1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

64-то Берлинале без македонски филм!

На годинашното Берлинале (6-16 февруари) ќе бидат прикажани 409 филма од вкупно 72 земји, меѓу кои ја нема Македонија. Ваквата состојба не е тренд, вели за ДВ Виланд Шпек, директор на програмата „Панорама“ на фестивалот

В четврток (6 февруари) со премиерата на „ Хотел Гранд Будапест“ на Вес Андерсон стартува 64-тото издание на Берлинскиот филмски фестивал кој во вистинска смисла на зборот е празник за граѓаните на престолнината. За жал, фестивалската програма годинава нема да им донесе ниту ронка радост на Македонците кои живеат во Берлин, зашто нема да се повтори 2011-тата кога бурно беа поздравени Милчо Манчевски и тимот на „Мајки“. Ниту, пак, 2012-тата кога на црвениот тепих пред киното „Интернационал“ продефилира екипата на „Жената која ги избриша своите солзи“ - предводена од сестрите Митевски, режисерката Теона и актерката и продуцент Лабина. Филмот беше прикажан во „Панорама Специјал“, а истата 2012-та година во програмата „Генерација“, беше претставен и краткиот филм „Бардо“ на Марија Апческа. Лани македонскиот филм „Третто полувреме“ на Дарко Митревски беше прикажан на Филмскиот маркет само за потенцијалните купувачи, а и во 2013, како и оваа 2014 - сигурно е дека нема македонски филм во ниту една од петнаесетте програмите на Берлиналето. Виланд Шпек, добар познавач на балканскиот филм и прв човек на програмата „Панорама“ ДВ го прашува: зошто Македонија не е застапена на Берлиналето?

Berlinale 2014 Wieland Speck

Апсолутно верувам во македонскиот филм! Виланд Шпек.

Се селектираат филмови – не земји!

„Ние гледаме, бараме филмови во секое ќоше - секаде онаму каде има движења, каде нешто се случува. Доколку најдеме филм кој сметаме дека е интересен да се прикаже во Берлин, се обидуваме и да го добиеме за фестивалот. Но, тоа не се случува со секоја земја и секоја година. За програмата не е важна земјата, потеклото на остварувањето, туку е важно колку еден филм е добар, па потоа гледаме од каде доаѓаат. Така на пример може да се случи, како впрочем годинава, да имаме два индиски или два филипински филма во една фестивалска програма што е навистина невообичаено. Но, се случи, ете - да нема филм од Македонија“, подвлекува Шпек.
Дали отсуството македонскиот филм се должи на некаков неповолен тренд? Не се инвестира ли доволно во нови продукции, изостанува ли бараниот квалитет? И конечно се следи ли од Берлин се' она што се случува на филмски план во Македонија?
„Не, не е во прашање тренд, туку ваква е моменталната ситуација. За тренд би биле потребни најмалку три години на отсуство, па дури потоа човек би требало да се позамисли и состојбата би можела така да ја протолкува. Апсолутно верувам во македонскиот филм! Имаме луѓе кои патуваат во Македонија и ги следат филмските остварувања, имаме режисери и продуценти кои ни ги испраќаат филмовите. Значи - ние добро следиме се’ што се случува. Не верувам дека нашите луѓе кои ја подготвуваат програмата нешто пропуштиле“, истакува Шпек.

Flash-Galerie Berlinale Premiere des Films Majki

Милчо Манчевски и дел од екипата на „Мајки“ беа македонски претставници на Берлиналето 2011

И Балканот слабо застапен!

Годинава, за разлика од лани и преклани, потврдува Шпек навистина минимално се присутни и продукции од поранешните Ју-простори. Во сите категории годинава со по едно остварување се присутни само Србија и Хрватска. Србија се претставува со краткиот филм „Небесни линии“ на режисерката Надин Поулаин. Во програмата „Форум“, пак, меѓу 50-те филма се наоѓа и Хрватска, која заедно со Словачка и Чешка е копродуцент на филмот „Кадифени терористи“ на триото: Иван Острошовски – Павол Пекарчиќ – Петер Керекес.
Првиот човек на „Панорама“ Виланд Шпек истакнува, дека за разлика од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Словенија, кои порано биле поприсутни, годинава е силно застапена Грција која има филмови во сите категории на фестивалот, но присутна е и земјата лауреат на ланската Златна мечка - Романија. Тој кажува дека организаторите на Берлиналето и за годинашниот фестивал програмата ја селектирале заклучно со 1 декември. Поточно филмовите кои претендирале за фестивалот морале да бидат произведени во последните 12 месеци ( декември 2012 – декември 2013). Порано се случувало до Фестивалот да се испраќаат и целосно незавршени филмови. Сега не е така - организаторите инсистираат да добијат готов филм, зашто поради големото интересирање нема шанси некое остварување по двапати да се оценува дали е - или не е за прикажување. Многу работи се сменети. Само за илустрација Шпек посочува дека годинава пристигнале на пример четирипати повеќе филма од пред десеттина години.
Гледано низ бројки за 64-то Берлинале биле пријавени 6.775 филма. За прикажување се одбрани 409. Во главната програма за златната и сребрените мечки се натпреваруваат 23 филма, од кои три се надвор од конкуренцијата. Годинава Берлиналето ќе соборува нови рекорди меѓу кои е и бројот на проекциите: ќе има 959 прикажувања што е дури 81 повеќе од минатата година. Ова се должи секако и на вклучувањето во фестивалот на „ЗОО палас“, едно од најстарите и најтрадиционални кина на престолнината чие реновирање е навреме завршено. Дел од фестивалската програма ќе биде презентирана и во седум „маалски“ кина, а една проекција е предвидена и во еден од берлинските затвори!