1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

50 години Фестивал на кусометражниот филм во Оберхаузен

Плакат за Фестивалот

Плакат за Фестивалот

Во четвртокот вечер во Оберхаузен беше отворено јубиленото 50-то издание на Меѓународниот фестивал на кусометражни филмови. “Ова е најстариот и се уште еден од најреномираните фестивали од овој вид во светот“ - изјави на отворањето германскиот канцелар Герхард Шредер, инаку прв канцелар во досегашната историја, кој ги удостои со своето присуство синеастите, овој пат, од 46 земји!

До наредниот вторник љубопитните посетители ќе можат да се сретнат со 375-те остварувања, што ќе бидат прикажани во официјална конкуренција, но и во ретроспективата на најуспешните куси филмови во изминатите 50 години постоење на Фестивалот. Годинава беше срушен рекордот на пријавени филмови со 5250. Не е ни чудо: овде беше родена ѕвездата на такви подоцнежни филмски величини како Роман Полански, Мартин Скорцезе, Вернер Херцог, Вим Вендерс или Џорџ Лукас.

Романтична е и приказаната за раѓањето на самиот фестивал. Тој е веројатно единствениот во светот што бил основан на 600 метри под земјата, во рудникот во Оберхаузен. На тогашниот раководител на Народниот универзитет, Хилмар Хофман, кој подоцна стана еден од најважните културно политички работници на Германија, му појде од рака да ја спои еснафската традиција на градот со новите културни трендови. И не само тоа, кон крајот на 50-тите и во 60-тите години Деновите на кусометражниот филм станаа важна политичка платфрома, од која се изродија и прапочетоците на политиката на отворање кон Истокот, уште пред Вили Бранд да ја прогласи за програмска ориентација на неговата влада.

Но, Фестивалот во Оберхаузен не остана да живее на старата слава, туку ги прифати предизвиците на радикалната филмска естетика во 70-тите, за во 90-тите да ги надмине стравовите од надоаѓачката видео- и поп-култура. Секогаш на чело на авангардата:

“Кусометражниот филм е интересен како феномен особено затоа што кај него многу порано се забележуваат тенденциите, кои подоцна доаѓаат во класичната кино-продукција. Голем број од авторите кои денес се кај нас, утре ќе креираат и долгометражен филм, што значи дека истите форми на изразување се прелеваат“ - појаснува со нескриена гордост актуелниот шеф на Деновите на кусометражниот филм во Оберхаузен, Хенрик Гас.