1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

330 милиони евра владина поддршка за македонското стопанство

Премиерот Никола Груевски го претстави пакетот мерки на владата кои треба да ги ублажат последиците за стопанството од меѓународната финансиска криза. Засега нема закана од рецесија.

default

Седница на владата во Скопје

Владиниот пакет за поддршка на стопанството во земјата вреден 330 милиони евра, е составен од десет мерки. Премиерот Никола Груевски при неговото претставување нагласи дека Македонија не е во состојба на рецесија. Сепак владата е принудена на ваков чекор поради економско-финансиската криза и ситуацијата во која се наоѓаат земјите кои се економски партнери на Македонија. Според Груевски станува збор за превентивни мерки.

Тој појасни дека обврските по основ на придонеси за здравствено осигурување ќе бидат во мирување во наредните четири години, по што, доколку редовно се сервисираат тековните обврски, тој долг ќе биде целосно отпишан. Се предвидува и репрограмирање на долговите по основ на данок, кои ќе можат да се плаќаат до 36 рати. Пакетот меѓу другото предвидува и царински олеснувања како и поволности за земјоделците.

Ако треба ќе се гарантираат сите заштеди

Премиерот смета дека банкарскиот сектор не може да биде зафатен од финансиската криза. Владата ги следи состојбите и доколку е потребно ќе реагира и со други мерки. Една од нив е и закон за 100% покривање на штедните влогови на граѓаните и фирмите во банките.

textil.jpg

Текстилната индустрија трпи последици

И покрај актуелните последици врз економијата во земјата-пад на индустриското стопанство за 10%, отпуштени околу 3000 текстилни работници од Штип и Прилеп, недостаток на странски инвестиции, штрајк во образованието- владата останува оптимист дека наредната година ќе има развој. Вицепремиерот Зоран Ставревски смета дека во 2009 година, економскиот пораст ќе изнесува 5,5%.

DW.COM