1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

40 години од Шестдневната војна

Пред 40 години на Израел му успеа за една недела да окупира големи пространства. Еврејската држава, како што се оправдуваше, изведе превентивен напад, додека според Арапите тоа беше агресивна војна.

default

Војната продолжува без прекин

Со таканаречената шестдневна војна, беа создадени политички и воени состојби што важат до денес.

На 5 јуни 1967 година избувна третата блискоисточна војна. Во историјата влезе како „шестдневната војна„ бидејќи беше најкусата од сите други блискоисточни војни. Меѓутоа, за разлика од другите, оваа од основа ја смени ситуацијата во регионот: Израел стана окупатор на сириската Голанска висорамнина, како и на западниот брег на Јордан и на појасот Газа дотогаш под египетска контрола. На тој начин ја контролираше целата територија на историската Палестина на која, според одлуката на Обединетите нации од 1947 година, требаше да настанат една еврејска и една арапска држава. Со тоа решение за поделба, арапскиот свет не беше задоволен. А, за најголемиот број Израелци војната од јуни 1967 година претставуваше битка за опстанок:

„Арапскиот свет е решен да ја исчисти Палестина од вашето присуство. Спакувајте ги куферите и напуштете ја Палестина пред да ве убиеме„.

Радио Каиро на 5 јуни 1967 година. Ахмед Шукеири, првиот претседател на ПЛО се заканува дека неговата организација само чека на тоа, цитат:„Евреите да ги фрли во морето„. Реалноста и текот на војната меѓутоа, беа далеку од таквите слогани и закани: израелското воздухопловство за само еден час, го уништи египетското. Египетските копнени трупи се најдоа во бегство, на Израел му беше лесно со нив. Против Сирија и Јордан војната во наредните денови слично се одвиваше.

За позадината на војната се шпекулира дека Москва со неа сакаше да обезбеди поголемо влијание во регионот, но тоа не беше докажано. Многу повеќе веројатно е дека египетскиот претседател Гамал Абдел Насер сакаше на тој начин да се презентира во улогата на сеарапски лидер: тој прогласи мобилизација и бараше повлекување на трупите на Обединетите нации стационирани од 1956 година, по синајската војна, по должината на мировната линија. Генералниот секретар У Тант му излезе во пресрет на барањето, а Каиро реши да ги преземе напуштените позиции и да го затвори каналот за израелските бродови. Токму тоа Ерусалим го декларираше како причина за војна. Не согледувајќи ја опасноста, претседателот Насер грмеше пред египетските војници:

„Се закануваат со војна, Евреите. Добро. Ние сме подготвени за војна„.

И Израел прогласи мобилизација. Вашингтон предупреди на претерана реакција на Израелците, Москва на египетски напад. Обете супер сили им ветуваат на своите заштитници помош само ако не удрат први. На израелската армија и се брза, премиерот Леви Ешкол се колеба. Се додека не го именува Моше Дајан за министер за одбрана. Тој решава да ја преземе инцијативата и на 5 јуни напаѓа. Шест дена подоцна војната заврши, а премиерот Леви во парламентот во Ерусалим соопшти:

„Совладана е заканата за Ерусалим и на брегот и на местата на север, или во појасот Газа. Заканата на Негев и Галилеја е совладана, армијата го контролира Синајскиот полуостров се до Суецкиот канал. Ги контролира западниот брег на Јордан и Голанската висорманина. Премините низ морскиот теснец и заливот на Еилат се слободни. Ерусалим е обединет. Првпат од основањето на државата, Евреите се молат на ѕидот на плачот„.

Шестдневната војна го оконча насеровиот панарабизам и го означи почетокот на враќање кон религијата: некои се надеваа во Исламот да ја најдат потребната сила што не им ја обезбеди ниту национализмот, ниту комунизмот, а особено не Запад.

Денес: патот до мир е се уште далеку, иако и Израелците и Палестинците, подеднакво како и другите Арапи, најдоцна од јуни 1967 година сфатија дека не можат да се уништат или да се протераат и дека не мораат да живеат заедно, но мораат да живеат едни покрај други.