1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

4 милиони бегалци од Ирак - како да им се помогне?

Во Женева два дена за тоа расправаа претставници на 60 држави и на десетици хуманитарни организации

Четири милиони Ирачани досега ги напуштија своите домови и побегнаа на посигурни места. Половината од нив најдоа прибежиште во странство, пред се’ во Јордан и Сирија. “Многу е тешко да им се понуди заштита на бегалците. Безбедноста всушност мора да биде гарантирана од државата. А во драмата во Ирак таа безбедност не може вистински да биде гарантирана. Поради тоа и имаме толку многу бегалци” - вака го наслика проблемот комесарот на ОН за бегалци Антонио Гутереш.

Ирачката влада е подготвена да даде 25 милиони долари за бегалците во странство. Но, најголемиот дел од хуманитарните организации сметаат дека многу поголем проблем е згрижувањето на бегалците внатре во Ирак. Две третини од Ирачаните, на пример, немаат сигурен пристап до вода за пиење. А тука се и секојдневните атентати. “Нужно е политичко решение за ставање крај на религиозно мотивираното насилство и за спроведување национално помирување. Тоа ќе овозможи луѓето во Ирак повторно да можат да живеат безбедно” – укажа Гутереш.

Ирачкиот министер за надворешни работи Хошијар Зебари забележа дека медиумите ја искривувале сликата и оти во многу делови на земјата и не било толку несигурно. “Многумина од бегалците се од главниот град. 80 до 90 насто од насилството се случува во Багдад. Оттука, решавачко е главниот град да го направиме побезбеден” – рече Зебари. Но, до тогаш ќе помине уште доста време. Затоа, сега е побитно конкретно да им се помогне на луѓето, нагласи комесарот Гутереш.

В петок со ситуацијата на ирачките бегалци ќе се занимаваат и министрите за внатрешни работи на ЕУ, во која, според проценките, веќе има околу 20 илјади бегалци од Ирак. САД, пак, најавија декадека привремено ќе прифатат дополнителни десетици илјади ирачки бегалци.

Поврзана содржина