1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

82 проценти македонски граѓани сакаат во НАТО

Македонија продолжува со НАТО-реформите, како и со учеството во воените мисии на Алијансата, и покрај тоа што не е членка. Останува последната пречка до полноправно членство - спорот за името.

default

„Ги исполнуваме сите услови за членство во НАТО, за жал останува да се решава едно непринципиелно прашање, а тоа е непризнавањето на нашето уставно име. Во однос на реформите во одбраната, потенцирано беше од сите присутни денеска (07.07.2010), дека е видливо подобрување, дека имаме темпо на реформите и бевме охрабрени да го задржиме тоа темпо“, изјави денеска во Брисел, македонскиот министер за одбрана Зоран Коњановски.

Шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски, пак, оцени:


„Очекуваме, со заемна конструктивност и со поголема флексибилност и прагматичност од грчка страна, ова прашање да се реши на начин кој ќе го овозможи членството на Македонија во НАТО и ќе ја зајакне регионалната стабилност.“

NATO Flagge Logo

Македонскиот министер за надворешни работи ги уверил амбасадорите на НАТО, како и генералниот секретар на Алијансата, дека поддршката на граѓаните за влез во НАТО останува висока - соопштена е бројка од 82 проценти:

„Исто така и поддршката на македонските граѓани, отприлика 82 проценти според последните анкети. Мислам дека тоа е еден голем ресурс“, рече Милошоски.

Милошоски ги поздрави напорите на белгиското пртседателство најавени вчера за помош во изнаоѓањето решение за спорот со името, но не сакаше да го коментира понуденото медијаторство.

Македонските министри за одбрана и за надворешни работи, Зоран Коњановски и Антонио Милошоски, денеска во Брисел учествуваа на состанокот со Северноатланскиот совет (НАЦ) во формат 28+1, на кој се дискутираше за Извештајот за прогресот на Република Македонија во рамки на 11-от циклус на Акцискиот план за членство во НАТО (МАП). Двајцата министри имаа средба и со генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен.

Автор: Тања Милевска/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска