1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

60 години Израел: Нова татковина – загубена татковина

7 мај 2008

На 14 мај 1948 година беше основана државата Израел. За многу еврејски бегалци од Европа разурната од војната, тоа значеше на Блискиот исток да најдат нова татковина.

https://p.dw.com/p/DsJ6
Оружјето на Блискиот исток ретко мируваФотографија: AP

И, илјадници германски Евреи, кои избегаа во Палестина уште за време на преземањето на власта од страна на нацистите, конечно имаа свој нов дом. За многу Палестинци основањето на Израел пак, значеше загуба на нивната татковина. Стотици илјади беа протерани и се најдоа во бегалските логори во соседните земји, или на западниот брег и во појасот Газа. Бетина Маркс посети една германска Еврејка која во 1948 година стана Израелка, и еден Палестинец чие семејство тогаш ја загуби татковината:

„Со 13 години се преселив овде и станав Палестинка. Тоа беше во 1936 година„.

Авитал Бен Горин денес има 85 години и во меѓувреме не е Палестинка, туку Израелка. Родена е во Ајзенбах во 1923 година како Ерика Факенхајм. Уште како млада девојка ги откри своето еврејство и ционизмот. Три години по преземањето на власта во Германија од страна на нацистите, таа реши да ја напушти Германија и се пресели во Палестина. Земја тогаш потресена од немири:
„Во април 1936 година дојдов во земјата. Точно една недела по избувнувањето на тогашните арапски немири. Тоа значи дека нашите арапски соседи не можеа да го прифатат нашето доселување, иако оваа земја, тогаш, во 36-тата, но и пред тоа, беше сосема малку населена„.

Авитал се истовари во пристаништето Хаифа. Од таму пристигна во местото Кијат Бијалик, основано од германски доселеници, каде што постоеше дом за деца и млади:

„Беше убаво време, крајот на април, почеток на мај. Тоа ме одушеви, почнаа да растат првите стебленца. Се разбира дека бевме одушевени што бевме таму и можевме да учествуваме во изградбата без да бидеме гонети. Тоа беше добро време„.

Решението на Обединетите нации за поделба на земјата од 1947 година и основањето на државата Израел една година подоцна, таа ги доживеа во Ерусалим. Во меѓувреме се омажи за Шалом Бен Хорин, кој потекнуваше од Минхен:

„Овде се славеше. Ќе добиеме држава. Всушност, таа беше застрашувачки мала. Но, ние тогаш велевме:’мала, ама наша’. Се радувавме зашто имавме држава„.

Тој ден, 14 мај 1948 година, за Палестинците значеше почеток на нивното протерување. Израелскиот ден на независнота за нив е ден на катастрофа. Еден од оние што тогаш ја загуби татковината е Фаваз Абу Сита, кој денес живее во Газа:

„Потекнувам од бедуинско племе, чие место на живеење се наоѓа во подрачјето Бер Шева. Нашиот имот и селото граничат со појасот Газа. Нашето село порано се викаше Маин Абу Сита, каде што живееја сите членови на Абу Сита. Во 1947/48 дојде до насилно протерување од селото„.

Селото беше нападнато од три страни. Повеќе од 400 членови на семејството избегаа во блискиот појас Газа. Таму се сместија во бегалските логори Кан Јунис, Деир ел Балах и Рафах, скоро на дофат од нивниот стар дом. Фаваз е роден во 1953 година. Растеше во сознание дека е бегалец кој еден ден ќе се врати во старото племенско село:

„Токму така. Таму каде што живеевме и каде што пораснавме, во Кан Јунис, можевме секогаш да погледаме преку бодликавиот тел и растевме со помислата дека престојот во Кан Јунис е привремен. Ние додуша живееме таму, нашето живеалиште е таму, посетувавме училиште, но нам ни беше втиснувана свест дека нашата татковина е од спротива, зад демаркационата линија каде што секогаш сакваме да се вратиме„.

Во меѓувреме, Фаваз, кој долги години живееше во Германија и ја запозна фрау Анке, го напушти надежта дека ќе се врати во старата татковина. Тој пледира за палестинска држава во границите од 1967 година, во остатокот од стара Палестина – во појасот Газа и на западниот брег:

„Јас претставувам мала група луѓе во палестинскоот општество кои сметаат дека прашањето за враќање веќе не може да се оствари. Подвлекувам дека тоа е мала група интелектуалци, луѓе што размислуваат рационално, кои ја гледаат неможноста од враќање, зашто односот на силите тоа не го дозволува. Ниту денес, ниту во блиска иднина„.