1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

60 години Израел: Германско –израелските односи

Германија и Израел се на повеќе начини општествено, економски и културно поврзани. Притоа, постојано во видното поле на билатералните односи останува минатото – германскиот геноцид врз европските Евреи.

default

Ангела Меркел зборува во израелскиот парламент

За сите сојузни влади тоа значеше да се преземе одговорност за правото на Израел на постоење и да се биде сигурен партнер на Израел во Европа.

„Меѓу Германија и Израел не може да постои она што се нарекува нормалност„. Овие зборови ги искажа германскиот сојузен претседател Хорст Келер во неговиот говор во израелскиот парламент – Кнесет. Тоа беше во 2005 година кога двете земји одбележаа 40 години од воспоставувањето дипломатски односи. Тоа чувство на не - нормално, беше уште поизразено во првата деценија по Холокаустот. Младата германска демократија моралната одговорност за милионските убиства на Евреите ја стави на посебно место. Ужасните размери на ова злосторство, најнапред ја правеа невозможна помислата на помирување. Тешка пречка за првиот сојузен канцелар Конрад Аденауер:

„Мораме неправдата што им беше направена на Евреите да ја поправиме, колку што е можно, ако воопшто некогаш биде можно„.

Повторното правење добро, најнапред значеше финансиско обесштетување. Сојузната влада на Израел му префрли 3,45 милијарди марки. Повторно Аденауер:

„...За на овој начин да го олесниме патот за душевно смирување на бескрајните маки„.

Исплаќањето обесштетување во Израел беше спорно, зашто со пари не може ништо да се поправи. Да се подаде рака кон некој Германец, за многумина Израелци беше незамисливо. Меѓутоа, не и за првиот израелски премиер Давид Бен Гурион кој во 1960 година во Њујорк се сретна со Аденауер и пријателски го прими:

„Дојдов до заклучок дека пред нас имаме сосема поинаква Германија. Тоа не е наци-Германија и никогаш нема да биде. Народот се измени, како што се измени и светот. Секако, не смееме да заборавиме што се случи, но ниту нашите односи не можеме да ги градиме врз она што се случи. Во она што се случи не можеме ништо да промениме, но ниту да сметаме дека не се случило„.

Поради неговото помирливо однесување кон Германија, Бен Гурион дома доживеа остри критики, додека Аденауер поради приближувањето кон Израел беше ставен под притисок од арапските држави. Во 1965 година, 20 години по војната, Сојузна Република Германија и Израел воспоставуја дипломатски односи. Ролф Паулс, првиот германски амбасадор во Израел ќе биде пречекан со протести:

„Во целиот тек на историјата по војната, мора да се каже дека, во споредба со она што се случи, дури и 20 години по војната, беше релативно рано„.

Во наредните години двете земји претпазливо се приближуваа. Меѓу цивилните општества се разви мрежа од контакти, кои издржаа и во кризни ситуации. За Израел беше важно што Германија во тешките моменти покажа солидарност, на пример за време на војните со арапските соседи. Германија ја исполнува таа желба – и 60 години по основањето на државата Израел. Според германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнамјер, за израелската безбедност нема преговарање:

„Германија носи посебна одговорност кон државата Израел, кон заштитата на нејзината егзистенција и во одбраната на оправдувањето на неговото постоење. Тоа останува темел на германската политика„.

Овој став води и кон тоа сојузната влада да биде заложник во просудувањето на конфликтот меѓу Израел и Палестинците.

Говор на германски и во 2008 година не сакаа да слушнат сите во Кнесетот. Меѓутоа, мнозинството пратеници реагираа со долг и пријателски аплауз, кога германската канцеларка Ангела Меркел ја честиташе 60-годишнината од основањето на државата:

„Во овој дух Германија никогаш нема да го остави Израел сам, туку ќе биде верен партнер и пријател. Срдечни желби по повод 60 години од државата Израел. Шалом!„.