот славистички свет. 

 Што вели меѓународната славистичка наука – и околу старословенскиот, и околу старобугарскиот, и околу македонскиот јазик.

Ставовите не се бранат со настапи преку медиумите, туку со трудови презентирани пред компетентна научна јавност. Зашто нејзината оценка е највалидна. За среќа, во таа средина бугарската опција не наоѓа поткрепа. Старословенскиот јазик се проучува во посебно одделение за историја на македонскиот јазик во Институтот за македонски јазик. Се почна со издавањето на споменици на старословенски ракописи во едицијата стари текстови, а во поново време се издадоа неколку томови од Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција. Трудовите од оваа област на јазикот на македонските проучувачи се следат со внимание и уважение од светската славистичка наука. Класификацијата на старословенските ракописи од македонска редакција ја изврши врвниот зналец на проблематиката Владимир Мошин.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар