1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во 99 проценти од случаите - нема шанса за азил

Волфганг Дик / Е.М. Фиданоска24 септември 2015

Барањата за азил од мигрантите од Западен Балкан во Германија главно се отфрлаат. Во иднина состојбата може уште повеќе да се заостри и барателите на азил да се протеруваат уште побрзо.

https://p.dw.com/p/1GaaI
Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

Над 40 проценти од сите барања за азил во Германија се поднесуваат од луѓе од Западен Балкан, на прво место од мигранти од Косово, Албанија и Србија. Сојузната служба за миграција и бегалци (БАМФ) е единствената институција која одлучува дали ваквите барања за азил ќе бидат прифатени или не. Правилата за тоа се определени со Женевската конвенција за бегалци, Уставот во Германија и постоечките закони за азил во земјата. Тие во последно време се заострени.

Оценка за Западен Балкан

Така, во меѓувреме сите земји од ткн. Западен Балкан важат за т.н. „безбедни или сигурни земји на потекло“, во кои, според таму постоечките закони, нема опасност од политички прогон или нечовечко применување насилство или од постоење какви било услови кои би спречиле враќање на мигрантите во овие земји. Во земјите со таков статус се Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Црна Гора. Тие бараат соработка со ЕУ и тешко дека - како што вели германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер - би можеле да се третираат како држави каде се врши прогон. Тука треба да се додаде и дека овие земји самите на конференцијата за Западен Балкан одржана во август ја замолија германската влада да бидат категоризирани како безбедни земји на потекло. Причина за тоа: со новите бегалски бранови државите губат многу млади луѓе кои заминуваат главно од економски причини.

Причини за одбивање на барањата за азил

Сиромаштијата или незадоволството од политичките состојби, според Женевската конвенција за бегалци, не важат како причини за азил. Мигрантите од Западен Балкан, меѓутоа, во проверката на поединечните случаи, која важи за сите барања за азил, често не можат веродостојно да докажат поинакви причини од овие, објаснува БАМФ. Оттука, најголемиот дел од барањата за азил се одбиваат како „неосновани“. Судовите во случај на жалба во врска со некоја одлука за азил речиси и не можат ништо да сменат. Затоа, стапката на прифатени барања за азил од мигрантите од Западен Балкан е екстремно мала во споредба со прифатените барања за азил на бегалците од други земји.

Infografik Anerkennungsquoten von Asylanträgen in Deutschland
Стапки на признавање на барања за азил во Германија (август 2915)

Малку причини за надеж

Организациите за човекови права и за бегалци постојано укажуваат на Ромите кои се жртви на прогон во многу балкански земји, но бројот на отфрлени барања за азил покажува дека оваа група од страна на луѓето кои носат одлуки во Германија многу ретко се оценува како загрозена. Александер Тал од Советот за бегалци Бајерн претпоставува дека политичкиот притисок, со оглед на големиот број бегалци, е толку силен, што веќе и не се проверува темелно, туку во многу од случаите се‘ се завршува набрзина, а во прилог на тоа зборуваат и протерувањата на мигранти кои се спроведени и покрај тоа што во тек била постапка за проверка на т.н. тешки случаи. Од страна на политичката опозиција не треба да се очекува голем отпор. Дури и еден покраински премиер од Зелените им даде поддршка на последните промени на законот за азил.

Mazedonien Flüchtlinge in Gevgelija
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Натамошно заострување

Сојузната служба за миграција и бегалци се „вооружува“. Специјални тимови се концентрираат на тоа да ги исчистат барањата за азил од Западен Балкан. На БАМФ и на Министерството за внатрешни работи им се ветени уште 1000 соработници. Покраината Баварија во меѓувреме создаде специјални прифатилишта само за барателите на азил од Западниот Балкан - во Манхинг и во Бамберг. Покраината Северна Рајна Вестфалија се приклучува со уште три вакви прифатни кампови. Тоа значи дека барателите на азил од балканските држави се собираат во вакви кампови и воопшто не се распоредуваат по општини. Предностите на ваквите сместувалишта ги објаснува портпарол на баварското Министерство за внатрешни работи: „Така имаме краток пат“. Барателите на азил се веднаш достапни за разговор, а луѓето кои носат одлуки се на лице место. Освен тоа, луѓето сместени во овие кампови во прв ред добиваат услуги, а не кеш. Џепарлак се плаќа само за времето додека се престојува во кампот, а тоа време веќе е многу скратено. Според портпаролот, од денот кога се поднесува барањето за азил до моментот на добивање на конечната одлука минуваат само 4 до 6 недели.

Забрана за влез во Германија

Мигрантите од Западен Балкан чии барања за азил се одбиени се протеруваат со специјални авиони кои сообраќат неколку пати неделно. Оние што се враќаат се соочени со опасноста да си платат лично за летот. Портпаролот објаснува дека тоа се случува честопати. Освен тоа, од 1 август е можно на барателите на азил кои се безнадежни случаи да им се изрече забрана за повторно доаѓање во Германија и забрана за престој во која било друга држава од Шенгенскиот простор. Последица од сите овие мерки и од јасните политички сигнали кои се испраќаат: бројот на новодојдени бегалци од Западниот Балкан е значително намален.