1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

40 години од смртта на Че Гевара

9 октомври 2007

Народот тогаш не му се придружи на Аргентинецот Ернесто Че Гевара во идејата за револуција што требаше да ја зафати цела Јужна Америка – денес во Боливија му оддаваат почит како на национален херој

https://p.dw.com/p/BoRh
Ернесто Че ГевараФотографија: AP

Во последната битка 17 герилци, очајни и веќе без било какви илузии, беа соочени со 650 припадници на специјална единица на војската. Че, со прострелна рана во ногата, се предаде. Герилците – во почетокот 50-мина, речиси една година талкаа по тесните патчиња и пусти долини на одвај проодниот неплоден планински предел.

Недалеку оттука лежи Ла Игера, запуштено село со ниски куќи од ламарина, со мала црква и плоштад на кој се наоѓа голема биста на Че Гевара. Отспротива е старото, денес средено селско училиште во чија аула еден пијан лајтнант со девет куршуми од автоматот му стави крај на животот на револуционерот.

Тогашната учителка Хулија Кортес веројатно е последната што го виде жив: “Тој изгледаше многу лошо, во лоша здравствена состојба, многу ослабен, во излитена облека. Беше мачно да го гледаш таков, но и покрај се’ можеа да му се распознаат фините црти на лицето, убавите очи, сета негова надворешност беше многу атрактивна, пријатна”.

Денес 74-годишната Кортес илјадници пати ја раскажала приказната за последните часови од животот на човекот кој на страната на Кастро победи во кубанската револуција, но потоа доживеа неуспех со планот да се избори за социјализам во цела Јужна Америка.

Во Ла Игера, до која се патува седум часови од најблискиот голем град Санта Крус, речиси секојдневно доаѓаат туристи од цел свет.

80 километри од неа е оддалечен градот Валегранде, каде со хеликоптер тогаш било пренесено телото на Че Гевара. Сликите од тамошната болница го обиколија светот: мртвиот Че положен врз маса, со панталони и гол од појас нагоре. Ноќта бил тајно закопан на аеродромот за никој да не најде трага од него. Денес на тоа место стои споменик што го посетуваат државници од светот. Дури во 1997-ма година посмртните останки на Ернесто Че Гевара беа откопани и пренесени во Куба.

Кога пред 40 години Че дојде во Боливија под лажно име и сакаше да поттикне герилска војна, осиромашениот народ му откажа следбеништво, а денес му оддава почит: “Негова намера, идеологија беше да им помогне на сиромашните, скудни луѓе да живеат во мир. Но, за несреќа ние Боливијците не и’ посветивме внимание на таа благородна идеја, па така и натаму живееме во беда, со влади кои не оставаат во сиромаштија и глад, кои не мамеа и во секој поглед не уништија. Да беше тој жив до денес, мислам дека во Боливија одамна би бил постигнат пресврт” - вели 60-годишниот Макс, келнер од гавниот град Ла Пас, некогашен сирак кого Че го научил да чита и пишува.

Готфрид Штајн