9 кандидати за 4 преостанати места на ЕП-фудбал
21 ноември 2007Германија беше првата учесничка во квалификациите која го обезбеди учеството на Европското првенство уште на три кола пред крајот, така што може да настапи релаксирано во натпреварот протов Велс. Навистина, во игра е првото место во групата, но тоа не мора безусловно да значи и предност при извлекувањето на групите на Европското првенство; напротив, тоа може да и’ донесе потежок распоред.
Но, германските фудбалери и раководството на репрезентацијата не сакаат да калкулираат - тоа, велат, не е соодветно на нивната филозофија. Затоа репрезентативците најавуваат напаѓачки фудбал, шанси и голови на стадионот во Франкфурт на Мајна. Натпреварот треба да биде круна на успешната сезона.
Лукас Подолски и денеска ќе се појави во улогата во која блескаше на средбата во саботата против Кипар – повеќе како креатор на играта на левата страна и напаѓач од втор план. „Против Кипар тој покажа дека е многу силен кога од длабочина напаѓа со силно темпо и подготвеност на ризик, поради тоа и овој пат ќе добие можност да подготвува шанси од крилна позиција“ – најави сојузниот тренер Јоахим Лев.
Покрај Германија, учество на Европското првенство обезбедија и Чешка, Романија, Италија, Франција, Хрватска, Холандија, Полска и Шпанија, потоа бранителот на титулата Грција, а обезбеден настап и без учество во квалификациите имаат домаќините Австрија и Швајцарија. За преостанатите 4 места со помали или поголеми изгледи денеска се борат 9 репрезентации. Македонија не е меѓу нив, токму како ни нејзиниот денешен домаќин Израел.
З. Јордановски