1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

50 години на Германската разузнавачка служба БНД

Александар Андреев1 април 2006

На 1. април 1956-та започна дејноста на БНД, која влече корени од „Организација Гелен“ формирана од американските окупациони трупи во 1946-та година

https://p.dw.com/p/Ac7f
Од седиштето на БНД во Пулах
Од седиштето на БНД во ПулахФотографија: AP

Разузнавачката служба, директно приклучена кон кабинетот на германскиот канцелар, денес има 6 илјади соработници и 8 оддели. Тие вршат оперативно, електронско и разузнавање со помош на сателити, како и анализа на податоци од јавни извори, со цел на сојузната влада да и’ понудат политички релевантни информации.

Германската тајна служба за странство со години се појавува во негативна светлина во насловите: го „преспа“ подигањето на Берлинскиот ѕид, беше заплеткана во афери како последната околу ирачката војна и доставување информации на Американците, растргана е меѓу досегашното седиште во Пулах и идното во Берлин, во кое треба да се пресели во 2008-ма година. Дали навистина на БНД белег толку и’ даваат грешки и проблеми, како што често се прикажува во медиумите? Или се во право нејзините соработници кои секогаш укажуваат дека нивните успеси се невидливи, а неуспесите дотолку повидливи?

Доволно штоф за критичка расправа нуди веќе и нејзиното „раѓање“ пред 50 години. Организацијата, раководена од нацистичкиот генерал-мајор Рајнхард Гелен, всушност востановена во 1946-та година за да им помага на американските тајни служби, 10 години подоцна беше преименувана во БНД – Германска разузнавачка служба. Гелен за својата организација масовно регрутираше некогашни офицери за соработници, дури и припадници на Гестапо и СС-овци.

Во почетокот БНД беше профилирана за разузнавачки активности против тогашната советска империја. Во Варшавскиот пакт таа беше непријател број 2, по американската ЦИА, иако во споредба со неа остана „локален играч“. Во германско-германскиот дуелот во шпионажата меѓу тогашните Источна и Западна Германија билансот на БНД не е сјаен: многу нејзини агенти во источниот дел беа разоткриени, имаше скандали со пребегнувања агенти во противничките редови и редица источногермански „кртови“ внатре во БНД.

По крајот на студената војна БНД имаше проблеми во потрагата по нов идентитет. „Светот во 1989/90-та се промени со посебна динамика. Веќе немавме биполаритет, имавме поголема транспарентност, веќе не постоеше ’железната завеса‘, Варшавскиот пакт беше распуштен, комунизмот исчезна преку ноќ. Но, имавме нови закани, нови предизвици, кои можеа да бидат пресретнати само со меѓусебна кооперација“ – вели Бернд Шмидбауер, тогаш координатор на тајните служби во кабинетот на канцеларот.

Нови закани се тероризмот, организираниот криминал, трговијата со луѓе, оружје и дрога, перење на пари. Тие навистина не се директно сврзливи со класичните задачи на разузнавачка служба за странство, но се опфатени со законот за БНД во кој се вели: „БНД собира и анализира информации неопходни за добивање сознанија за странство, кои се од надворешно- и безбедноснополитичко значење за Сојузна Република Германија“.

Некогашниот шеф на БНД Аугуст Ханинг тоа вака го формулира: „БНД мора на сојузната влада да и’ доставува информации, кои другите не можат да и’ ги обезбедат. Владата мора постојано да донесува политички решенија во надворешната и безбедносната политика, во одбраната, и за тоа и’ се потребни оптимални информации. Некогаш се тоа јавни информации кои можат да бидат набавени по дипломатски канали. Но, нејзе и’ се потребни и тајни, разузнавачки добиени информации“.

БНД во работењето има јасни предуслови: не смее да дејствува „на домашен терен“, нема субверзивни овластувања во странство и е под стриктна политичка контрола од таканареченото Парламентарно контролно тело во кое се застапени сите парламентарни фракции.

Од Пулах, Берлин и од нејзината интернет-страница се добива впечаток за БНД како неспектакуларна, но компетентна, лојална и принципиелно верна на законот, но и инертна и бирократска. Во тоа се совпаѓа и дека БНД има и Совет на вработените, но на вратите од приватните живеалишта на нејзините соработници нема имиња.