1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

65 години македонски збор низ етерот

Македонското радио - Радио Скопје денеска слави 65 години од првото емитување во етерот. На 28 декември 1944 година за првпат низ етерот прозвуче препознатливото „Зборуе Радио Скопје, зборуе Скопје”.

default

Зградата на МРТВ

Зборуе радио Скопје, беа првите зборови емитувани во македонскиот етер пред точно 65 години. Оваа легендарна реченица изговорена од новинарот Владо Малески претставува почеток на Македонското радио. Во далечната 1944 година, на 28 декември Малески врши директен пренос од историското Второ заседание на АСНОМ и самиот станува дел од историјата. Со него почнува редовната програма на Радио Скопје. Во архивата на радиото не е зачуван оригиналниот тон од првото јавување, но се снимени сеќавања на овој новинар и прв директор на радиото:

„На 28 декември, од денешната сала на републичкиот собор, првпат во историјата на овој народ пливнаа македонски зборови по воздушните бранови за на народот да му ја доловат сликата на заседанието на македонскиот парламент. Репотер бев јас. Не се сеќавам на ниту еден збор што го пратив во микрофонот, но сигурен сум дека реченото, секако наивно, невешто, неучно, беше откорнато од срцето. Бев возбуден, нервите ми останаа нарожени за сето време на преносот, не заради фамозниот страв од микрофонот и не заради одговорната задача верно да ја претставам возбудата во собраниската сала. Возбудата идеше од сознанието за историскиот миг во кој се раѓаше Радио Скопје.“

Така Малески го доживеал историскиот ден. Во периодот исполнет со подем и ентузијазам, кога истовремено со изградбата на државата се градеше и радиото, новиот медиум станува препознатлив со легендарната песна „А бре Македонче“.

Расадник на новинарски кадри

Радио Скопје растеше и се развиваше. Се формираа редакции, сектори, се воведуваа нови емисии, започнува снимањето радиодрами, се збогатува музичкиот фонд и веќе кон крајот на педесеттите години на

Radio Skopje

Македонското радио и Дојче веле имаат четиридецениска соработка

минатиот век Радио Скопје стана вистинска радио станица која беше рамо до рамо со другите тогашни југословенски радио станици. Во почетокот на деведесеттите, го менува името - станува Македонско радио, кое во последните дваесетина години, соочувајќи се со предизвиците на транзицискиот период, стана директен учесник во градењето на демократските процеси во земјата. Радиото претставува вистински расадник на новинарски кадри, а во шестиполдецениското постоење го држи приматот во негувањето на македонскиот литературен говор.

„Проблеми ќе има и во годините што доаѓаат“

Соочено со големи финансиски проблеми, разни притисоци, обиди за негово маргинализирање, технолошка застареност во последнава деценија, како и целата Македонска радиотелевизија, постојано е соочено со предизвикот наречен трансформација или, подобро речено, санација, која се‘ уште не дава резултати. Одговорниот уредник на првиот програмски сервис Даниела Каневче за состојбата на радиото денес, за Дојче веле изјави:

„Мислам дека ова е време кога Македонското радио, исто како и во периодите кога се формирало и созревало, ќе ги има истите проблеми и во годините што доаѓаат. Ништо не почнува и не завршува сега. Проблемите и убавите моменти се испреплетени. Проблемите со кои ние се соочуваме се идентични со проблемите кои ги имаат другите медиуми.“

Шестиполдеценискиот растеж на Македонското радио е одбележан и со подеми и со падови, со ѕвездени мигови и со тешки кризи. Македонското радио својот јубилеј го одбележува со повеќе активности. Денеска, освен целодневната отворена програма, ќе биде одржана и свеченост на која ќе настапат повеќе естрадни уметници и ќе бидат доделени традиционалните годишни награди, а на вработените во Македонското радио - Радио Скопје и на институции и поединци ќе им бидат врачени признанија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска