1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

+ 7 за Борусија Дортмунд

Шампионот од Дортмунд се „одлепи“ на врвот на табелата со седум бодови предност, откако неговите главни конкуренти за титулата во Бундеслигата забележаа порази.

Борусија Менхенгладбах ја пропушти шансата да го премине Бајерн Минхен и да се искачи на второто место на табелата во Бундеслигата. На гостувањето во Нирнберг, во еден од натпреварите што се играа вчера (04.03.2012), Борусија забележа горчлив минимален пораз во последните минути од натпреварот. Овие 1:0 во Нирнберг беа прв пораз за тимот од Менхенгладбах во пролетниот дел од сезоната и значат останување на третото место со осум поени заостанување зад лидерот на табелата Борусија од Дортмунд. За Нирнберг ова беа значајни поени кои го искачија на 11. место на табелата.

Во вториот вчерашен натпревар Лукас Подолски уште еднаш покажа колку е важен за неговиот Келн. „Принц Полди“, како што го нарекуваат келнските навивачи својот миленик, невообичаено со гол со глава го спаси својот тим од пораз на гостувањето во Хофенхајм пред самиот крај на натпреварот. Натпреварот заврши 1:1 и Келн ја прекина негативната серија, освојувајќи значаен бод во борбата за опстанок. Хофенхајм пак, падна на десеттото место на табелата.

TSG 1899 Hoffenheim - 1. FC Köln Jubel Lukas Podolski

Лукас Подолски досега во сезоната има постигнато 16 голови

Дортмунд маршира, Бајерн се тетерави

Бранителот на титулата, Борусија Дортмунд, во ова 24. коло ја оствари осмата победа по ред и со тоа постигна нов клупски рекорд. Против Мајнц, каде капитен е македонскиот репрезентативец Николче Новевски, Борусија славеше на домашен терен со 2:1 и ја зголеми предноста на табелата пред најголемите ривали. Голот за Мајнц, кој инаку е поранешен тим на тренерот на Борусија , Јирген Клоп, го постигна Мохамед Зидан, кој пак од Борусија во зимскиот преоден рок се врати во Мајнц.

Горчклив пораз од својот поранешен тим пак, претрпе тренерот на Бајерн Минхен, Јуп Хајнкес. Во Леверкузен домашниот Бајер забележа победа против „баварците“ со 2:0 и отвори нови проблеми во таборот на минхенчани кои сега заостануваат 7 бодови зад лидерот од Дортмунд.

И Шалке претрпе пораз во 24. коло. Претпоследниот тим на табелата Фрајбург на домашен терен успеа со 2:1 да го совлада големиот фаворит и со тоа го оддалечи на 11 бодови од врвот на табелата.

Fußball Bundesliga 24. Spieltag Borussia Dortmund - 1. FSV Mainz 05

Македонскиот репрезентативец Николче Новески во дуел со напаѓачот на Дортмунд, Шинжи Кагава

Рехагел победи против „старата љубов“

Првите три бодови како тренер на Херта од Берлин Ото Рехагел ги прослави токму против неговиот поранешен клуб Вердер. Рехагел, кому во Бремен му е изграден споменик за заслугите за Вердер, го предводеше својот нов тим од Берлин до минимални 1:0 но и важни три бода со кои беше прекината долгата негативна серија. Без голови заврши мечот меѓу последниот на табелата Кајзерслаутерн и годинава „бледиот“ Волфсбург.

Најтежок пораз во 24. коло (4:0), и тоа на домашен терен, претрпе екипата на Хамбургер и тоа од токму од тимот на нејзиниот поранешен тренер Бруно Лабадиа - Штутгарт.

Новајлијата во лигата Аугсбург продолжува со силните партии. Во 24. коло екипата во последната минута обезбеди 1 бод на гостувањето во Хановер. Конечниот резултат на овој возбудлив натпревар гласеше 2:2.

Автор: Оливија Фриц / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска