1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

360 милиони евра против катастрофата во Фукушима

Јапонската влада првпат директно се вмеша во обезбедувањето на руинираната атомска централа Фукушима. Владиниот портпарол најави 360 милиони евра за оваа цел.

Неколку дена пред одлуката за доделувањето на Олимписките игри во 2020 година на Токио, Мадрид или Истанбул, портпаролот на јапонската влада најави дека околу 360 милиони евра ќе бидат одделени за обезбедување од истекувањето на радиоактивно контаминирана вода од оштетената нуклеарка Фукушима.

Со пари од даноците меѓу другото ќе биде финансирано подигањето на заштитен ѕид околу реакторите 1 до 4 од замрзната земја. Оваа заштита треба да спречи во зградите на реакторите да продира и натаму вода.

По катастрофата предизвикана од земјотресот и цунамито на 11 мај 2011 година, за ладење на оштетените реактори непрекинато се врши пумпање на вода. Еден дел од неа треба да биде деконтаминиран и повторно употребуван. Секојдневно пробиваат и околу 400 тони подземна вода, која се меша со водата за ладење од пропусните резервоари на реакторите. Компанијата која управува со нуклеарката, Тепко, секојдневно испумпува вода и ја складира во резервоари. Неодамна истекоа 300 тони вода од еден од поставените резервоари, составен само од меѓусебно заварени челични плочи. И покрај другите резервоари потоа беа измерени делумно смртоносни радиоактивни зрачења. Надзорното тело на Фукушима призна - досегашните мерења на радиоактивноста биле незадоволителни.

Тепко нема пари, мора да интервенира владата

Јапонската влада сега ќе се обиде да спречи продирање на подземна вода преку подигање ѕид од замрзната земја. При оваа техника во земјата се спроведуваат цевки со течност зазамрзнување. Во Фукушима оваа заштитна бариера ќе се протега во должина од 1,4 километри.

Освен високите градежни трошоци, за бариерата ќе постојат и големи тетковни трошоци, поради високата потрошувачка на електрична струја. Бидејќи ТЕПКО нема пари за ова, мора да се вклучи владата. За таа цел ќе се посегне во резервен фонд од тековниот буџет.

Најава пред одлуката за доделување на Олимписките игри

Шефот на Надзорното тело на нуклеарката, Шунихи Танака, со оглед на огромните маси вода во резервоарите, не исклучи испумпување на водата во морето, ако нивото на радиоактивноста се наоѓа под граничните вредности. Проблемите со уништената нуклеарка Фукушима, истакна јапонскиот премиер Шинзо Абе, не смеат да му бидат препуштени на концернот ТЕПКО.

Владата најави свое вклучување во обезбедувањето на оштетената нуклеарка Фукушима за да предизвика медиумски ефект неколку дена пред донесувањето на одлуката за доделување на Олимписките игри во 2020 година. Токио стравува дека заострувањето на проблемите во Фукушима може да ги намали неговите шанси да стане домаќин наспроти конкурентите Мадрид и Истанбул. Премиерот Абе в сабота на средбата на Меѓународниот олимписки комитет во Буенос Аирес последен пат ќе агитира Токио да биде домаќин.