1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Масакрот во Маи Лаи од виетнамски агол

Родион Ебигхаузен
16 март 2018

Пред 50 години за време на Виетнамската војна американските војници убија над 500 цивили во селото Маи Лаи. Во земјата во која колективната меморија е креирана од партијата, на масакрот му се дава мало значење.

https://p.dw.com/p/2uONg
Vietnam 50 Jahre Tet-Offensive BG | My Lai Massaker
Фотографија: picture alliance/CPA Media Co

Некои моменти пресвртници и слики од војната во Виетнам се останати во колективната меморија на САД и Западот: Тет офанзивата, изгореното голо тело на девојчето Ким Пул, евакуацијата на американските сојузници од кровот на една зграда во Сајгон во последните денови од војната. Меѓу нив е секако и масакрот од Маи Лаи.

На 16 март 1968 година американски специјалци влегоа во селото Маи Лаи. Нивната задача беше да се пронајдат и ликвидираат виетнамски војници. Но, наместо Виетконг, војниците најдоа само старци, жени и деца. Фрустрации, порив за одмазда – еден ден претходно американски војник од специјалните сили под команда на поручникот Вилијам Кели беше убиен од заседа – и неуспехот на офицерите кои намерно не ги почитувале правилата резултираше во неколкучасовен масакр со масовни убиства, злоставување и силување на жени и деца. До пладнето 504 цивили беа убиени. Само пилотот на еден хеликоптер, офицерот Хју Томсон и неговата единица им се спротивставија на убиствата. Тие спасија единаесет Виетнамци.

Неуспехот на САД

Американската војска се обиде да го прикрие масакрот од Маи Лаи. Но, новинарот Сејмур Херш една година по убиствата доби инсајдерска информација за настанот. Успеал да интервјуира дел од војниците кои и со тоа да го открие ова воено злосторство.

Vietnam - Historische Aufnahme: Napalmangriff
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/N. Ut

За време на правната постапка Пентагон направи се за да исчезнат доказите и процесот да се оддолжува. Неколку сторители беа обвинети. Вилјам Кели, беше еден од ретките кој доби доживотна затворска казна за убиство на 22 лица, но му беше дозволено да ја отслужи во домашен притвор. По четри години претседателот Никсон го помилуваше.

Значењето за Виетнам

Спротивно на големината на злосторот, масакрот во Маи Ли нема соодветно значајно место во историјата на сеќавање во Виетнам, смета историчарот и експерт за Виетнам Мартин Гросхајм. Тој за Дојче Веле вели: „Во музеите и други релевантни историски книги овој настан е секаде забележан, но тој нема толку големо значење како на Запад. Тоа го покажува и фактот дека одбележувањето на 50 годишнината од масакрот е планиран да биде на локално ниво и без учество на високи владини или партиски претставници." Дури и медиумите во земјата, два дена пред годишнината не ја третираат темата.

Едно објаснување зошто е тоа така е дека масакрот – кој всушност не беше единствен – од виетнамски аспект е само уште еден пример за воено злосторство извршено од САД. Од друга страна во САД Маи Лаи го разниша американското себепоимање како морално надмени, како што тоа го претстави историчарот Берн Грејнер од Институтот за социјални истражувања во Хамбург во неговат книга „Војна без фронтови".

Државно управувана колективна меморија

Масакрот нема толкаво значење како на пример Тет офанзивата, бидејќи колективната меморија во Виетнам е креирана од Комунистичката партина на Виетнам, објаснува Гросхајм: „Пропагандата е многу голема. Во Виетнам сите историски книги, споменици, музеи и сл. се со такви пропагандни наративи во кои се велича улогата на Комунистичката партија како единствен легитимен чувар на интересите на виетнамскиот народ. Настани кои не се совпаѓаат во оваа слика не се тематизираат."

Маи Лаи во овој контекст има мало значење бидејќи не придонесува дирекно кон величање на Комунистичката партија, туку ја покажува „само“ бруталноста на Американците. Во најдобар случај масакрот може да се искористи да се појасни дека Виетнам водел „праведна војна". Ако „праведната војна" е „централен елемент на државниот проект за колективна меморија за легитимирање на комунистичката еднопартиска држава," вели Гросхајм.

Различната тежина особено се покажува при споредата со 50 јубилеј од Тет офанзивата кој исто така се паѓа годинава. Офанзивата се слави низ цела земја со разни настани и прослави како што Гросхајм посведочи на лице место. " Целта на ваквото потсетување е Тет офанзивата да се прикаже како мудра и вистинска одлука на партијата, како и успешен воен напад и граѓански бунт."

Vietnam My Lai Massaker US Soldaten
Фотографија: AP Photo/N. Nick Ut

Апсолутна табу тема во овој контекст се нападите врз цивили за време на битките за централно-виетнамскиот град Хуе. Тогашните убиства на цивили се појавуваа само повремено во блогови, вели Гросхајм.

Приближување до поранешниот непријател

Друг аспект кој ја промени виетнамската перцепција за масакрот во Маи Лаи, се севкупно подобрените релации со САД. Гросхајм вели:„ Секако Маи Лаи и натаму се асоцира со САД, но во изминатите децении имаше многу активности на американски невладини организации и ветеран кои придонесоа за помирувањето."

Во овој контекст планираното отворање мировен парк во провинцискиот град Квангаи треба да се сфати како знак на разбирање и помирување меѓу народите."

Приближувањето кон САД би требало да се стави во контекст на растечките тензии со НР Кина. За многу Виетнамци, Кина е традиционално фактичката закана. Тука народот и до одреден степен и партијата, се надева на поддршка од САД која може да ја користат како противтежа на доминантата Кина. САД знаат дека соочувањето со војната во Виетнам игра централна улога за надворешно-политичкото приближување на поранешните завојувани страни.