50 години Бундеслига - успешна приказна
24 август 2012Германската фудбалска Бундеслига е успешна приказна, секој викенд привлекува неброени фанови во стадионите. Иако, нејзиното основање пред 50 години не било ни малку лесно. Одлуката паднала по деветчасовна маратонска седница на 28. јули 1962. со 103 гласови „за“ и 26 „против“.
„За германскиот фудбал ова е еден од најважните настани, квалитативен скок, камен темелник во историјата на германскиот фудбал“, вели претседателот на Германскиот фудбалски сојуз, Волфганг Нирсбах.
За 16 места во новоформираната лига се натпреваруваа 46 клубови, меѓу нив и Хамбургер СВ, кој до денес игра во Бундеслигата како единствен од членовите основачи кој досега не испаднал од Лигата. Во основачите не биле рекордерот по титули, Бајерн Минхен и Борусија Менхенгладбах, двата клуба изборија влез дури во 1965. година.
Со формирањето на Бундеслигата играчите првпат почнаа да заработуват пари со своето спортување. Во секој случај, не многу: заработувачката била ограничена на максимално 1200 германски марки месечно, вклучувајќи ги тука и премиите.
„Не сакам да тврдам дека играчите кои денес играт во Бундеслигата, тоа го прават само поради пари“, вели поранешниот напаѓач на Фудбалскиот клуб Келн, Ханс Шефер.
Сепак, денешните професионални играчи можат само да се потсмеат на поранешните можности за заработувачка. Капитенот на Бајерн Минхен и на националната селекција Филип Лам заработува, на пример, според проценките, 583 илјади евра месечно. Порано играчите морале да бараат дополнителни извори за заработувачка: ѕвездата на Менхенгладбах Гинтер Нецер водел дискотека, а Уве Зелер од Хамбургер работел кај Адидас.
„Во ниеден период не играв само професионален фудбал, од тоа не можевме да живееме во семејството. Зашто, 1200 до 1500 германски марки бруто во Хамбург не стасуваа ни за да се плати месечната кирија за станот“, вели Уве Зелер.
Првата сезона на Бундеслигата стартувала во 1963 година, а не минала ни една минута до постигнувањето на првиот гол:
„Веќе падна првиот гол во Бундеслигата, дами и господа, во првата минута го даде Коњецка, напаѓачот на Дортмунд во мечот со Вердер во Бремен“, возбудено извика радио коментаторот.
Куриозитет - од овој гол не постои ниту фотографија, ни видео снимка. Првата титула во Бундеслигата ја освои ФК Келн.
За првите возбудувања во 1970-те години се погрижи скандал со подмитување. Со лажирање натпревари на Оберхаузен и Арминиа Билефелд им успеа да избегнат испаѓање од Бундеслигата. И покрај скандалот, во 1973. година Лигата се најде во фокусот на спонзорите. Ајнтрахт Брауншвајг беше првиот тим чии фудбалери се појавија со реклами на дресовите.
Минатата сезона спаѓа во најуспешните времиња од основањето: Бундеслигата оствари обрт од 1,75 милијарди евра, регистрирани се просечно 45 илјади гледачи на натпревар, што е европски рекорд. Бундеслигата доживува бум, а тренерот Ото Рехагел ја знае причината:
„Играта не се промени. Игралиштето и натаму е 60 на 100 метри, ниеден играч никогаш не истрчал сто метри под 10, 0 секунди, само што играта е побрза, а со тоа и поатрактивна“, вели Рехагел. Се чини едно е сигурно: успешната приказна на Бундеслигата уште долго ќе трае.