1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

60 години Израел: просперитет со сенка

За изминативе шест децении од основањето, Израел израсна и во модерна, напредна и демократска држава. Но, над ваквата успешна приказна и понатаму се надвива сенката на деценискиот конфликт со Палестинците.

default

Што му оставија дедовците и татковците во наследство - 60 години по основањето на државата?

Деновиве кога се одбележуваат 60 години од основањето на Израел, и неговите граѓани и Палестинците се потсетуваат на почетоците во далечната 1948-ма година. Сеќавањата за едните се причина за славење и демонстрација на сила, за вторите повод за тагување и чувство на пораз и беспомошност. Но, во меѓувреме и меѓу Израелците има такви кои се замислуваат над минатото и неговите пораки за сегашноста и иднината. Така израелскиот весник „Хаарец“ по повод јубилејот објави статија со наслов „60 години накба, 60 години за ништо“ – став што до пред неколку години беше незамислив.


Терминот „накба“, што во превод значи „катастрофа“, го користат Палестинците за да го означат Денот на основањето на Израел. За нив тоа беше Ден на протерување од нивните огништа и почеток на децениските страдања. Авторот на статијата во израелскиот весник секако не е на мнение дека Денот на основањето на Изрел е катастрофа, но според него катастрофа е тоа што се случувало по него, односно тоа што не се случило. Имено, и ден денес во регионот нема мир, ни за Израелците, ни за Палестинците!


И понатаму мали шанси за мир


За претходниот голем јубилеј, имено оној што одбележа 50 години од основањето на Израел, луѓето во регионот уште имаа надеж за смирување на пеколот. Тогаш имаше уште надеж дека Мировните договори од Осло ќе донесат мир и просперитет за сите. Такви надежи веќе одамна нема, а на најновата мировна иницијатива на американскиот Претседател на заминување, Џорџ Буш, 80% од Израелците реагираат со скепса, кај Палестинците процентот е веројатно уште поголем.


Табуата најголема пречка


Неспособноста да се склучи мир со Палестинците и соседните држави ги намалува инаку неспорните успеси на Израел како модерна и развиена земја. Премногу неискористени шанси за мир тежат врз плеќите на израелските политичари. За тоа се виновни неколку клучни табуа во израелската политика до ден денес, како: непризнавањето на Палестинците како народ (што траеше со децении), потоа долгото отфрлање на идејата за палестинска држава, отфрлањето на идејата за враќање на протераните палестински бегалци, како и неприфаќањето компромис за поделба на „светиот град“ Ерусалим. Секако и арапите имаа свои табуа, како непризнавањето на Израел како држава, неприфаќањето преговори како и склучување мир со него.


Доколку останат на ваквите закоравени ставови – обете страни можат само да изгубат.