1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

50 милиони евра за малите бизниси

Костадин Делимитов2 октомври 2015

СДСМ најавува сериозен план за враќање на достоинството на микро и малите фирми. Власта реагира за несериозност. Експерти пак предупредуваат дека е крајно време за конзистентност во поддршката на претприемништвото.

https://p.dw.com/p/1GhXU
Фотографија: MAKFAX

50 милиони евра годишно за директна финансиска помош на малите и средни бизниси. Опозицискиот СДСМ најавува сериозен план за враќање на достоинството на малите и средни фирми во Македонија. Оваа ставка како дел од предизборната програма што ја подготвуваат социјалдемократите треба да стави крај на дискриминаторската политика на актуелната власт кон домашните компании за сметка на странските инвеститори. Според креаторите на економските политики во СДСМ иднината на македонската економија единствено мора да се бара во поддршка на домашните мали и семејни компании од кои како што велат буквално се граба, а се субвенционираат странските инвеститори и мултинационални компании. Ваквата стратегија не значи и напуштање на актуелната политика кон странските инвеститори, но дефинитивно треба да значи сериозен пресврт во односот кон домашното стопанство:

„Повеќе од јасно е дека малите и средни претпријатија во Македонија не се во агендата на актуелната власт. Веќе 9 години за нивна подршка од државниот буџет се одвојуваат непристојно мали средства. На пример, во предлог Буџетот на Република Македонија за 2016 година за оваа намена се предвидуваaт само 9 милиони денари или 146 илјади евра. Исто беше и лани. Има ли некој што верува дека 146 илјади евра ќе го придвижат развојот на овие фирми? Оваа сума е помала дури и од средствата што се одвојуваат за оградата околу Владата. За мене е целосно непрафатлива политиката на актуелната власт што домашните мали и средни претпријатија ги користи единствено за полнење на државната каса преку даноци и казни. Јавноста треба да знае дека во Македонија активно работат 70 илјади мали и средни претпријатија (вклучително и микро претпријатија). Според мене, домашните мали и средни претпријатија треба да се основата за развој на земјава. Постојат многу региони во Европа (како на пример, Баден Виртемберг) што успеале да постигнат значаен економски раст, преку развојот на малите и средни претпријатија. Дополнително, последната економска криза покажа дека во земјите од ЕУ, малите и средни претпријатија се важен стабилизатор на ефектите од рецесијата, во споредба со големите претпријатија, бидејќи кај нив во време на криза бројот на отпуштените вработени е значително помал од оној на големите претпријатија. Директната државна подршка за развој на малите и средни претпријатија треба да биде многу кратно зголемена во однос на просекот на годините на актуелната власт. Овие средства може да се добијат со реалокација од неефикасни активности како изградба на огради, панорамско тркало, и слично. Во економијата се важни приоритетите“, коментира за Дојче веле Драган Тевдовски претседател на комисијата за економија на СДСМ.

Популизам или издржана програма?

Докапитализацијата на Македонската банка за поддршка на развојот, како едно од барањата на стопанствениците е дел од стратегијата, но точните детали за начинот на кој ќе се доделуваат најавените средства допрва треба да се обелоденат. За дел од упатените ваквите, но и најавите од типот 850 евра за секое семејство не се изненадување: „Дефинитивно дека станува збор за популизам, што досега беше резервиран само за власта како нејзино омилено средство за добивање поддршка кај народот, но тоа не ме изненадува. Се надевам дека во СДСМ конечно ќе подготват издржана програма, пред се економска, која ќе биде и реално применлива. Но останува да видиме, а интересно е што власта веќе покажува знаци на нервоза“, коментира претставник на бизнис заедницата.

Владејачката партија реагира дека безидејноста и недостигот од конкретни решенија ги тера СДСМ во очај да измислуваат вакви нереални и неискрени солуции за подобрување на стандардот на граѓаните во Македонија. Колку и што е постигнато во изминатиов период доволно покажуваат бројките за намалената невработеност, новоотворените бизниси, фабриките што се отвораат во слободните економски зони и илјадниците работни места што ги обезбедуваат за граѓаните. Несериозно и неодговорно е да се тврди дека Владата не води сметка за поддршка на претприемништвото и малите бизниси во услови кога на пазарот на труд се случува вистински бум кој во голема мерка е поттикнат од разните програми за поддршка, донации, грантови, субвенции“, коментираат од ВМРО ДПМНЕ.

Долгорочни а не стихијни мерки

Unternehmen der Lebensmittelproduktion Mirana Veles
Фотографија: Mirana

Експертите пак предупредуваат дека е крајно време за сериозни промени во политиката на поддршка пред сѐ на микро и малите домашни фирми како движечка сила на економијата.

„Постојано предупредувам дека е потребна конзистентност, а не стихијност во политиките и програмите за поддршка на бизнисот. Актуелната власт во својата политика се насочи сериозно кон странските инвеститори каде се одлеваат сериозни средства, но не и кон малите фирми кои се соочени со сериозен недостаток на пари да почнат со работа. Да, факт е дека се прават активности и на овој план но програмите за поддршка не се долгорочни, не се конзистентни. Не може да има огласи со однапред утврдени рокови, знаете мене денеска ми доаѓа идеја, утре ја давам а конкурсот веќе завршил. Вработувањата со донации и грантови даваат резултат, но верувајте би било многу поефикасно ако доделените средства се враќаат макар и со минимална камата. На тој начин ќе се создаде фонд за мало стопанство. И редно е конечно да се создаде деловна банка за кредитирање на малите фирми која истовремено ќе биде и гарантен фонд за фирмите кои тешко доаѓаат до кредити од деловните банки. Таа не мора да биде државна, може да биде полуприватна, систем на јавно приватно партнерство. Во развиениот свет има такви примери и тоа многу. Но кај нас тоа не е случај, затоа имаме се уште толку висока невработеност и луѓето ни бегаат надвор. Не направивме ништо за претрпиемништвото за малите, почетните бизнис. Клучно е мерките да бидат долгорочни а не стихијни или како дојде која партија на власт да носи нова програма и се да оди од почеток, тоа создава несигурност кај сите“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Марија Зарезанкова Потевска.

Поддршката за малите и средни фирми е клучна стратегија и на стопанските комори кои постојано апелираат до сите влади за поголема и посериозна системска поддршка. Посебно во делот на проблемите со ликвидноста, правната несигурност, строгоста на инспекциските служби.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи